Сутерен.мк

Како цврстата валута го победи сервисот за ручавање?

На поканите за денешните свадби се почесто стои напомената дека подароците треба да бидат спакувани во плик. И додека граѓанството расправа дали е тоа пристојно или не, се појавија и такви понуди за присуство на семејната веселба условени со неприсуството на деца и соодветна гардероба.

Во меѓувреме пак, светот смисли неколку оригинални начини, како никој да не банкротира заради ничија прослава и како да се биде со мерка во желбите, барањата, очекувањата и понудата. Како сите на крајот добро да се чувствуваат и заспијат со впечаток на убав придонес во нечиј радосен настан. И со нестрпливост да се присуствува на следниот…

Сеедно дали се холивудски раскошни или транзиционо скромни, кога ќе си заминат музичарите од свеченоста, сите свадби завршуваат исто: се пребројуваат подароците. Оние, спакуваните во светликава хартија, а особено оние, во плик. Младоженците подвлекуваат црта во потрошеното и добиеното, обично среќни што „заработиле“ повеќе отколку што „вложиле“ не мислејќи во моментот дека всушност, се работи за неформален заем, зашто, тоа што го добиле еден ден ќе треба да го вратат, повеќекратно, одејќи по свадбите што ќе ги организираат во иднина, нивните сегашни гости. Како и да е, се дотука се чини, се е во ред.

Она што не штима, што ги крши правилата на доброто однесување според повеќето граѓани е се почестото отворено наведување во свадбените покани дека подарокот на идниот брачен пар треба да е во плик т.е. во банкноти. На многумина овој свадбен бонтон им е вон сите норми на пристојност, на други евидентирањето на даровите пред влезот во салата или читањето преку микрофон, кој што донел, а има и такви, кои сето ова ќе го прифатат како нормално, но се згрозени од поканите на кои пишува „без деца“ или е наведен задолжителен дрес код!

Малото истражување што го спроведовме покажа дека ништо од сето ова, не е ниту нова мода, ниту измислена топла вода. Имено, во домашниот свадбен протокол веќе е традиција да се запише во семејните хартии кој што/колку донел. За да знаат во иднина колку да вратат. Хипокризија е велат, повозрасните наши граѓани, ако тврдат дека е поинаку.

Од секогаш ќе ви речат, се обезбедувало посебна просторија за децата, за да не прават неред и исто така, отсекогаш се „пуштал глас“ меѓу роднините и пријателите, што им треба на младоженците, за овие да знаат, што да донесат. Значи, зборуваме за истото, но како да се разграничи  дрскоста од потребата,  уцената од желбите и да се зачува пристојноста во прославувањето на еден од најважните моменти во сечиј живот, со најблиските!? Сите знаеме дека на оние што стапуваат во брак, најпотребни им се пари, но дали е убаво тоа да се побара толку отворено. Дали не личи на мала уцена!? Уцена, за да присуствувате на туѓа веселба. Односно, вие сте тие што треба да се прилагодите, ако сакате да се присуствувате на радосниот момент на некој друг, а со тоа, да го направите и посвечен, нели!?

Основните општествени правила ја исклучуваат наметливоста, а, потенцирањето дека евентуалниот подарок што ќе го изберете со внимание и ќе носи личен печат е поневреден од цврстата валута, во најмала рака е навредливо. Настрана што после свадбата нив, гостите ги очекува уште еден „атак“ – озборувањето заради евентуално, ниската цена што ја платиле за нешто што требало да значи семејна и пријателска веселба.

Социологот Илија Ацевски вели дека не треба ваквото нагласување да се сфати како уцена зашто, повеќе се работи за рационалност отколку за условување.

– Денешниот човек е попрагматичен и не е страшно, ако каже дека не му требаат миксери и тави туку, пари. Меѓутоа, кога тоа ќе се напише така директно на поканата се надминува нивото на добриот вкус. Зашто, што е тогаш следниот чекор? Да напишете дека треба да ви донесат по двестотини евра!? Особено во овие времиња на сиромаштија, навистина е невкусно, да се потенцираат вакви работи – коментира тој, но сепак, потсетува дека пликот е попрагматичен подарок од било што, но ваквите желби младенците треба да ги кажуваат усно, на најблиските и дека се работи за обезличување на интимата кога се прави спротивното. Што се однесува до оние забелешки „без деца“ и „мажите во костуми, а жените во свечени тоалети“, Ацевски тврди дека лично не се сретнал со такво нешто, но дека нема да се зачуди доколку и тоа постои.

– Па и тоа е од прагматичност, претпоставувам. Детето „носи“ порција, а таа е трошок. Меѓутоа, бива ли пак, свадба без деца!? Таа за нив е голем чин и се радуваат повеќе од возрасните и им останува трајно во меморијата. Знаете, сево ова е материјализација на обичаите. Постојано се вадиме на таа постмодерна… Меѓутоа, не може да има какофонија. Некои нешта едноставно, не се дозволени зашто, значат примитивизам! Ете, таман се ослободивме од онаа грда навика невестата да собира парички по масите одејќи од гостин до гостин (делејќи им картончиња за ручекот или бакнувајќи им рака) еве, некои нови „правила“, како што велите, дури и во гардеробата. Се работи за унификација, за она што го гледаме во филмовите демек, некој да не дојде невкусно облечен – вели Ацевски според кого, ако некој сака да ви сугерира како да се облечете, треба самиот да ја подели облеката. – Ваквите барања се поради тоа видеото, фотографиите да изгледаат што поубаво. Имиџот на организаторите на свадбата да не се наруши. Како и да е, станува збор за наметнување на вредности што немаат значење. Ритуалите се ритуали, но сето останато на една свадба е спонтаност! Нема сугестии во тоа! – смета тој.

Професорот Кирил Темков пак, категоричен е дека воопшто, не е срамота отворено да се каже/напише дека свадбениот подарок треба да е во банкноти.

– Луѓето стануваат се поитри, а ние сме и прагматична нација па, нормално е да се снаоѓаат. Свадбата е скапа забава, а на младенците треба некако да им се помогне во почнувањето на заедничкиот живот. Доколку не можете да им ставите ништо во пликот, не одете. Јас сум за тоа да им се подаруваат акции! Тоа е вистинскиот начин. Кога конечно, ќе имаме слободен пазар, со многу странски инвестиции, дарувајте им на младоженците акции – нагласува тој, а за „задолжителните“ дрес кодови на семејните веселби смета дека е нормално да постои етикеција, ако сакаме да сме граѓански свет. Меѓутоа, потсетува и дека во овој случај, домаќините би требало да им ја набават облеката на гостите, ако инсистираат на одреден стил на облекување.

– Всушност, кога ние би биле нормално ситуирани и економски стабилни, сево ова не би ни пречело. Јас повеќе сум против она претерување со храна, со сите тие торти, месо… што потоа ќе се фрли, неискористена. Тоа непотребно расипништво не ми се допаѓа. Што се однесува до она „без деца“, за тоа не ви верувам! Тоа се озборувања. Такво нешто, не може да има кај нас! – тврди, професор Темков.

За мислење му се обративме и на Абдулазис Јусуф, сопственик на првата приватна печатница во Македонија, „Росмил“, каде свадбени покани се печатат од 1948 година.

– Имало и пред триесет години барања да се напише на поканата подароците да бидат во плик, но денес е тоа многу почесто и според мене, оправдано. Порано, тоа го правеа оние на кои им беа потребни пари – богатите никогаш, тоа го сметаа за срам. Сега веќе е вообичаено за сите класи. Сега младите имаат речиси се од покуќнина, ништо не им фали, па што ќе им се по пет сервиси за кафе и десет за ручавање!? Повеќе ќе им помогнете, ако им подарите пари, но би било убаво после свадбата тие да не коментираат кој, колку им подарил. Таквите коментари навистина се непристојни! – вели Јусуф, кој во досегашните нарачки на покани не сретнал други „специјални побарувања“.

– Можеби има и такви случаи, но и поканите станаа инстант. Се помалку се обрнува внимание на нивната естетика. Локалите што ги организираат свадбите ги делат бесплатно. Така, како што изгледаат, не би се зачудил на нив да пишува што и да е! – заклучува тој.

Дилемите околу тоа, како да ја организирате свадбената церемонија, а притоа сите да бидат што е можно позадоволни, можеби ќе ви ја разреши интернетот, каде навистина, постојат бројни релевантни извори на упатства за ваква намена. Што само го потврдува фактот дека овој вид веселби не засегаат сите. На овој или оној начин…

„Упатства“ за младенците

Непишано правило, велат експертите во бизнисот со организација на свадбите е дека нема начин како да побарате пари наместо подароци, а да си го зачувате достоинството и да не бидете наметливи. Единствено што можете да сторите е да чекате некој од блиските да ве праша што сакате за свадбата па, дискретно, да им кажете дека подобродојдени ви се банкнотите отколку, тенџериња и сервиси за ручавање. Така, кога останатите евентуално, би прашале, најблиските би им ги пренеле вашите желби, но тоа не значи дека и ќе ви се исполнат. Имајте ја на ум секако, материјалната состојба на вашите гости. Што и да се случи на „крајот“ убаво е секому да се заблагодарите на донесеното.

Во последно време, она што ние подразбираме под цивилизиран свет, подготвува подароци и за гостите. Тоа на пример е врамена фотографија од штотуку венчаните (не како досега, да се плаќа фотографијата со младенците стотици пати поскапо од реалната цена), мали букетчиња сушено цвеќе, минијатурни теглички со мед, украсни детали како кутијќи за накит, свеќници, вазнички… Тоа е елегантен начин да им се заблагодарите на присутните што одвоиле време, пари и нерви, да бидат со вас, во за вас, така битни часови. Тука веќе, не смее да се заборави дека овој „подарок“ навистина, треба да ја покаже вашата добра страна, а не дебелината на вашиот паричник. (Тоа секако, ќе се види според тоа, колку ќе ги земете во предвид назнаките од овој текст.)

Децата се најважната работа во повеќето човечки животи. Значи, не можете да очекувате сите родители, да дојдат без деца. Вие напишете што сакате на поканите, но секогаш ќе има дел од гостите што или ќе ги донесат децата или нема да ви дојдат на свадбата! Не заборавајте дека за секое дете постаро од една година, треба да обезбедите засебна порција, како и за останатите присутни!

Што се однесува до дрес кодот… Роднините (а би требало и пријателите) не ги бираме по тоа како се облекуваат и каде, нели!? Изберете си дваесеттина сватови што ќе бидат облечени (гардеробата по правило, треба вие, да ја платите) како што сакате и кои така, по ваша желба стокмени, ќе изгледаат убаво на сите фотографии и свадбениот филм. Меѓутоа, крајно е навредливо, на својата баба, сосетка или колешка, да и налагате што да облече на една интимна забава, како што е свадба! На крајот на краиштата, на ваквите веселби, сите гледаат во невестата и зетот…

„Упатства“ за гостите

Кога веќе сакате да отидете на нечија семејна веселба, ред е да се почитуваат и желбите на домаќините. Тоа значи дека, ако ним најпотребни им се пари, однесете им го тоа. (Не заборавајте дека младите почнуваат заеднички живот и би било добро, да не го почнат со долгови, нели!? Корените на организирањето на свадбата се токму во тоа – да им се обезбеди на младоженците каков таков, побезболен почеток на семејното битисување.) Општата пристојност налага дека барем, треба да ги покриете трошоците на своето доаѓање. Значи, износот најмалку, треба да биде во висина на она што ќе го потрошат на вас.

Не заборавајте дека во „цената“ се вклучени и децата постари од една година! Доколку, не можете тоа да си го дозволите, не одете на свадба. Одете потоа кај младенците на честитање и однесете им – што сакате! Многумина ќе се „вадат“ на она „сакам да им подарам нешто лично“: Верувајте, подобро е добар „неличен“ отколку лош „личен“ подарок!

Децата сакаат свадби и децата на свадбите се како некои „добри духови“. Меѓутоа, бидете реални и доколку, вашето дете е потемпераментно отколку што повеќето луѓе во вашата близина сметаат дека е дозволено, не носете го со вас. Освен тоа, без обврската да внимавате на малолетните и вие ќе се чувствувате поопуштено.

Сигурно не сакате сите да забележат во колку тешка материјална состојба сте!? За гардеробата, изнајмете, позајмете или посетете некој сек’нд хенд дуќан…  На свадбите блескаат младоженците, но тоа е и општествен настан што значи и ваша „промоција“!

Компромисот

Западниот свет (веќе нашироко прифатен и во Азија и Африка) смисли „брилијантна“ рецептура со листата на подароците. Едноставно: младенците прават список на нешта што би сакале да ги добијат, им јавуваат на гостите за истиот, дека го има и каде се наоѓа, а нивно е да изберат еден или повеќе подароци што потоа, продавницата ќе им ги достави.

На младиот брачен пар им се советува на листата да стават широк спектар на подароци што се однесува до цената (или на оние со послаба имотна состојба да бираат први) и уште подобро, ако остават ваучери па, гостите се здружат во купувањето на поскапоцен подарок.

Оригинален начин е и отворањето на сметка за оваа намена: на оние што прифатиле дека ќе дојдат на веселбата им се испраќа уплатница со бројот на сметката и празно место за износот на уплатата. Ова е одличен начин секој да даде колку може и да се сочува анонимноста околу износот. Има и она што се вели подарок – бонови т.е. вие да го донесете ваучерот од продавницата па тие потоа, да одберат од истата што сакаат. Незгодно  е сепак, што ќе стои сумата, а, ако веќе е ограничена, подобро дајте им го во вид на цврста валута. Најдобрата практика во моментов на нашиве простори е се почестото обединување на силите: неколку пријатели, семејства се здружуваат и им купуваат на младоженците она што им треба – телевизор, машина за перење, свадбено патување, зимување и слично.

Рековме веќе, без деца е невозможно. Меѓутоа, убаво би било, кога на свадбата би имало некое детско катче – со засебна маса, столчиња, грицки, слатки, боици, сликовници…  Доколку можете да најмите и некој бебиситер, свадбата ќе се прераскажува со години. Ем, малите ќе се забавуваат со своите врсници ем, „големите“ ќе бидат порелаксирани.

Дискретно, навестете дека има гардероба. Доколку некој се препоти, има каде да се пресоблече и во што. Тоа нека бидат некои изнајмени костими од наменски дуќани, театар, ваши работи. Најважно е да им избор и величини…

Никој не треба да банкротира заради ничија веселба. Па макар и својата. Бидете со мерка во желбите, барањата, очекувањата и понудата. Важно е сите добро да се чувствуваат и вечерта да заспијат со впечаток на убав придонес во нечиј радосен настан. И со нестрпливост да се присуствува на следниот…

Бранка Д. Најдовска

„Теа модерна“, 2010 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *