Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Баута маска

Научници од Универзитетот Харвард заедно со Технолошкиот Институт на Масачусетс направија заштитна маска, со чија помош за 90 минути може да се утврди дали лицето што ја носи е заразено со Ковид-19. Во заштитната маска се вградени еднократни сензори, кои можат да откријат вирусни честички во здивот, а се дизајнирани така што корисникот може да ги активира кога е спремен за проверка. Развојот на сензорите во новите маски започнал уште пред неколку години. Предходно се користеле за откривање на инфекции на вирусите како ебола и зика.

Сериозно се изнамачивме со Корона вирусот во изминативе речиси две години. Прочитавме еден тон текстови, за да можеме да ги препознаеме симптомите на ова ново зло. Исто толку за тоа како се пренесува, па како да се заштитиме, се додека не дојдоа вакцините, за кои го отворивме кругот на муабет, кои се најдобри, дали ќе има за сите граѓани.. И еве сега доаѓа маската. Ама мислам дека во овој случај доцни, бидејќи повеќето од нас сме веќе пелцовани. Освен, ако таа во иднина ќе ги открива сите можни мутации на Корона вирусот, кои се отпорни на вакцините со кои се вакциниравме. Во тој случај ќе има работа за маската.

Науката оди напред. Се нешто се открива. Маска за ова, сензор за она. Во иднина очекувам да биде пронајдена маска со сензори, кои веднаш ќе алармираат кога некој лаже. Македонија може да биде земјата каде што таа ќе биде тестирана. Во почетокот на пилот проектот, би било добро таа да не биде наменета за широка потрошувачка, туку првично да биде користена само од страна на политичарите, како таргет група која најмногу го користи овој занает. Во наредната фаза или со подигнување на скалилото нагоре, маската би можела да биде задолжителна за време на изборна кампања, на прес-коференции, на седници на Влада, за време на интервјуирање, на средби со граѓаните… или секаде каде што јавно ќе се појави политичар кој дошол на таа функција, благодарение на граѓаните.

Замислувам како би функционирало сево ова. Како ќе “пишти“ сензорот на маската при секое отворање на устата на некој наш политичар. Или, пак, можеби ќе ги научи добро да размислат пред било што да кажат. Кој знае ако навистина оваа маска функционира, се плашам дека Македонија ќе остане без политичари, без Влада, без опозиција.

Овде оддамна ѓаволот ја однел шегата. И без сензорска маска знаеме кога политичарите лажат и зборуваат шарени лаги или, пак, гледаат со розеви очила. Проблемот е што веќе не реагираме.Не велиме тој лаже. Не велиме тоа не може да биде вистина. Молчиме. Затоа што сме научиле дека ни врисокот ни урликот не носат промена. Прифаќаме. Од избори на избори. Од година в година. Од ден на ден. Веќе не го бележиме ни караванот кога врви, ниту слушаме кога кучињата лаат. Од време на време ќе пуштиме силен глас од тастатурата на фејсбук, кој трае неколку дена. И толку. Се затвора приказната, уште пред да ја добие нејзината вистинска демократска форма. Продолжуваме да „мрчиме“ во себе, да ги губиме нашите црвени линии, и да не ги бараме нивните. Нема отчет нема линија. Ама има маска. Да треба да има, ама не за лажговци и вируси, туку венецијанска за еднаквост, слобода, бегство од реалноста и уживање.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот сутерен.мк.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *