Полицијата е во потрага по 14-годишно девојче во Скопје, коешто исчезна на пат кон училиште. За последните три години во Македонија исчезнале над 70 малолетници
Неколку дена пред да профункционира системот за рано предупредување за исчезнати деца – „Најди ме“, јавноста во Македонија е на нозе во потрага по 14-годишно девојче во Скопје, коешто исчезна на пат кон училиште. Потрагата трае повеќе од 24 часа – во неа се вклучени полицијата, семејството, но и бројни граѓани и соученици коишто споделуваат објави на социјалните мрежи, лепат плакати со нејзина фотографија и бараат какви и да се информации околу тоа каде исчезна малолетничката.
Името на Ѓорчевска Вања денеска се најде и на сајтот на полицијата во делот на потрагите по исчезнати лица. Мајката на 14-годишното девојче во понеделникот (27.11) во 8.35 часот пријавила во полицијата дека девојчето исчезнало, по што започна потрагата. Ученичката заминала од дома во 7.20 за на училиште и оттогаш и се губи секаква трага.
„Облечена е во црни панталони со странични џебови, светлосин џемпер, црна кратка зимска јакна и бели патики ’најк’ со кафеава лента на ѓонот. Последен пат е видена во Дебар Маало на пат кон ‘Песталоци’“, објави мајката на социјалните мрежи. Таа во изјава за дел од медиумите вели дека девојчето не било жртва на булинг, ниту пак имало несогласувања во домот.
„За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето веднаш по добиената пријава вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери итн. Истрагата продолжува интензивно“, порачаа од МВР.
Ова не е единствениот случај на исчезнато дете по коешто трага полицијата. За последните три години во Македонија исчезнале над 70 малолетници, но најголем од нив се пронајдени. На сајтот на МВР се уште се активни потрагите по седум деца на коишто им се губи трагата изминатите години. Меѓу последните е фотографијата и податоците за Петар Џобески, за кој од 25 февруари 2022 година, родителите се уште чекаат некаква информација каде е нивниот син. Џобески исчезна на десетгодишна возраст во Мариовско. Станува збор за дете со попреченост, по коешто долго траеше потрагата.
Во кумановски Средорек, пак, исчезнаа две петгодишни деца во 2010 година – Мирсада Хелдовиќ и Дане Мемеди. Во речиси ист период во Скопско, пак, беше пријавено исчезнувањето на малиот Митат Ибраими. Случаите кои имаа голем одек во јавноста, се уште немаат разрешница.
Повеќе од 250.000 деца исчезнуваат секоја година во Европа, а во Северна Македонија просечно околу 300 лица од кои значителен број се деца, посочуваат од невладините организации.
Граѓаните од декември на располагање се очекува да го имаат системот за рано предупредување за исчезнати деца – „Најди ме“ (најдиме.орг.мк) на кој можат да поднесат пријава и да помогнат во пронаоѓањето на исчезнатите лица, но под услов за тоа веќе да е алармирана и полицијата. Со платформата „Најди ме“, надлежните се надеваат за поуспешна потрага по исчезнати лица со споделување релевантни информации. Страницата е веќе во функција. Вакви системи има во Европа и во САД, а веќе и во регионот. Во Србија од крајот на октомври почна да функционира системот „Пронајди ме“, по примерот на таканаречениот „Амбер алерт“ кој итно ја известува јавноста кога ќе исчезне дете.
Кога некој ќе пријави исчезнати лице, МВР веднаш постапува и не се чека да поминат 24 часа или 48 часа по пријавата. Потоа во зависност од информациите со кои се располага за причините за исчезнување, се распишува локална или централна објава, а по потреба и меѓународна објава.
Според податоците од МВР, од јануари.2020 година, заклучно со 28.11.2023 година, од пријавените исчезнати лица малолетни лица се 74, а пронајдени се 65 лица.
„Потрагата е активна за 6 деца, на возраст до 14 години. Станува збор за две деца од Скопје, и по едно од Штип, Куманово,Прилеп и Гевгелија. Околностите под кои се исчезнати лицата не укажуваат на можно киднапирање, согласно оперативните информации на МВР и пријавите доставени од страна на пријавителите. Најчесто се наоѓаат по место на исчезнување или во околните населени места“, велат од МВР.
Пријава за исчезнато лице се поднесува во полициска станица од општа надлежност по место на исчезнување на лицето. Потрагата по исчезнатото лице се објавува на локално или централно ниво во зависност од информациите каде би можело да се наоѓа исчезнатиот, а во одредени случаи се распишува и меѓународна објава.
Според Европскиот центар за исчезнати деца, 300.000 деца исчезнуваат секоја година.