Кина во својата централна провинција Хунан го откри најголемото наоѓалиште на злато во светот, кое според геолозите може да содржи 1.000 тони од овој благороден метал, а неговата вредност, според денешните цени, се проценува на околу 76 милијарди евра. Користејќи техники за истражување на руда и 3Д геолошко моделирање, геолозите ја мапираа структурата на огромните златни вени под рудникот за злато Вангу.
Според Геолошкиот институт во провинцијата Хунан, откриени се 40 златни вени на длабочина од околу 1.600 метри, а само тие може да содржат 300 тони злато, додека подлабоките слоеви веројатно кријат уште поголеми резерви.
Многу примероци од карпи содржат видливи траги од злато, изјави истражувачот на Геолошкиот институт Чен Рулин.
На оваа вест берзите реагираа со зголемување на цените на златото и тие сега се блиску до историски врвови. Кина веќе е еден од најголемите светски производители на злато, со 10 отсто од глобалното производство, а нејзините златни резерви беа проценети на повеќе од 2.000 тони претходно оваа година.
Златото, според експертите, се смета за сигурна инвестиција во време на економски и политички превирања, а намалувањето на каматните стапки дополнително ја зголемува неговата привлечност.