Сутерен.мк

Испраќање на маестро Џамбазов

„Цел живот беше во сенка на други, а, всушност, беше најголемиот генијалец во семејството“, рече Игор Џамбазов на комеморацијата посветена на неговиот татко Александар Џамбазов, легендарниот композитор и диригент кој почина во вторникот на 85 години!

(Фото: К. Попов)

Стотина луѓе се собраа во фоајето на Националната опера и балет (НОБ) за да му искажат почит и благодарност на еден од најплодните македонски музички творци, кој особено е заслужен за развојот и популаризацијата на детската и забавната музика. Место со минута молчење, комеморацијата беше отворена со минута музика и минута аплауз.
„Ви благодарам за оваа огромна доза на љубов што ја имате кон вашиот омилен маестро, вашиот чичко Ацо, вашиот Џамбаз. Еден кроток, мил господин, човек чие спомнување предизвикуваше насмевка кај луѓето. Знаеше да каже: ‘Што сум јас? Цел живот бев зет на Петре, па маж на Анче, па татко на Тања и Игор, а што сум јас?‘ Сега ќе ти кажам, ти си маестро!“, рече Игор Џамбазов во емотивното кратко обраќање.

Роден во Војводина, Џамбазов пораснал во Штип и Скопје, а по дипломирањето во Белград почнал да работи во Радио-телевизија Скопје и таму остана до пензионирањето, неколку децении диригирајќи со Танцовиот оркестар. Покрај тоа што неуморно компонираше, беше и основоположник на два значајни фестивала: Скопскиот за забавни мелодии и детскиот „Златно славјче“. Авторскиот опус на Џамбазов брои 982 авторски дела.
(Фото: К. Попов)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *