Системот: Патеката има точно поделено жени со симптоми, жени оперирани или жени без симптоми.
Теренот: Се чека на термин и за тие со симптоми и за оперирани, со месеци.
Системот: Нам ни треба реалната клиничка слика, за да знаеме кога и како да ја усмериме кон биопсија, торакален хирург.
Теренот: Кој да ви ја направи таа реална клиничка слика? Вие или бајачи?
Системот: Пациентките ќе треба да се навикнат на тоа дека не се оди на лекар секогаш, туку кога сериозно има клинички знаци.
Теренот: Кој треба да ги препознае тие клинички знаци? Вие или бајачи?
Системот: Ако има клинички симптоми, треба во рок од две недели, пациентката да може да закаже.
Теренот: Кој треба да ги препознае тие клинички симптоми? Вие или бајачи?
Системот: Жените со симптоми или оперираните пациентки мора да имаат слободен термин во системот.
Теренот: Истите, оперираните и со симптоми, чекаат на термин со месеци.
Системот: Не секогаш на прво гледање може да се постави дијагноза, некогаш се потребни дополнителни боења, за да може да кажеме дали станува збор за рак на дојката или бенигна болест.
Теренот: Секоја контрола е кај различен лекар. Различен лекар, различно мислење, различни упатства. Додека се „договорат“ чие мислење е валидно (а тоа трае и по година – две), честопати е веќе предоцна за пациентката. Затоа и од една релативно излечлива болест, направивме најсмртоносна за жените.
Системот: Мора да се прават самопрегледи.
Теренот: Ете нов начин да не сносат никаква одговорност докторите. Сама си е виновна пациентката што е мртва.
Системот: Ние вршиме прегледи и вон термините, „полу-приватно“.
Теренот: Како тоа „наеднаш“ имате време, апарати и лаборатории во истата државна институција каде се чека со месеци на термин? И како тоа, вашите услуги после „термините“, работното време, во истата државна институција, при истите апарати се поскапи за истото во приватна клиника? Пола плаќало ФЗО, пола осигуреникот. Ма немој. Биопсија со читање резултати е 4 000 денари во приватна клиника. Биопсија со читање резултати во „8 Септември“ е над 5 000 денари.