„Силјан“, третиот документарец на режисерката Тамара Котевска, е македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм, соопшти Агенцијата за филм. Котевска има два номинации за Оскар за првиот документарец „Медена земја“ кој во 2020-та беше номиниран за најдобар странски и за најдобар документарен филм.
„Силјан“ е во продукција на Котевска, на американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, а останати продуценти се Жан Дакар кој е и кинематографер на филмот, како и Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Во филмот нема учество од македонската Агенција за филм. Деведесет и осмото издание на Оскарите, кои ги доделува Академијата за филмска уметност и наука на САД, е закажано за 15 март 2026.
Одлуката за македонски кандидат за Оскар ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Деветчлената комисија на ДФРМ ја сочинуваа Томи Салковски – претседател и продуцент, Лабина Митевска – продуцент, Даријан Пејовски – режисер, Марија Димитрова – продуцент, Душан Кардалевски – кинематографер, Марина Колоска – прв асистент на камера, Иван Ивановски – режисер на анимиран филм, Братислав Зафировски – тон мајстор и Горан Игњатовски – автор на филмска маска.
Во конкуренција биле и филмовите „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, продукција на „Синема Футура“ и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар, продукција на „Синепаж“.
„При својот избор, комисијата се водеше од уметничката вредност на филмовите, квалитетот на нивната наративна и визуелна компонента, како и од актуелноста и длабочината на приказните кои ги обработуваат“, соопшти Агенцијата за филм.
Светската премиера на „Силјан“ беше на 29 август, вон конкуренција за награди во официјалната селекција на 82. Венециски фестивал. Филмот ја доби независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Цинема анд Артс Ањард) за најдобар филм, една од 42-те различни паралелни награди кои ги доделуваат организации кои не се поврзани со Венецискиот фестивал, за нив одлучува независно жири и за нив се квалификуваат сите филмови кои играат во официјалните програми на Венеција, без оглед дали се во или вон конкуренцијата за награди.
Северноамериканската премиера на „Силјан“ ќе биде на филмскиот фестивал во Торонто на 10 септември во документарната селекција за награди.
„Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк.
„Ова е мојот најважен филм досега, затоа што во секоја смисла беше најголемиот предизвик за мене и како режисерка и како продуцентка на документарци. Го започнав во време кога филмската индустрија во мојата земја беше во длабока криза, и токму затоа решив да тргнам сама, не сакав да стојам во место. Филм започнат со толку лична инволвираност и страст, за само две години прерасна во она што е денес. ‘Силјан’ е моја лична приказна, поврзана со моите корени и мојата култура, и затоа можев толку искрено да ја преточам во овој храбар и артистички филм,“ изјави Тамара Котевска при доделувањето на наградата во Венеција.
По премиерата, „Силјан“ доби многу позитивни рецензии. Меѓу нив, „Индивајар“ рече дека е „Триумф… Болно прекрасен… Одличен документарец кој е и заносно поетско дело…“. „Холивуд рипортер“ рече дека е „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица, со сите нејзини мистерии, топлина и практични предизвици“. „Скрин дејли“ вели „Извонредно…импресивно достигнување: прекрасна и нежно меланхолична поезија за еден нежно меѓусебно поврзан екосистем нарушен од притисоците на современиот живот во Македонија…“. „Скрин интернешенел“ вели дека „Силјан“ е „извонредно и импресивно достигнување“ и филм што би можел да биде фаворит на фестивалите и да се најде во трка за награди“.
Минатиот месец Котевска го заврши снимањето на својот прв игран филм „Човек против јато“.