Костадин Костадинов, лидерот на бугарската крајнодесничарска проруска партија Преродба, предложи обединување на Македонија и Бугарија во една држава, надоврзувајќи се на повикот на Доналд Трамп дека Канада би требала да стане американска сојузна држава.
Во објава на социјални мрежи, Костадинов се согласи со ставот на Трамп за Канада, велејќи дека е комплетно логично САД и Канада да се обединат бидејќи делат историја, јазик и народ. Тој го поддржа и барањето на Трамп за враќање на Панамскиот Канал под контрола на САД, бидејќи тие се неговиот градител и оригинален сопственик.
Костадинов притоа повлече паралели помеѓу ситуацијата со Канада и Панамски Канал со териториите на Македонија и Јужна Бесарабија, која денес е дел од Украина.
„Бугарија и Македонија имаат заеднички историски корени, јазик и народ и би требало да се обединат во една држава. И Јужна Бесарабија има историско значење за Бугарија, чиј дел била повеќе од 450 години. Украинците ја контролираат Јужна Бесарабија само во последните 34 години“, кажа Костадинов.
Костадинов кажа дека целата негова партија ги поддржува ставовите на Трамп за Канада и Панамски Канал и дека Бугарија би требала да ги потврди своите претензии кон Јужна Бесарабија на претстоен мировен конгрес.
„Бугарите биле домороден народ во тој регион од шестиот век“, рече Костадинов.