Нијагарини Водопади е името на градот во којшто има три различни водопади: Потковични водопади (познати исто како и Канадски водопади), Американски водопади и помалите водопади на Невестинскиот превез. Нијагарините водопади не се многу високи, но, се баеги широки.
Нијагарини Водопади се наоѓаат на дваесет минути возење од американскиот град Бафало во државата Њујорк и на час и половина од Торонто. Водопадите се прославени заради нивната убавина, но претставуваат и важен извор на хидроелектрична струја.
Тие се популарна туристичка атракција речиси еден век и ова природно чудо го делат збратимените градови Нијагарини Водопади (Онтарио) и Нијагарини Водопади (Њујорк).
Градовите ги спојува мостот Виножито. Канадскиот дел од градот се наоѓа на левиот брег на реката Нијагара (долга четириесеттина километри), којашто нема извори, туку се создава од езерата Онтарио (нема спас од оваа огромна слатководна површина, верувајте!) и Ири и е голем туристички центар.
Во него живеат деведесеттина илјади жители, кои претежно се занимаваат со туризам.
Заради бројните хотели, ресторани, казина, забавни центри, паркови, излетнички места…, го нарекуваат Лас Вегас на Онтарио.
Речиси триесет милиони туристи ги посетуваат водопадите на годишно ниво така што, тие играат голема улога во животите на локалното население.
Постои и тунел во којшто посетителите се симнуваат со лифт со стакло на длабочина од околу 55 метри под првата голема електрана на водопадите, а потоа минуваат тунел долг над шестоттини метри. На крајот од тунелот има платформа која овозможува спектакуларен поглед на водопадите.
И од канадска и од американска страна има мали крстарења што ги носат посетителите на бродот директно до падовите за да уживаат во автентичен природен спектакл што е можно поблиску.
Канадските туристи во бродовите се во црвени спасувачки елеци и шушкавци, а американските во сини. (Но, сини се и шушкавците што ги имате на располагање кога се симнувате во канадскиот Тунел.)
Некогашната електрана е претворена во историски музеј. При спуштањето со лифтот се гледаат фасцинантни експонати, кои покажуваат како во 1901 година се вршеле ископувања со фенери, рудиментарен динамит, копачи и лопати.
Градот Нијагарини Водопади е родното место на хидроелектричната енергија. Во 1896 година, Никола Тесла развил систем на наизменична струја, што овозможил пренос на електрична енергија произведена долж реката Нијагара до домови и деловни простории.
На секој чекор се гледа почитта кон Тесла.
Врие од туристи од сите страни на светот. Сепак, најмногу има Американци.
Од густата магла што се создава од водопадите тешко се прави добра фотографија со мобилен, но чувството е неповторливо додека гледате во таа моќна вода.
При посетата на Нијагарини Водопади, за прв пат забележавме дека Канаѓаните (за разлика од Американците), често речениците ги завршуваат со „eh“ – што би било еквивалент на нашето „нели“ или „м/а“. На пример: „Убаво е, нели?!/Убаво е, м?/Убаво е, а?“
Б.Д.Н.