Сутерен.мк

Учениците Македонци во Непроштено учат во контејнери

Во крајно мизерни услови учат учениците во тетовското село Непроштено, кои следат настава на македонски јазик.
Се работи за два контејнери во кои во 1999 година за време на косовската криза беа сместени бегалците од Косово.
Тие се стари и дотраени. На зима ладно, на лето неподносливи високи температури.

Дотраената инсталација не дозволува да се вклучат повеќе грејни тела за да се затопли објектот. Покривот прокиснува, а тоалетите се во ужасна состојба. Часот по физичко образование го одржуваат во кал и пепел на игралиште кое неодамна го зафати поплава, но Општина Теарце под која припаѓа село Непроштено се уште нема преземано никакви мерки за санирање на штетата и чистење на игралиштето.

Жителите на селото чии деца и внуци следат настава во вакви мизерни услови, бараат надлежните што поскоро да преземат мерки за обезбедување на достојни услови за следење на настава.
Од Министерството за образование и наука одговорија дека тие како институција инвестираат во училишни објекти, врз основа на доставени барања од страна на локалните самоуправи, проценка на реалните потреби и врз основа на чиста документација.

„Досега не е доставено, но доколку општина Теарце достави до МОН соодветно барање и урбанистичко – планска документација, ќе се пристапи кон разгледување и одлучување за понатамошно постапување, односно внесување на проектот во некоја од следните инвестициски програми“, соопштија од Министерството за образование.

Од Општина Теарце пак велат дека проблемот е наследен, а изградбата на нов училишен објект би значело финансиски товар на општината, ако се земе предвид дека во истото село има уште еден училишен објект каде настава следат ученици Албанци, а ги исполнуваат сите услови за одржување на воспитно-образовен процес.

„Сакаме да ве известиме дека во ова село постои основно училиште од 1954 година во кое во последно време реализирани се инфраструктурни инвестиции и актуелно поседува добри услови за настава каде наставата ја следат 110 ученици. За жал не постојат финансиски можности за изградба на нов објект, а особено кога веќе имаме еден постоечки. Нашето мислење е учениците кои следат настава на Македонски јазик да се приклучат и да учат заедно со учениците Албанци каде има добри и значителни просторни услови, тоа е решението на проблемот“, соопштија од Општина Теарце.

Но, мештаните не се согласуваат со ставот на Општина Теарце оти како што велат во училиштето во минатото учеле заедно учениците Македонци и Албанци, но по бројните меѓуетнички инциденти, жителите стравуваат децата да се вратат и таму да ја продолжат наставата.

Поради лошите услови, сега во двата контејнери оваа учебна година настава на македонски јазик следат само 12 ученици. Дел од нив се отселени, но има и деца кои се запишани и во основните училишта во Тетово.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *