Сутерен.мк

Исповед на Ума Турман за абортусот

„Го следев текот на радикалниот закон против абортусот во Тексас со голема тага и нешто како ужас. Сега, надевајќи се дека ќе го извлечам пламенот на контроверзноста од ранливите жени кои веднаш ќе бидат погодени од овој закон, го споделувам моето искуство. Можеби не ве интересира мислењето на актерката, но со оглед на овој срамен потег, чувствувам дека е моја одговорност да се залагам за жените.

Актерската кариера ја почнав на 15 години, работејќи во средина каде често бев единственото дете во собата. Во доцните тинејџерски години, случајно забременив со многу постар маж. Живеев во Европа, далеку од семејството и се подготвував да ја почнам кариерата. Се борев со различни мисли што да правам. Сакав да го задржам бебето, но како?
Се јавив на моето семејство. Мајка ми беше тешко болна и хоспитализирана. Татко ми отиде кај неа да разговара за опциите што ги имам.

Никогаш порано не сме зборувале за секс; ова беше прв пат и беше страшно за сите нас. Ме прашаа за статусот на мојата врска – не беше одржлива – и ме предупредија колку е тешко да одгледам бебе самостојно како тинејџер. Мојата детска фантазија за мајчинството беше потресена додека одговарав на нивните многу прецизни прашања.

Само што ја почнував кариерата и немав средства да обезбедам стабилен дом, ниту за себе. Како семејство решивме дека не можам да поминам бременост и се договоривме дека абортусот е вистинскиот избор. Сепак, моето срце беше скршено.
Еден постара пријателка од Германија се понуди да ми помогне. Ми беше дадена локална анестезија во нејзината лекарска ординација во Келн и абортирав.

Прстите ми беа цврсто свиткани на градите, а кога процедурата заврши, докторот ме погледна и ми рече: ‘Имаш убави раце, ме потсетуваш на ќерка ми’. Тој еден гест на хуманост е втиснат во мојот ум како еден од најсочувствителните моменти што сум ги доживеал. Во неговите очи јас бев личност, бев ќерка, сè уште бев девојче.

Има толку многу болка во оваа приказна. Тоа беше мојата најмрачна тајна досега. Имам 51 година и тоа го споделувам со вас од домот во кој одгледав три деца кои се моја гордост и радост. Мојот живот беше извонреден, понекогаш исполнет со скршени срца, загуба, предизвици и страв – исто како и животите на многу други жени – но исто така обележан со храброст и сочувство. Моите прекрасни, магични деца ги зачнав со мажи кои ги сакав и им верував доволно за да се осмелам да донесам дете на овој свет.

Не жалам за патувањето што го направив. Ги поздравувам и поддржувам жените кои прават различни избори. Абортусот што го имав како тинејџер беше најтешката одлука во мојот живот, онаа која тогаш ме мачеше, а денес ме растажува, но тоа беше патот до живот полн со радост и љубов што го доживеав.

Одлуката да не ја задржам таа бременост ми овозможи да пораснам и да станам мајка каква што сакав и требаше да бидам.

Немам што да добијам од оваа вистина, а можеби имам многу да изгубам. Сепак, се надевам дека малку светлина ќе блесне, ќе допре до жените и девојките кои би можеле да почувствуваат срам од кој не можат да се заштитат. Ве уверувам дека никој намерно не се наоѓа во таа ситуација.

Овој закон е уште една дискриминаторска алатка кон оние кои се економски обесправени, а често и кон нивните партнери. Жените и децата од богатите семејства ги задржуваат сите избори во светот и се соочуваат со мал ризик.

На сите вас – жени и девојки кои сте огорчени што државата ги презеде правата врз нашите тела и на сите вас кои сте ранливи и подложни на срам затоа што имате матка, велам: се гледаме. Имај храброст. Ти си убава. Ме потсетуваш на моите ќерки”.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *