Трупата „театар С’Арза“ е со фасцинантна историја која соработувала со најголемите столбови и реформатори на светскиот авангарден театар во 20-тиот век. Претставата со која ќе настапат е насловена како „Принесувачки на жртвени дарови“ и е специјално подготвена за овој фестивал
На овогодинешното издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ (кој ќе трае од 15 до 24 септември) гостува и познатата европска театарска куќа, италијанската театарска лабораторија „Teatro S’Arza“ („Театар С’Арза“) од градот Сасари, од Сардинија.
На 16 септември, на малата сцена во новиот театар во Велес, тие ќе настапат со претстава што е наменски работена и создадена за овој фестивал, со што Велес станува центар на една голема меѓународна премиера.
„Театар С’Арза“ е основан во 1978 година и зад себе има речиси пет децении континуирано меѓународно творештво. Нивната дејност е поддржана на највисоко државно ниво од Министерството за култура на Италија, Регионот Сардинија и Општината Сасари, како и од бројни приватни спонзори.
Ова е трупа со фасцинантна историја која соработувала со најголемите столбови и реформатори на светскиот авангарден театар во 20-тиот век. Претставата со која ќе настапат е насловена како „Хоефори“, со официјален англиски наслов The Libation Bearers („Принесувачки на жртвени дарови“). Тоа е всушност, вториот дел од култната античка трилогија „Орестија“ на Есхил. Режисер е Романо Фодаи, а улогите ги толкуваат Франческо Петрето, Стефано Петрето и Патриција. Осветлувањето и тонот се дело на Емилио Фодаи.

Инаку, фестивалот „Стоби“ се одржува по 23-ти пат, во организација на Народниот театар „Јордан Х.К. Џинот“ од Велес, а пред велешката публика ќе се претстават театри од Македонија, Србија и Италија, носејќи различни сценски изрази и современи толкувања на античката драма. Сите претстави започнуваат во 20 часот.
Претседателка на Жири комисија за доделување на фестивалските награди, како што се за најдобра машка и женска улога, за најдобра претстава и за најдобра режија е Весна Димитрова Бобевски актерка и режисер од театарот „Ј.Х.К. Џинот“ од Велес, а членови се Кети Борисовска и Пеце Ристевски, актери на велешки и на штипски Театар.