Александар ми рече „ако Вања е убиена, ќе се убијам и јас“, кажа во својот исказ роднина на 14-годишната Ѓорчевска која е убиена лани. Сведочеше и чичкото на Зорица, Митко Лазаров, кој кобниот ден бил дел од потрагата во близина на „Силбо“ каде последен пат бил лоциран телефонот на Вања. Го затекнал Александар сам во возилото и го прашал што е работата. Тој му рекол дека ако девојчето е убиено и тој ќе се убие.
Два часа по грабнувањето на неговата ќерка Вања, Александар Ѓорчевски во 9:15 часот утрината на 27 ноември, минатата година бил забележан со неговото возило на камерите на Сејф Сити како поминува покрај хотелот „Александар Палас“ кон Качанички пат. Ова денеска пред Кривичниот суд го сведочеше Дејан Димовски, началник на Единицата за насилен криминал во СВР Скопје.
Димовски во судница кажа и дека за време на распитот на Ѓорчевски го прашале како знаел во кој правец да се движи за да ја лоцира Вања на што тој одговорил дека, поведен од криминални филмови, заклучил дека киднаперот секогаш се движи кон најблиската граница, но, сепак, не отишол до таму затоа што имало гужва.
Во телефонот на мајката Зорица нашле порака испратена вечерта пред грабнувањето. Станувало збор за копија од комуникација меѓу Вања и Александар на социјалните мрежи. Во пораката напишал дека утре ќе биде ладно и затоа треба топло да се облече.
Началникот спомена и избришана порака во вибер групата на родителите од класот на Вања во која Александар напишал „Кажете колку пари треба“. Според Димовски, очигледно ја згрешил групата. Адвокатот на Ѓорчевски рече дека пораката била сосема нешто друго.
На денешното рочиште за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, сведоци изнесоа нови детали за истрагата, вклучувајќи ги сомнежите кон таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Началникот на единица за насилен криминал во СВР Скопје, Дејан Димовски, објасни дека сомневањето првично произлегло од изјави на двајца обвинети, Велибор Манев и Боре Видевски, кои го поврзале Александар со настанот. Во текот на судењето, Димовски посочи дека не е пронајдено оружјето и дека парафинска ракавица не била земена од обвинетите поради изминатото време од настанот.
Димовски исто така истакна дека тимот од СВР Скопје извршил профилирање на родителите на Вања врз основа на нивниот социјален и приватен живот. Во разговорите се појавиле индиции дека девојчето можеби сакало да ги казни родителите со бегство, а во тие разговори се споменале несогласувања во семејството и обидот на девојчето да се повреди во минатото. Дополнително, сведокот објасни дека родителите знаеле за виртуелниот дечко на Вања од Шведска, со кого имале и конфликти преку интернет.
Одбраната на обвинетите постави прашања за состојбата во која се наоѓал Видевски кога дал искази и дали била употребена тортура врз него. Сведокот изјави дека не била употребена сила и дека Видевски седел на столица кога го поврзал Александар со случајот. Покрај тоа, на прашањето зошто не била земена парафинска ракавица, сведокот објасни дека после недела дена од настанот тоа не било вообичаена пракса.
Дополнително, Влатко Кешишев, еден од обвинетите, изјавил дека работел по насоки на Љупчо Палевски, познат како Палчо. Според исказите на сведоците, Кешишев на полицијата им објаснил дека заедно со Палчо и Велибор Манев, кој живеел на иста улица со Панче Жежовски, извршиле грабнување. Полицијата го испрашувала Кешишев за местото каде бил запален автомобилот „Цитроен“, кој бил користен за киднапирање на Вања.
Кешишев го одвел истражниот тим до локацијата каде бил пронајден запалениот „Цитроен“ и потоа ги однел до уште една локација, каде посочил на место каде биле закопани предмети поврзани со злосторството.
Стигавме до местото каде беше запален „цитроенот“. Кешишев нѐ донесе до запалениот „цитроен“. Музафер му велеше „ајде кажи“, тој велеше „се плашам, ако дознаат, Палчо има многу луѓе во полиција, ќе ме убие“. Кешишев рече да одиме накај ридот, влеговме пак во колите. По асфалтен пат, па почна земјен, излеговме пешки нагоре. Прво Музафер со Кешишев и наидовме на рачва, тие отидоа лево, ние десно и бараме, јас не знам што бараме, се надмудрувавме… Се вративме, се најдовме кај рачвата. Му рековме, „ајде кажи, не нѐ вози“, рече „ајде“. Тргнавме по левиот крак, по 700 метри почна да покажува со главата на едно место. Не зборува, само со главата покажува. Што да правиме прашувам, да копаме, тој пак со главата покажува кон едни перници, мушами, куфер…
Ги тргнавме, одоздола земја, видовме дека е ровка. Почнавме да копаме, видовме земјата пропаѓа. Музафер и Кешишев стоеја на страна, Кешишев не сакаше ни да гледа, беше свртен со грб. Дојде Музафер, вика „абе овој Кешишев вели дека таму е ова маленкото што го барате“. „Што збориш?“ Му реков „дојди и ти да копаш со нас“. Баравме лопати, немавме сила да копаме, бевме неспиени, уморни. Еден од нас отиде во селото, најде лопата, началникот копаше. Се појави нешто бело, нѐ фати шок, солзи ни наидоа на сите на очите.
Му јавиме на јавниот обвинител Гаврил Бубевски, на судска медицина, да се продолжи со работа. Им се јавив на колегите што разговараа со Велибор Манев, им реков го најдовме девојчето, разговарајте убаво со Манев. Кешишев му рекол на Музафер, „знаеш ли кој беше со нас, Боре каратистот“. Па и за него баравме да се уапси. Дојде на лице место судска медицина, ЈО, се подигна телото. Се вративме назад, во шок. Телото кога го извадија, беше како жива.
Рацете ѝ беа врзани позади со стега, нозете ѝ беа врзани, на устата имаше лента. Не видовме други знаци на насилство, беше како жива. Дали дека времето беше ладно, немаше знаци на распаѓање. Кога се вративме, колегите што разговараа со Манев ни кажаа дека овој признал сѐ за Панче и им кажал каде е закопан и ќе ги носи да им го покаже телото – сведочеше началникот Димовски.
На почетокот од истрагата сметавме дека девојчето доброволно влегло во некое возило и дека го напуштила домот, дека едноставно сакала да ги казни родителите. Немаше логика дека е киднапирана, немаше ниту откуп, ништо, изјави началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, кој сведочеше на денешното рочиште за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, во Основниот кривичен суд Скопје.
Сведокот Дејан Димовски, кој во тоа време работел како началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, за настанот бил известен на 27 ноември 2023 година, што како што вели било невообичаено, иако надлежноста за постапување по исчезнатото девојче било под ПС Центар.
-В о текот на вечерните часови добив повик од помошник началник на СВР Скопје дека ќе треба да се вклучиме и ние, бидејќи има изјави од родителите дека девојчето може да е киднапирано. Се собравме во СВР Скопје. Имаше доста нелогичности и нас не ни беше јасно. Ги повикавме родителите, наставничката, директорката, педагогот… нас ни беше доста нејасно како може веднаш да се алармира дека е киднапирано девојчето. Нормално би било прво да видат дели е кај некоја другарка или друго – изјави сведокот.
Класната, посочи сведокот претходниот ден разговарала со Зорица за некој проблем во класот за некоја книга и имале пракса ако некое дете не е на час, класната да ги извести родителите, па така мајката ја добила информацијата дека девојчето не е отидено во училиште. Чудно, посочи сведокот, било тоа што таткото Александар упорно велел дека девојчето е киднапирано.
– Дури во еден момент се сеќавам на мајката реков дека тоа дури е добро, бидејќи ако е киднапирана ќе имаше некоја трага или повик. Нормално немаше такво нешто. Работевме со тоа што имавме. Дека наводно имала виртуелен дечко од Албанија, во Шведска. Се помисливме дека нешто се случило, па го проверуваме и видовме дека тоа лице има слика од ИСИС на својот профил… Сакам да кажам изгубивме доста време во испитување на тоа. Скоро два дена. Родителите цело време беа со нас, изјави сведокот. Излеговме на терен и од камерите заклучивме дека нема шанса девојчето физички да ја напуштила зградата и дека мора да било со возило, но кое возило.
Ние мислевме на почетокот и дека дури доброволно влегла во некое возило. Од профолириањето ние дури мислевме дека девојчето сакал да речам на некои начин да го казни родителите и да го напуштила домот. Баравме возило во кое има девојче – изјави сведокот.
Во однос на запаленото возило на 27 ноември во село Бразда, сведокот рече дека тогаш работеле други колеги, бидејќи немало никакви индиции за поврзаност.
– Така тие две истраги одеа паралелно. Цело време од Александар бевме брифирани, види ова, она. На 1 декември дури ми се јави, ми вика „имам едно возило интересно, да го проверите“. Тоа беа слики од камери кои ние веќе ги имавме, но го посочи како сомнително. Колегите го проверија, немаше ништо посебно, но се јавија во Сејф сити и излезе дека е запалениот „цитроен“. И тогаш се јавив кај колегите што го водеа тој случај – изјави сведокот.
Што беше интересно, посочи сведокот, дека тоа што Александар во разговор посочил дека може девојчето е во странство, Охрид, Велес… што, како што рече, било нагласено, а тие веќе лоцирале дека запаленото возило е од Велес. Така било најдено и пик-ап возилото, кое било лоцирано паркирано пред Политичка партија „Десна“, на Љупчо Палевски.
– Баравме налог за претрес, но бидејќи се работи за политичка партија, доста доцна влеговме. Внатре беа тројца, меѓу кои Кешишов, кој кога прашавме каде е претседателот на партијата ни рече дека е во Турција поради проблеми со кичмата. Тука беше и адвокатот Васко, кој рече дека тој го возел до Белград, изјави сведокот. Во тој момент, нагласи сведокот уште немавме никаква поврзаност и мислеле дека се на трага за запаленото возило.
За денешното рочиште беа повикани уште четворица сведоци, предложени од Обвинителството.
Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Судењето продолжува на 13 ноември. Двојното убиство на Вања и Панче Жежовски од Велес се случи лани, а првоосомничениот Љупчо Палевски беше уапсен во Баликесир, во Турција.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
Извор…