Холандските фармери повеќе од десетина дена протестираат против владините планови според кои фармерите би морале да користат помалку ѓубрива и да го намалат својот добиток, што би можело да принуди некои фарми да затворат.
Холандската влада сака да ги намали емисиите на азотен оксид и амонијак, кои се произведуваат од добитокот, до 2030 година. Според плановите, намалувањата би можеле да достигнат седумдесет отсто во некои области.
Како одговор, холандските фармери ги блокираа супермаркетите, дистрибутивните центри и (авто)патиштата, па се јавил недостиг од прехранбени продукти во областите кон границата со Германија. Синџирите за снабдување со прехранбени производи претрпеле загуби десетици милиони евра.
Холандската полиција во вторникот вечерта во северна Холандија пукаше кон земјоделците кои возејќи трактори сакаа да ја пробијат блокадата од полициските возила.
Според полицијата на Фриланд, нивните истрели погодиле трактор, но нема повредени.
Холандските земјоделци изнесоа и тенк на протестот, а пред владините институции во Хаг има трактори, комбајни и крави, се палат бали со сено, се корнат дрвја, пред куќите на политичарите се прска со шталско ѓубре, се истовараат лепешки…
Инаку, пред дваесет години реонот околу природниот резерват во Ахтерхоек бил земјоделско земјиште, а сега е тампон зона. Фармерите поставиле табла и го прогласиле ова подрачје за територија на Германија, бидејќи во таа земја важат поинакви правила кога е во прашање емисијата на азотот. Територијата се наоѓа блиску до границата со Германија.
После побуната на фармерите во Холандија поради „зелената агенда“ со која се предвидува драстично намалување на сточниот фонд, и италијанските и полските фармери почнаа да се организираат за слични протести за да се изборат за своите права и да ја заштитат егзистенцијата на своите семејства.