Сутерен.мк

Светислав Басара: Време е за иднината

Овој поранешен дипломат и пензиониран политичар пишува жестока, саркастична, драматична и, според многумина, контроверзна проза. Често е во вителот на јавноста поради колумните што веќе со години ги објавува во неделникот „Данас“, но и ексклузивните интервјуа со српските политичари. Автор е на повеќе од дваесет книги, романи, збирки, драми, есеи…

Светислав Басара е роден е 1953 година во Баина Башта, а неговите познајници од тоа време го познаваат како Лале Бас. Голем дел од животот поминува во Ужице, а во младоста членува во две музички групи: фронтмен е на „Панк флојд“ и гитарист во „Луди жени“. По петти октомври еден мандат е и амбасадор на Србија и Црна Гора во Кипар. Според многумина, негово најзначајно дело е „Фама за велосипедистите“, а за романот „Подемот и падот на Паркинсоновата болест“ ја добива и престижната НИН-ова награда. За себе вели дека со својата височина од 180 сантиметри не е најголемиот писател, но со тежината од 90 килограми сигурно е еден од најтешките. Преведуван е на повеќе јазици, вклучувајќи го и македонскиот.

Од бракот со Вида Црнчевиќ-Басара, инаку ќерка на истакнатиот писател Брана Црнчевиќ, ги има ќерката Тара и синот Реља.

  • Со оглед дека порано бевте активно вклучен во политиката, што мислите, дали Србија се движи во добра насока?

– Јас формално одамна не сум вклучен во политиката, но во Србија е невозможно да не бидеш во политиката, ако си жив. Овде сѐ е политизирано до апсурд. Српската политика се занимава со толку работи, задира во толку области, што поради таквата преоптовареност не би била успешна ни во многу подобри околности од сегашните. Но, општо гледано, Србија се откажа од балканските империјални мечтаења и се движи во добра насока. Сепак, ако нешто се движи во добра насока, не значи дека со сигурност ќе стигне и до целта. Наследството што го носиме од минатото сѐ уште е премногу тешко.

  • Во Вашите колумни цел Ви се и црквата и власта и опозицијата и Армијата и Академијата. Возможно ли е да се биде на врвот, да се биде важен, да се биде власт, а да се остане чесен и добар?

– Малку поинаку би го поставил тоа. Јас не ја критикувам оваа или онаа институција. Тие, сами по себе, не се ни добри ни лоши, тие се, всушност, апстрактни поими. Ги критикувам луѓето кои седат во тие одредени институции и ги злоупотребуваат многу често. Најлошо е кога одредени личности ќе се идентификуваат со некоја институција, а тоа, да се разбереме, овде се случува често. Идентификувањето во Србија оди толку далеку што, да речеме, институцијата претседател на државата во многу нешта зависи од личните особини на човекот кој ќе се најде на претседателската позиција. Последично од него, потоа зависи и целата ситуација во државата. Е, па сега, ако тука се најде некој деструктивен тип како Милошевиќ, тогаш сите ќе си го обереме бостанот. Ако, пак, на таа функција дојде некој ненасилен тип, тогаш ни оди малку подобро.

  • Колку ја познавате состојбата во другите поранешни југословенски републики, вклучително и Македонија?

– Животот секаде е последица на политиката заснована на емоции, а не на разум и на правила! Работите се слични во сите поранешни југословенски републики. Ние на Балканот сѐ уште не сме граѓани, сѐ уште сме толпа, раја, збирни именки, Срби, Хрвати, Албанци, Македонци… Сосема сеедно…

  • Постои ли прототип на добар политичар? Какви карактеристики би требало да има тој?

– Добри политичари би биле можни тогаш кога би имале добра држава. А, кога луѓето како такви би биле добри, државата не би ни била потребна. Е сега, не сум баш сосема сигурен дека добра, односно држава уредена со права и должности, би им одговарала и на граѓаните. Можеби звучи богохулно, но несреденоста и јавашлакот имаат своја привлечност и овозможуваат големо удопство. Секогаш велам дека политичарите ќе бидат подобри – нема да имаат друг избор – кога сите ние би биле поодговорни. Воопшто, повеќе не верувам во приказната за злите политичари кои ги угнетуваат вредните и чесни граѓани. Конечно, повеќе од дваесет години сами си ги избираме на релативно чесни избори. А тоа значи само едно: изборот и не е многу голем!

  • Што би го прашал новинарот Басара поранешниот политичар Басара кога би имал можност за тоа?

– Секогаш сум во можност да се прашам себеси што ќе ми падне на памет. Ама, она „јас се прашувам“ постои само во литературата. Настојувам да не се оптоварувам со минатото. Што не значи дека и не го преиспитувам. Но, тие преиспитувања немаат форма на интервјуа со себеси.

  • Во каква состојба е новинарството во Србија? Има ли од кого да се учи денес?

– Многу е лошо. Всушност, како и сѐ друго. Има исклучителни новинари, но расеани низ многу редакции. Освен тоа, има и премногу весници, што во суштина се билтени на одредени политички и финансиски групи. Има ли од кого да се учи? И тоа како има! Несреќата е во тоа што малкумина се расположени за учење.

  • Еден од Вашите последни романи е именуван како „Мајн кампф“ (Мојата борба), што е мошне интригантен наслов. Вашата изјава во врска со ова беше дека фашизмот се создава од кичот, што го има премногу на овие наши простори. Против кого или против што се борите во животот?

– Не сум баш некој борбен тип. И мило ми е што е така. Меѓутоа, тоа автоматски не значи дека сум пасивен. Реагирам на луѓе, појави, настани, кои ѝ одат на рака на малограѓанштината. Значи, на мирните, малите, начелно на добрите луѓе. Многу врева се прави околу екстремистите, но вистинската опасност е таа сива маса која води сметка исклучиво за својот задник. Таквите се најмалку седумдесет отсто во секоја држава.

  • Во последниот Ваш роман, „Долговечност“, во којшто има многу сарказам кон историјата, културата, личното и колективното, семејното и интимното, не сте ги поштедиле ни Вук Караџиќ ни Бранко Радичевиќ ни Десанка Максимовиќ… Зошто?

– Добро што ми го поставивте ова прашање, за да ви го цитирам Ниче. Сега ќе ви кажам една реченица според сеќавање, бидејќи неговата книга „Несовремени разгледувања“ не ми е при рака. „Минатото“, вели Ниче, „повремено мора да се разбие, протресе, за да не се скамени и за да не го задуши животот“. Ние овде во Србија буквално се давиме во минатото. Се разбира, минатото е важно, но кога ќе остане само тоа, нема повеќе место, нема ни време за сегашноста и за иднината! Така некако оди тоа.

  • Во истиот роман низ устата на еден Ваш лик велите: „Целта на балканските историографи е апсолутна кретенизација на децата во нивната најчувствителна возраст, по коешто декретенизацијата е апсолутно невозможна. Во балканските училишта не се предава знаење, туку наука на омразата“. Кој ни ја пишува историјата?

– Балканската историја не ја пишуваат историчарите, тие само ја запишуваат. Нашата историја ја пишуваат политичарите. И затоа таа толку се разликува, во зависност од тоа кој режим ја има власта.

  • Што читате, кој писател го сакате?

– Уф, долг е тој список.

  • Читате ли поезија?

– За жал, сѐ поретко.

  • Сте биле ли некогаш во Македонија?

– На моја радост, неколкупати!

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2014 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *