Сутерен.мк

Викенд рецепт: Ајвар, за сите пари

Времињата во кои живееме не да се лоши, туку секојдневно стануваат се полоши и полоши.

Што ќе рече, удолница. Многу стрмна.

Бидејќи е така, како што е – егзистенцијално тотално несигурно нашето основно битисување, suteren.mk Ви нуди мала помош за презимување.

Поточно, тоа го прави баба Румена, родена скопјанка од Ресен, но темелно заразена со ресенизмот, без колебање, преку четирите децении живеење во Преспа.

Значи, зборуваме за една енергична, досетлива и многу борбена, речиси 80-годишна своеглава госпожа, која му дојде до ак и на веќе, прескапото правење ајвар. (Кој со децении го подготвуваше со по 60-тина тегли, што за дома, што за подарок на поширокото семејство, комшиите, пријателите…)

Сите знаеме дека ајварот и нема некоја нутритивна вредност, но има сентиментална, традиционална, па дури и институционална. И, што би рекла баба Румена: „Ако и ајвар веќе не правиме, што ќе ни биде зимница?! Циронки во сос од јаболка или грав потпечен со прелив од костени?!“

И, бидна.

Верувајте дека не сте пробале повкусен, а и подомаќински ајвар.

А оди, вака…

* Купувате четири тегли од најефтиниот индустриски т.н. ајвар, што може да го најдете во најблесавиот маркет.

* Потоа набавувате три килограми модар патлиџан.

* Модриот патлиџан го лупите, печете, мелете и пржите со сончогледово масло околу 30 минути во поголемко тенџере.

* Му го додавате т.н. ајвар од четирите тегли и пржите уште 30 минути.

* Додавате при крајот лажиче сол, еден филџан шеќер, а ако сакате и ситно сецкан лук и магдонос, но тоа зависи од вашиот личен вкус…

* „Спакувајте“ го во чисти, стерилизирани тегли и, готово.

(Од наведената количина, ќе добиете шест тегли одличен ајвар, а за повеќе, дуплирајте го рецептот.)

Ете!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *