Сутерен.мк

Бранка Н. Доневска: Што е важно?

Токму денеска си се прашав себеси: По што ќе ме паметат?
По новинарство и пишување сигурно не. Да е така, ќе ме ставеа на Тиме.мк, без да ги молам. Не ме ставија. И нема да ги молам.
Ми е гајле си велам, но сепак, по што ќе ме паметат?
Да вредев, ќе ме вработеа на добро работно место, нели?! Значи, не ме бива.
Да вредеше нешто мое, ќе имаше илјадници лајкови, споделувања, а со тоа и реклами и инфлуенсерство или, како и да се вика веќе тоа…
Што ќе рече, ќе имаше пари.
Претенциозното его свесно ти бара да влезеш во историјата (имањето биолошки деца едноставно, не му е доволно), постојано да се покажуваш и докажуваш пред другите.
Малку е, многу е малку, тоа што на тебе ќе се сеќаваат само најблиските – по добро и по лошо. Иако, ќе се сеќаваат. По лошо.
Не можеме сите да бидеме Алија Сиротановиќ (толку актуелен деновиве), кој, кога го прашале што му треба, одговорил со: „Само поголема лопата“ (Којзнае колку бил циничен. Или можеби и не, но сеедно, „тоа“ стои.). После, сите го заборавија нормално, не е заборавот измислен вчера.

Недостоинствени мисли се ова, но неодминливи.
Ќе ме паметат ли по тоа што бев напорна, тешка како црна земја, ситничар до излудување, импулсивна како и секој ненормален, контроверзна, трпам-трпам и оп, те задавив…
Или ќе ме паметат што се, буквално се можам да разберам и истолерирам освен, злоупотреба на некој слаб, зависен, очаен.
Не сум автентична по ништо, ама па, кој е автентичен во Камедоњава, се тешам. И заборавам.
Зошто постоев, зошто се уште дишам?
Имам работа, секако. Детето ми е се уште мало, а мајка ти треба и на 93 години. Тоа и не е работа, тоа е нужна потреба да постоиш. Да се грижиш за своето постоење, за да постои некој друг. Или барем, да му е полесно постоењето. Но тоа не ги решава главните прашања.
А, главните прашања се менуваат со времињата.
Нешто сепак, останува вечна вредност:
– Не доцнете на состаноци.
– Не лажете.
– Не лажете.
– Не лажете.
– Не лажете.
– Не лажете.
– Не доцнете на состаноци.
Дали вреди?

Покрај сите оние лајпрди и бараби кои се збогатија продавајќи благословен воздух во тегла?
Не секој е создаден да тргува со добрите намери. И за тоа треба талент, а богами понекогаш, и добра поткованост по манастирите.
Што ќе рече, не се што е слаткоречиво и изгледа како чесно е навистина и такво.
Не секогаш десетте илјади лајкови значат дека нешто важно правиш.
Но… но, кога ќе добиеш ваков коментар, се се менува.
Твоето постоење за момент, станува битно. За момент. А тоа е многу, многу важно. И трајно.

Вреди ли?
Зависи од тоа дали ти треба излитена, „богоугодна, простодушна“ и алчна швалерка од Бразда, која не знае како да стигне пешки од МНТ до Собрание или крастосан, лабилен и лаком бараба, којшто ја краде државата т.е. нас, постејќи и молејќи се над бугарскиот пасош. Ако некој го изневерил Бога, што мислите, колку му треба да ве излаже вас?

Не вреди, ако си со еден збор кажано, јаничар.
А, ако се прашувам јас, вреди.
Во секој случај.

Без разлика на цената.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *