Зо(у)ран Мамдани: Најголемата надеж е дека гласале оние што ја изгубиле вербата во политиката

Новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зоран Мамдани, вели дека неговата администрација ќе застане во одбрана на градот против американскиот претседател Доналд Трамп.

Мамдани, на првата прес-конференција по неговата изборна победа, рече дека изборниот резултат му дава мандат за амбициозна политика на прифатливост, со цел најскапиот град во САД да биде град што луѓето можат да си го дозволат.

Тој најави зголемување на даноците за најбогатиот еден процент жители на Њујорк, вклучувајќи и рамен данок од два проценти за секој што заработува повеќе од еден милион долари годишно. Тој, исто така, планира да го зголеми корпоративниот данок на 11,5 проценти, што е горната граница во соседниот Њу Џерси. Според неговите тврдења, ова би собрало околу 9 милијарди долари.

Кога го прашаа дали ова ќе ги избрка работодавците од градот, Мамдани рече дека работниците веќе се принудени да си заминат поради превисоките трошоци за живот, особено трошоците за грижа за деца, што им отежнува на компаниите да ги задржат вработените.

Пред изборите, американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го прекине федералното финансирање за Њујорк ако Мамдани победи. Мамдани денес изјави дека е подготвен да се спротивстави на секој обид на претседателот да му наштети на градот.
Тој додаде дека е отворен за разговор со Трамп, без разлика дали тоа ќе биде за неговите предизборни ветувања поврзани со трошоците за живот или за последиците од намалувањето на федералните субвенции за храна (СНАП), кои влијаат на речиси два милиони жители. Тој нагласи дека секогаш ќе ја кажува вистината за постапките на Трамп, но без да ја затвори вратата за дијалог бидејќи, како што вели, ова не е личен конфликт.

На прашањето што треба да научи Трамп од резултатите од синоќа, Мамдани рече дека претседателот не ги исполнил своите ветувања кон работничката класа.
Според прелиминарните податоци, повеќе од 2 милиони гласачи излегоа на изборите, што значи излезеност од повеќе од 41 процент, највисока од 1993 година. Мамдани освои половина од преброените гласови досега, пред поранешниот гувернер Ендру Куомо и републиканскиот кандидат Кертис Слива.
Мамдани рече дека републиканскиот кандидат Кертис Слива го контактирал по објавувањето на резултатите и дека со нетрпение очекува разговори со градоначалникот во заминување Ерик Адамс за транзицијата да помине непречено.
Мамдани беше прашан и дали добил повик од конкурентскиот кандидат Ендру Куомо, но не одговори директно на прашањето.

Запрашан за рациите на федералните агенти за имиграција (ИЦЕ) во градот, Мамдани рече дека секој што го крши законот мора да биде повикан на одговорност.

Кога беше запрашан за безбедноста на еврејските заедници во градот, Мамдани го повтори своето ветување дека градската администрација цврсто ќе стои со Евреите од Њујорк, ќе соработува со рабини и избрани функционери и не само што ќе ја штити, туку и ќе ја слави еврејската заедница.

Тој вели дека њујорчани заслужуваат власт на која можат да ѝ веруваат.

Додаде дека кога ќе биде инаугуриран на 1 јануари 2026 година, тоа ќе означи нова ера за Њујорк – ера во која сите ќе бидат вклучени.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *