Зошто Бог е во машки род?

Карен Хорнај, психоаналитичарка од 1920-тите, го сковала терминот „завист кон матката” (womb envy) како спротивност на Фројдовата „завист кон пенисот”. Нејзината тезае дека мажите несвесно и завидуваат на способноста на жената да создава живот во себе и таа завист ја канализираат во градење нешто друго, институции, уметност, теологија, цивилизација воопшто. Ако функцијата на креирање живот им е одземена биолошки, ја преземаат симболично.

Во книгата Битие, редоследот е обратен од природниот: не жена раѓа маж, туку маж (Адам) „раѓа” жена (Ева), преку реброто. Некои толкувачи го гледаат токму ова како симболична компензација, приказна во која машкото тело го презема чинот на создавање. Слично, во многу традиционални култури постои ритуал наречен кувада (couvade), таткото симулира трудови болки додека жена му раѓа, легнува, стенка, понекогаш дури пости. Антрополозите го толкуваат тоа токму како обид мажот симболично да учествува во нешто од кое биолошки е исклучен.

Она што е фасцинантно е дека овие две објаснувања не мора да се исклучуваат. Патријархатот можел да создаде машки Бог од чисто структурни причини на моќ, а истовремено таа слика можела да послужи и психолошки, да им даде на мажите симболична улога во нешто (создавањето живот, создавањето светот) од коешто биолошки биле исклучени. Хорнај веројатно ќе речеше дека токму затоа теологијата толку упорно нагласува дека Бог „создава” преку зборот, преку дишење, преку раце што обликуваат глина, а не преку тело што раѓа. Тоа е creation без womb.

Кога дете ќе нацрта Бог, најчесто ќе нацрта старец со брада. Не затоа што некој конкретно му рекол дека Бог изгледа токму така, туку затоа што сликата веќе постои насекаде околу него: во иконите, во филмовите, во начинот на кој возрасните зборуваат. Прашањето зошто Бог е замислен како маж, всушност, не е едно прашање, туку неколку испреплетени прашања: јазично, историско, теолошко и културно. И одговорите не секогаш се совпаѓаат.

Во хебрејскиот, грчкиот и латинскиот, јазиците на кои се пренесувани темелните текстови на јудеохристијанската традиција, именките имаат граматички род, а заменките мора да изберат еден. Кога библискиот текст зборува за Бог, користи машки глаголски форми и заменки, едноставно затоа што јазикот не му оставил друга опција. Тоа не е исто со тврдењето дека авторите верувале дека Бог има машко тело. Многу теолози низ вековите инсистирале дека граматичкиот род е случајност на јазикот, а не изјава за суштината на Бог. Проблемот е што граматичката навика, повторена илјади години, лесно се претвора во буквално сфаќање: луѓето престануваат да ја забележуваат разликата помеѓу „Тој“ како јазична конвенција и „Тој“ како тврдење дека Бог е маж.

Древниот Блиски Исток, каде што се формирале јудаизмот, а подоцна и христијанството и исламот, бил длабоко патријархален. Авторитетот, лидерството, јавниот говор, сето тоа било кодирано како машко. Кога луѓето сакале да замислат врховна сила, природно посегнувале по сликата на најмоќната фигура што ја познавале: таткото, царот, војсководецот. Ова не е обвинување, туку набљудување: луѓето секогаш ги замислуваат непознатите работи преку она што им е познато. Божиците не биле непознати во тој регион (Иштар, Ашера, Изида), но текстовите што станале темел на монотеистичките религии свесно се дистанцирале од политеистичкиот свет во кој женските божества често биле поврзани со плодност и природа. Одбивањето на тие култови можеби делумно придонело кон уште поцврсто машко обележување на единствениот Бог.

Ова е делот што често се превидува. Класичната теологија и еврејска и христијанска и муслиманска, многу јасно тврди дека Бог нема тело, нема пол, нема ограничувања на материјалниот свет. Маимонид во еврејската традиција, Августин и Тома Аквински во христијанската, речиси идентично инсистираат дека каква било телесна или родова карактеристика припишана на Бог е метафора, приспособена на човечкиот јазик и разбирање, а не буквален опис. Библијата самата, впрочем, не е конзистентно машка кога зборува за Бог. Постојат пасуси во Стариот завет каде Бог се споредува со мајка која раѓа, со жена која дои, со квачка што ги собира пилињата под крилјата. Тие слики постојат, но никогаш не станале доминантни во јавната имагинација, веројатно затоа што целата институционална структура околу текстот (свештенството, преводите, уметноста), била во машки раце.

Штом еднаш „Бог Отецот” станал стандардна слика, таа почнала сама себеси да се потврдува. Уметноста го насликала Бог како старец. Ѕидните слики, иконите, витражите…, сето тоа влијаело на следните генерации кои ги читале истите текстови, но веќе со готова визуелна претстава во главата. Религиозните институции, водени претежно од мажи, немале голем поттик да ја оспоруваат таквата слика, а честопати имале причина да ја зацврстат, бидејќи машкото божество лесно се поврзувало со машкиот авторитет на земјата: цар кој владее по божја милост, таткото е главата на семејството, „како што Бог е главата на црквата”. Родовата слика на Бог не останала само теолошко прашање, станала алатка за оправдување на општествениот поредок.

Во последните децении, феминистичката теологија, но и одредени струи во православната, католичката и протестантската мисла, повторно го поставуваат прашањето: ако Бог навистина е надвор од полот, зошто јазикот, ритуалот и уметноста толку упорно инсистираат на машкото? Некои предлагаат родово неутрален јазик, некои враќаат внимание кон женските библиски слики за Бог, некои едноставно потсетуваат дека „Отец” е метафора за близина и грижа, а не биолошка тврдба. Не сите се согласуваат со таа насока, многу верници гледаат во машката слика длабока духовна и симболична вредност, поврзана со специфичниот однос татко-дете што христијанството го нагласува преку самиот Исус, кој се обраќал кон Бог со интимниот арамејски збор „Ава” (татко), но во смисла поблиска до „тато”.

Најчесниот и најискрениот одговор веројатно е дека Бог е претставен како маж затоа што луѓето што го запишувале, преведувале и сликале тој концепт биле дел од свет во кој машкото било подразбирано мерило на моќ и авторитет, а јазикот што им бил достапен немал начин поинаку да го изрази тоа. Теолошки, речиси сите традиции се согласуваат дека суштината на Бог е надвор од полот. Културно и историски, сепак, сликата на таткото-старец останала толку длабоко всадена, што дури и луѓето кои интелектуално знаат дека Бог „нема тело” сепак, кога затвораат очи, ќе видат маж со брада. Тоа е можеби најдобар доказ колку е моќна разликата помеѓу она што теологијата го тврди и она што имагинацијата навистина го задржува.

п.с.

Има тука уште за оправање…

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *