Трет марш се одржа денеска во Скопје на кој се бараше правда за 22-годишната Фросина Кулакова, но и за сите жртви кои загинале во сообраќајни несреќи.
Маршот почна на булеварот Партизански одреди, каде што на 29 јануари беше прегазена Фросина. Оттаму се помина покрај Владата, па пред Собранието и Судот. Организатори се граѓанската иницијатива „Кој е следен?”, а меѓу граѓаните беше и семејството на Фросина.
„Потребни сме им на нашиот град и на нашето општество заедно, како колектив што бара одговорност, неселективна правда и безбедност за секој граѓанин. Системот што треба да нѐ заштити потфрла, затајува и секојдневно ни ја докажува својата нефункционалност, онаа што ни ги крати животите. Премногу долго чекавме некој друг да ги подобри работите, да направи вистински промени, да ни обезбеди квалитет на живот каков што заслужуваме. Време е сами да ги побараме! Време е да ги потсетиме надлежните кому служат и зошто се на своите функции“, рекоа од „Кој е следен?“.
Семејството на Фросина, кое го поддржува протестот, во соопштение за медиумите вели дека не протестираат против Владата, туку ја поддржуваат и бараат од судските власти правда за сите жртви.
„Ние како семејство јавно се заблагодаривме и сме благодарни на досегашната поддршка од Владата. Не протестираме против Владата, напротив, бараме да продолжи да нѐ поддржува и нас како семејство, но исто така бараме да ја поддржи и иницијативата ‘Кој е следен?‘ и да ги сослуша барањата што ќе произлезат од протестите. Истото го бараме не само од власта, туку и од опозицијата. Бараме чинителите на судската власт да престанат да ги бранат нечесните меѓу нив, а веруваме дека не сите судии и обвинители се исти”, вели семејството на Фросина.