Осум часа без храна пред вадење крв често не се неопходни

Нова студија ја доведува во прашање долгогодишната практика според која пациентите пред повеќето рутински анализи на крвта не треба да јадат осум до 12 часа

Анализата на повеќе од 9,7 милиони лабораториски резултати покажала дека краткотрајното гладување минимално влијае врз повеќето испитувани параметри, но истражувачите предупредуваат дека тоа не значи дека пациентите треба да ги занемарат упатствата на лекарите.

Воздржувањето од храна е вообичаено барање пред многу рутински лабораториски анализи на крвта. На пациентите често им се советува осум до 12 часа пред земањето на примерокот да не јадат и да не пијат ништо освен вода.

Меѓутоа, според новата студија, ваквата подготовка можеби не е неопходна за голем број анализи. Освен неколку значајни исклучоци, резултатите укажуваат дека многу пациенти би можеле да јадат и да пијат во часовите пред анализата, без тоа значително да влијае врз резултатите.

Самите резултати од студијата сè уште не се доволни за да се промени досегашната практика на воздржување од храна пред анализите, ниту значат дека пациентите треба да ги занемарат упатствата на лекарите да дојдат на празен стомак. Сепак, истражувачите сметаат дека тие даваат убедливи докази оти треба да се преиспита оправданоста ваквото барање да биде стандардно правило пред рутинските анализи на крвта.

Повеќето анализи минимално зависат од гладувањето

„Нашата сеопфатна анализа покажува дека краткотрајното воздржување од храна минимално влијае врз повеќето рутински анализи на крвта, додека гладувањето подолго од 12 часа не било поврзано со значителни дополнителни разлики кај ниту еден од испитуваните параметри“, наведуваат авторите на студијата.

„Овие наоди укажуваат дека традиционалните, строги барања во врска со гладувањето треба да се преиспитаат и да се заменат со попрецизен пристап кон подготовката за анализа, приспособен на секој поединечен параметар“, истакнуваат истражувачите.

Строгите правила за воздржување од храна првично биле воведени поради стравувањето дека исхраната на пациентите би можела да ја наруши точноста на клиничките резултати. Резултатите од анализите на крвта често се основа за важни медицински одлуки, а врз одредени мерења навистина значително можат да влијаат фактори кои претходат на тестирањето, како што е внесувањето храна.

За овие варијации да се сведат на најмала можна мера, лекарите почнале главно да им советуваат на пациентите да не јадат осум до 12 часа пред земањето крв.

Истражувачите објаснуваат дека оваа практика „настанала поради анализите на липидите и глукозата“, но денес стандардно се применува на многу поширок спектар лабораториски анализи.

Препораките се разликуваат од лабораторија до лабораторија

И покрај широката примена на оваа практика, препораките за оптималното времетраење на гладувањето сè уште не се усогласени.

Досегашните истражувања покажале дека воздржувањето од храна има значење за одредени анализи, но неговата оправданост кај голем број различни тестови досега не била систематски испитувана врз основа на клинички податоци.

Истражувањата за воздржувањето од храна пред анализите главно биле насочени кон испитување на липидите, додека споредливите податоци се ограничени кога станува збор за анализи на црнодробни и панкреасни ензими, хематолошки показатели, хормони и витамини, напоменуваат авторите.

Поради тоа, и препораките за гладување може да се разликуваат од една до друга лабораторија.

Имајќи ги предвид ограничувањата на постојните истражувања, но и оптоварувањето што воздржувањето од храна може да го претставува за пациентите, авторите на новата студија подетално ја испитале оваа долгогодишна клиничка практика.

Анализирани повеќе од 9,7 милиони резултати

Истражувачите, предводени од Сунгхван Шин, лекар по лабораториска медицина во Медицинскиот центар „Асан“ при Универзитетот Улсан во Сеул, спровеле ретроспективна студија на пресек, користејќи лабораториски податоци собрани меѓу 2021 и 2023 година во една универзитетска болница со 670 кревети.

Во студијата биле вклучени сите полнолетни амбулантски пациенти за кои било забележано колку долго не јаделе пред вадењето крв.

Авторите ги поделиле во три групи – оние кои гладувале помалку од осум часа, од осум до 12 часа и подолго од 12 часа.

Конечниот сет на податоци опфатил повеќе од 9,7 милиони резултати од анализи кај повеќе од 101.000 пациенти. Истражувачите во овие податоци барале разлики поврзани со времетраењето на гладувањето кои ги надминуваат утврдените спецификации за аналитичките перформанси (APS).

По споредбата на различните групи и анализата на резултатите кај истите пациенти, било утврдено дека времетраењето на гладувањето било поврзано со разлики кои ги надминуваат границите на APS кај само 10 од вкупно 121 параметар опфатен со анализите на крвта.

Глукозата и триглицеридите меѓу исклучоците

Се чини дека воздржувањето од храна навистина има значење кај овие неколку параметри – пред сè кај глукозата, триглицеридите, гама-глутамил трансферазата и липазата.

Вредностите на сите овие показатели биле повисоки кај пациентите кои гладувале пократко од осум часа.

Меѓутоа, кога станува збор за многу други параметри, резултатите укажуваат дека гладувањето од осум или повеќе часа би можело да претставува непотребно оптоварување за пациентите.

„Овие наоди ја поддржуваат примената на барања за гладување приспособени на конкретниот параметар, наместо едно единствено правило за сите анализи“, наведуваат авторите.

Во придружниот коментар, клиничката биохемичарка Лив Тибјерг Нордестгор од Универзитетската болница во Копенхаген и нејзините колеги наведуваат дека студијата „дава силна потврда на сè поголемиот број докази дека земањето крв на празен стомак не е неопходно“.

Истражувањето е објавено во списанието JAMA Internal Medicine.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *