Сутерен.мк

Vita brevis

Еднаш велите дека треба да си ја земеме судбината в раце, а друг пат дека не треба многу да се секираме за нашите одлуки. Во што верувате и што е исправно? Сакам да знам кого читам и во што да верувам додека читам?

Скептична

Скептична дарлинг, ако нешто пропагирам тоа е да не прави никој ништо што не му е по волја односно, да живее секој најдобро што самиот знае и умее, но секако, притоа да не насекира сериозно никого.

Денес е очигледно ден за филозофски прашања, а јас и баш не сум по филозофијата доколку таа не може да се употреби практично. Размислување заради размислување ме остава ненаспана.

Значи, оваа рубрика беше замислена како лаф – муабет меѓу две комшиски тераси/дворови без претензии за препишување „хелекс“ и „деметрин“. Да си се исповедаме онака, другарски и да си се испокараме онака, душмански, заради општо ментално здравје и, ако може да си се потсмевнеме на апсурдите сопствени во кои често се наоѓаме, заради лична заштита од мозочен удар. Всушност, да поминеме што е можно, поефтино.

Некои страницава ја сфатија пресериозно, но повеќето, за наша општа среќа, баш се кул. Како и да е, тоа се наши приказни – на пријателите, роднините, комшиите, колегите. Можеби изгледа како потсмев, но не е така. Напротив, увидувајќи ја сопствената нелогичност во постапките верувам се потсетуваме на едноставните правила на животот.

Како на пример, дека тешко се контролираат емоциите, но можат да се зауздаат делата. Дека разликата меѓу зборовите и чинот е можеби во начинот.

Циникот во мене би рекол и дека секој, ако доволно чека ќе ја добие заслужената казна. Ако за ништо друго, барем за тоа што заборавил дека самиот живот е награда. Каков и да е тој.

Една од најубавите книги што сум ја прочитала е „Вита бревис“ од Јустејн Гордер. Меѓутоа, една од најпоучните е „Девојката со портокали“ од истиот автор. Добра е и за првоооделенци, но и за повозрасните.

Просто е. Читајте и верувајте во животот….

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *