„Златното доба на Америка започнува токму сега“.
Ова го порача новиот претседател на САД, Доналд Трамп откако положи заклетва и стана 47-от американски претседател.
„Од овој ден нашата земја повторно ќе процвета и ќе биде почитувана низ целиот свет. Ќе ни позавиди секој народ и нема да дозволиме повеќе да не искористуваат“, рече Трамп.
Новиот претседател пред присутните на церемонијата порача дека приоритет на неговата администрација ќе биде да создадат нација која е горда, просперитетна и слободна.
“Америка”, рече Трамп, “наскоро ќе биде поголема, посилна и поисклучителна од кога било досега.”
„Плима на промени ја зафаќа нашата земја. Америка има шанса да ја искористи оваа можност како никогаш досега. Но, прво мораме да бидеме искрени за предизвиците со кои се соочуваме. Иако се во изобилство, тие ќе биде уништени од овој голем моментум во САД на кој светот сега сведочи“, рече Трамп.
Денот на неговата инаугурација, 20 јануари 2025 година, тој го нарече „ден на ослободување“.
Во првото обраќање како нов претседател, Трамп рече дека уште денеска ќе потпише серија историски извршни наредби со кои ќе започне „со целосна обнова на Америка“.
Прво, рече, ќе прогласи национална вонредна состојба на јужната граница на САД со Мексико.
На инаугурацијата на Трамп присуствуваа и поранешните американски претседатели Џорџ Буш, Бил Клинтон и Барак Обама. Меѓу нив е и досегашните претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис.
Ова ќе биде втор мандат на Трамп. Првиот беше од 2017 до 2021. Во 2020 Трамп ги изгуби изборите од Бајден и во јануари 2021-та не присуствуваше на неговата инаугурација. Со тоа стана првиот американски претседател во последните 150 години што ја прескокнал инаугурацијата на неговиот наследник.
Поради невообичаено студеното време, овогодишната инаугурација се одржува во Капитол Ротонда, за прв пат од 1985 година.
Инаку, инаугурацијата се одржува под отворено небо, на Западниот фронт на Капитол, каде што е изградена платформа за таа пригода.