„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Биро за проверка“ на современиот руски писател Александар Архангелски, во превод од руски на македонски јазик на Ленче Тосева.
Романот „Биро за проверка“ е добитник на „Бољшаја книга“ – втора награда, за 2018 година.
Дејството на романот се вклопува во само девет дена од јули 1980 година, се одвива на територијата на Москва, при што Александар Архангелски, без никаква трага на носталгија или одвратност кон таа советска ера, многу успешно ја доловува атмосферата од тоа време. И токму во тие девет дена, додека Москва ги слави и ги живее деновите на Олимписките игри и во исто време се збогува и тагува по поетот Владимир Висоцки, Алексеј Ноговицин, дипломираниот студент на хуманистичкиот универзитет (и главен лик во приказната), ги живее своите кобни денови од животот, кога сите негови надежи за убава иднина се претвораат во длабоки разочарувања.
Лагите, стравот и опортунизмот длабоко вкоренети како во религиозната, така и во научната средина, сосема ја менуваат неговата судбината и неговиот живот тргнува во неизбежна слепа улица. Но јунакот од овој роман нема направено, ниту прави нешто лошо, тој само се обидува да љуби, да се пронајде во својата младост, да ја пронајде смислата на животот и нешто во што ќе верува… Комуникацијата со професорот филозоф која го води до спознанието за Бог и православието, и запознавањето со девојката Мусја кое го води до земната љубов, како да го поделуваат неговиот живот на земен и духовен. Но не, романот „Биро за проверка“ не зборува за религијата, тој зборува за младешката страст и желба за слобода и потребата да се има право на избор, кои во тоа време се чини биле луксуз. И тоа е она што овој роман го прави своевиден портрет на една ера и заплет на денешните противречности. И што може да се именува како биро за проверка на човечката душа.
Александар Архангелски (1962) е руски прозаист, публицист, телевизиски и радио водител, литературен критичар и истражувач. Работи како редовен професор по комуникации, медиуми и дизајн во Москва. Негов посебен научен интерес и специјалност се филолошките науки, рускиот јазик и руската книжевност, со посебен акцент во своите истражувања на историјата на книжевноста и на културата. Докторирал за лирските жанрови во поезијата на Пушкин. Бил член на комисиите на највисоките книжевни награди во Русија. Наградуван е за својата педагошка и новинарска работа и за своите научни и белетристички дела. Добитник е и на високите книжевни награди „Книга на годината“ (2013) и „Бољшаја книга“ („Големата книга“, 2018). Добитник е и на Наградата на Владата на Руската Федерација за 2013 година од областа на масовните комуникации. Автор е на неколку документарни филма.
Архангелски е автор на дваесетина книги од областа на литературната наука и белетристиката, меѓу кои и: „Музеј на револуцијата“ (2012), „Цена на отсекувањето“ (2008), „1962. Послание до Тимотеј“ (2007), „Биро за проверка“ (2018). Во неговата проза, приказната на одделни ликови секогаш се одвива врз фонот на познати знаци на времето. Таков е случајот и со романот „Биро за проверка“ кој во исто време може да се чита и како детективска приказна, и како приказна за растењето, за младешките желби, страсти и потреби…