Сутерен.мк

Филипинка со 106 години на насловната на „Вог“

Насловната страница на новиот априлски број на филипинското издание на „Вог“ стана вистински хит на друштвените мрежи, а некои дури ја прогласија за најдобрата насловна на сите времиња.

106 годишната тату-артистка Апо Ванг-Од од селото Бускалан на Филипините била инспирација за уредниците на престижното модно спиание „Вог“, и затоа ѝ посветиле огромно внимание на нејзината приказна преку опширен разговор со неа.

„Апо Мариа Ванг-Од Огај ја симболизира силата и убавината на филипинскиот дух. Таа е последната тату-артистка на својата генерација, а симболите на племето Калинга ги тетовирала на илјадници луѓе кои отишле на аџилак во Бускалан“, напишаа во објавата и издвоија еден од нејзините цитати.

Кога ќе ми дојдат посетители од далечни земји, секогаш со задоволство ќе ги истетовирам со симболите на Бускалан и Калинга. Ќе го правам тоа додека сум жива“, изјави Апо Ванг-Од за „Вог“. Апо е најстарата личност која позирала за насловната страница на Вог.

Станува збор за тату-артистка која со децении својата уметност ја пренесува на младите генерации, но луѓето пред сѐ ги фасцинирале фотографиите од Апо кои ги потпишува Арту Непомуцено, како и тоа што од „Вог“ решиле токму неа да ја стават на наслованта страница.

Над 185 000 луѓе ја лајкнаа насловната фотографија на филипински „Вог“ на Инстаграм, а коментарите беа полни со пофалби. Објавата собра повеќе од 2.800 коментари, а ние ќе издвоиме само неколку.

„Каква убава насловна страница“, „Ова е епска насловна на Вог“, „Ова е можеби најубавата насловна страница на Вог досега. Горд сум на вас“, „Прекрасна насловна за изданието за убавина. Покажува како убаво да старееме “, „Ова е веќе легендарна насловна“, „Цел живот чекам вакво нешто“, се само дел од коментарите под објавата.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *