И ароганцијата убива

Зошто немал замена Гоцевски? Зошто немал одмор? Зошто го оставиле да се справува сам со себе после сите тие видени мртви тела? Зошто не добил никаква поддршка од „колегите доктори“?

Стефан Бурназов работел кобната ноќ и следниот ден заедно со возачот на Итната медицинска помош, Иле Гоцевски, кој трагично почина по неуморната и тешка работа за помош на повредените млади луѓе.
Бурназов на социјалните мрежи напиша дека заедно со неговиот драг и непрежален колега Гоцевски 24 часа го оставиле срцето на терен.

„На раце ми останаа телата на безброј деца и млади, меѓу кои и двајца мои најдобри другари. Помагавме неуморно и без престан. Болката, траумата и сликата ќе ми останат врежани додека чука и моето срце“, пишува Бурназов.

Тој му се обрати на министерот за здравство Арбен Таравари прашувајќи го дали знае дека најпонижуваната и најнеплатена професија е да си возач на Итната медицинска помош.

„Во неколку наврати сме понижувани од повисокиот медицински персонал, од роднините на пациентите, третирани сме како дно под дното, газени и газени како да не постоиме. Ние работиме сè: кога е потребен доктор – доктори сме, кога е потребен медицински техничар, и тоа сме, кога е потребен болничар, и тоа сме… Знаеш ли дека ни сме сè, а всушност сме ништо!

Одговорноста при транспорт на пациентот, докторот и сестрата е наша! Одговорност имаме за сè, плата имаме – ништо! Најмала плата, најмал бенифециран стаж! Кога се покачува платата во здравство, ние сме административно-технички персонал! Во очите на другите ние сме никој и ништо! Не очекувам да се смени нешто, но луѓето треба да сфатат дека полицаецот, докторот и сестрата не се ништо повеќе од нас! Почина колега кому треба споменик да му се направи. За мене, тој не беше само колега , тој е херој!“, пишува колегата на Гоцевски.

„Денес се простивме од ИЛЧО ГОЦЕВСКИ, ЧОВЕК ПЛАНИНА, кој со своето незапаметено херојство помагаше и во пронаоѓање и препознавање на изгорените деца, како и транспортирање на истите до одредена дестинација.
За него, негов близок пријател од Ѕвегор денес за делчево365.мк кажа:
-Денеска беше погребан Илчо Гоцевски од Звегор, Делчево, со живеалиште во Кочани.
Тој беше херојот на транспортот на повредените деца од фамозната НЕ ДИСКОТЕКА. 11 пати имаше отидено за Скопје во кобниот ден. Помагаше и во пронаоѓање и препознавање на изгорените деца, како и транспортирање на истите до одредена дестинација. Денеска немаше никој што да каже за човекот, кој после 32 часа работа, заспа од умор и никогаш не се разбуди”.
Што и да кажеме за нашиот ХЕРОЈ малку е…СОЧУВСТВО ДО НАЈБЛИСКИТЕ !
Дополнително во прилог на оваа објава имавме објавено линк за собирање донации. Во известувањето кое го добивме се вели дека за кратко време беа собрани средства, за што изразуваат благодарност од семејството, заради што линкот е повлечен на нивно барање.“
Семејството на Гоцевски ги прекина донациите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *