Сутерен.мк

25 правила за пишувањето!

Пред повеќе од две децении, британски писател направи листа на “заповеди” за новинари. (Одлични насоки за новинарите, но и за секој кој се обидува да пишува за поширока публика.) Тим Радфорд, поранешниот уредник на „Гардијан“ за наука, уметност и литература, ги собра 25-те мисли како одговор на прашањето што самиот си го постави:”Која е најважната работа што треба да ја запаметиш за пишување статии?” Одговор:”Да натераш некого да ја прочита!”

1. Кога ќе седнеш да пишуваш, постои само една важна личност во твојот живот. Ова е некој што никогаш не си го сретнал, се вика читател.

2. Не пишуваш за да го воодушевиш научникот кого штотуку го интервјуираше, ниту професорот кој ти помогна да завршиш факултет, ниту уредникот кој неразумно те одби, ниту човекот се кого се сретна вчера на забавата и му кажа дека пишуваш. Ниту мајка ти. Пишуваш за човекот што се вози во автобус и кој ако му дадеш шанса, за петтина од секундата ќе престане да чита.

3. Значи, првата реченица што ќе ја напишеш е најважната реченица во твојот живот. Исто и втората и третата. Затоа што иако си работник, апостол или пак бранител и можеби чувствуваш обврска да пишуваш, никој не е обврзан да те чита.

4. Новинарството е важно. Но никако не смее да биде суетно. Ништо не го тера читателот да трча кон крстозборот или спортските резултати побрзо од надуеноста. Затоа, едноставните зборови, јасните идеи и кратките реченици се витални за сето раскажување на приказни. Исто и чувството на безбожие.

5. Еве нешто што треба да го закачиш над машината за пишување: “Никој нема никогаш да се пожали затоа што си направил нешто да биде премногу лесно за разбирање.”

6. Еве уште една работа на која треба да се присетиш, секогаш кога ќе седнеш на тастатурата: “Никој не мора да ги чита овие глупости.”

7. Ако се двоумиш, замисли дека читателот не знае ништо. Но никогаш не прави грешка претпоставувајќи дека читателот е глуп. Класичната грешка во новинарството е да го прецениш она што читателот го знае и да ја потцениш неговата интелигенција.

8. Животот е комплициран, новинарството не смее да биде. Токму затоа што темите како медицина, политика и сметководство се комплицирани, луѓето се обраќаат на „Гардијан“ или БиБиСи, очекувајќи овие да им поедностават.

9. Значи ако темата е заплеткана како порција со шпагети, однесувај се со твојата сторија како со една шпагета, внимателно извлечена од купот. Идеално би било ако маслото, лукот и сосот од домати останат прилепени за неа. Читателот ќе биде благодарен затоа што добил едноставен дел а не комплицирана целина. Ова се случува бидејќи под а. читателот знае дека животот е комплициран, но е благодарен кога јасно ќе му биде објаснет еден дел и под б. затоа што никој никогаш не чита стории кои почнуваат со “она што следува е необјасниво комплицирано…”

10. Еве ви правило. Сторијата ќе каже едно големо нешто. Ако (на пример се чувствувате храбри) треба да се справите со четири нишки на приказната, претворете го нивниот заплет во едно големо нешто кое сакате да го кажете. Можете да извртувате делови од вашата сторија, но само, ако не ја напуштите единствената нарација која сте ја одбрале.

11. Еве една опсервација. Не ни почнувај да пишуваш додека не одлучиш што ќе биде големото нешто и кажи си го себеси во една единствена реченица. Потоа прашај се дали мајка ти може да ја слуша реченицата подолго од една микросекунда пред да му се врати на пеглањето. Кога ќе се обидеш да му ја “продадеш” приказната на уредникот, ќе наидеш на истото ниво на внимание, па пази на оваа реченица. Често, не секогаш, но често, ова и онака е првата реченица од твојот прилог.

12. Секогаш постои идеална прва реченица, интро, начин да се влезе во новиот прилог. Навистина помага да ја смислиш пред да почнеш со пишување, затоа што ќе откриеш дека следните реченици ќе се пишуваат сами по себе и многу брзо. Ова не е доказ дека си слаткоречив, лесен, површен или елегантен. Па дури ни надарен. Ова значи дека си ја погодил првата реченица.

13. Зборовите како “слаткоречив,” “лесен,” “површен” и “елегантен” не се навреда за новинарот. Целата поента на плаќањето за весник е во тоа што сакаш информациите внатре да лизгаат лесно и брзо, без фусноти, нејасни референци и фусноти на фуснотите.

14. Зборовите како “сензационално” и “тривијално” не се навреда за новинарот. Читаш што читаш – руски романи, француски стрипови, американски трилери – затоа што нешто во нив го привлекува твоето чувство на возбуда, хумор, романса или иронија. Доброто новинарство треба да ти даде сензација на хумор и возбуда, да те допре и да биде пикантно. “Тривијално” е омилената навреда која ја користат мудрите глави. Но и тие се интересираат за нивната тема од старт, затоа што се привлечени од нешто блескаво и дречливо и да – тривијално.

15. Зборовите имаат значење. Почитувај го тоа значење. Радикализирај се и побарај ги во речникот, пронајди ги каде се. Потоа искористи ги соодветно. Не се перчи со авторитет истакнувајќи го своето незнаење. Немој тоа што го правиш да биде тешко за совладување, без да се прашаш како ти би го совладал.

16. Во класичните инструкции за весник, од клишеата треба да се бега како од чума. Освен, ако клишето не е правилно. Може да се изненадиш колку клишето може да биде корисно, доколку мудро го искористиш. Ова е вака затоа што во новинарството не мораш да бидеш толку паметен колку што треба да бидеш брз.

17. Метафорите се супер. Само не одбирај чукнати метафори и не ги мешај. „Гардијан“ имаше специјална награда – “Замолчена пирана,” еден вид на Оскар за неспособност, која му ја дадоа на репортер за индустриските односи, што го предупреди светот дека дивите мачки од Конгресот на трговскиот синдикат демнат од грмушките, и доколку не бидат замолчени, подготвени се да нападнат како пирани. Џорџ Орвел известуваше за пратеник кој тврдел дека жестокиот октопод – фашист ја запеал лебедовата песна.

18. Чувај се од сленгот. Кога Мојсеј го предупредил фараонот дека треба да ги ослободи неговите луѓе не му рекол “дај да дишеме бе брат, а фараонот му кажа во стил – другар, нема шанси!” Кафеанскиот јазик има свој ритам, свој говор со тело, свои инструменти за сигнализација. Пишаниот јазик нема акцент, сигнал на иронија, комедија или потсмев. Мора да биде јасен, чист и живописен. А за да биде јасен и живописен, мора да ја следи граматиката.

19. Чувај се од апсурдни и долги зборови. Чувај се од жаргон. Ако пишуваш за наука ова е два пати поважно. Ако пишуваш за наука, повремено ќе треба да разменуваш зборови кои ниту еден обичен човек никогаш не ги користи, како фенотип, митохондрии, космичка инфлација, Гаусова распределба и изостазија. Навистина не сакаш да бидеш сјаен и умесен. Можеш да се обидеш да бидеш јасен и среќен.

20. Не уништуваш, туку убиваш. Не лачиш плунка, туку се лигавиш. Мојсеј на фараонот не му рече “Последиците од не пуштањето на конкретен субјект на една етничка група може ултимативно да резултира со алгална манифестација во главниот речен басен, со непредвидливи последици по флората и фауната, не исклучувајќи ги потрошувачките услуги. Тој рече: “Реката ќе се претвори во крв. Рибите ќе пцовисаат во реката и реката ќе засмрди.”

21. Запомни дека луѓето ќе реагираат на нешто блиско до нив. Загрижените граѓани на јужен Лондон треба повеќе да се грижат за економските реформи во Суринам отколку за саботниот меч на Милвол, но повеќето не го прават тоа. Прифати го тоа.

22. Читај. Читај многу и читај различни нешта. Читај ја Библијата, читај го Дикенс, поемите на Перси Биш Шели, и Марвел стрипови, трилерите на Честер Хајмс и Дашиел Хамет. Види какви неверојатни нешта можеш да направиш со зборови. Забележи како на волшебен начин можат да сместат цели светови во простор од половина страница.

23. Не пишувај дефинитивно. Последниот коњ на трката во Сури нема да биде последен на трката во Годалминг. Речиси секогаш ќе има некој кој ќе излезе поголем, побрз, побогат или погаден од кандидатот кој тукушто го награди со суперлатив. Ако не, барем квалификувај го: “според Гинисовата книга на рекорди”, “листата на богати на Сандеј тајмс”…

24. Постојат работи кои добриот вкус и законот нема да ти дозволат да ги кажеш во печатот. Моите последни фаворити се “Убиецот ослободен” и (во извештај од религиозна велигденска претстава) “Пол Маерс, кој го толкуваше Исус излезе како ѕвезда на шоуто.” Обидувај се и сфати каде е проблемот со вкусот и што ќе те чини околу половина милион по збор.

25. Пишувачите имаат одговорности, не само пред законот. Цели кон вистината. Ако тоа е нејасно, а често е, во најмала рака пробај да бидеш фер, свесен дека секогаш има друга страна од приказната. Чувај се од тврдењата за објективност. Ова е најризично. Може да известиш дека Кралското друштво вели дека генетските модификации се добри и дека осиромашениот ураниум во основа не е штетен. Но треба да запомниш дека луѓето кои ги измислија генетските модификации беа веднаш одбрани од Кралското друштво заради нивната вештина, од луѓе кои веќе се таму затоа што знаат како да збогатат ураниум и да добијат и гориво и осиромашен ураниум. Па да ја парафразирам госпоѓицата Менди Рајс Дејвис – “Би го кажале тоа, зарем не?”

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *