Сопругот нагло ми се здебели, а треба да одиме на одмор и тоа со пошироко друштво. Му викам малку да се среди знаете она, теретана, диета, а тој не сака ни да слушне. Дреме пред телевизор и стално повторува, ако се срамам од него да си одам сама на одмор, а дека тој нема намера да се мачи себе заради некакви мои хирови.
Ленка
Ленка дарлинг, бидејќи сум непоправлив хедонист, кој нема намера, ама баш никаква, дури ни во ретките продирања на одредена луцида интервала, да се откаже од било што пријатно (во рамките на важечките закони, секако) заради нечии ненадејни просветлувања од културно – општествените феномени и проблесоците на стихијната простачка идолатрија на детали, што и со најкреативната фантазија остануваат докажано сосема небитни во сечие и малку возрасно битисување, за жал, морам да се согласам со вашиот партнер.
Купете си куче па, тренирајте го, масирајте го, чешлајте го, ондулирајте го, лакирајте го. Ма, правете му што сакате. Доколку преживее, држ те го на кус ланец. За да не ви го испогани некоја кучка – лингурка врз која тоа едвај ќе чека да скокне. Драга моја, одите на одмор или на избор за „маж што само јас можам да го имам“?
Една од женските победи е и таа што маж со сопруга никако не станува позгоден од останатите (само очаен избор на „некогашните маалски убавици и актуелни осиромашени интелектуалки“), но затоа пак, жена со машки партнер покрај себе, по автоматизам е со помал задник и потенка половина. Со било каков – маж – покрај себе.
Почнете ли да го дотерувате сопругот поверојатно е дека ќе останете без него, отколку дека нешто ќе средите. Смирете си ги нагоните стекнати од озборувањата во фризерските салони и одете на летување опуштени во меката прегратка на животниот ви сопатник и збор да не чујам. Точка! Односно, три точки…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)