Сексуалното насилство, а особено силувањето, со децении се претставува како речиси карикатурален чин. Силувачите се сметаат за „слабаци“, „манијаци“, кои само треба некој татко или брат да ги „помине низ раце“, па тој никогаш повеќе тоа да не го направи. Силувачите се прикажувани во општествениот дискурс како некои душевно оболени луѓе, кои скокаат од грмушки, мрачен влез, демнат во подрум или лифт за да скокнат на жена за со физичко насилство или закана со оружје да ја „натераат“ на однос.
Силувањето се сфаќа како сексуален акт, се смета дека само убавите и физички атрактивните жени можат да бидат жртви, отворено се поставува прашањето – што бара таа на улица сама доцна, зошто погласно не вриштела, зошто посилно не се бранела, зошто побрзо не бегала, зошто не повикала некој маж – татко, брат, сопруг, момче – да ја одбрани и одмазди!?
На силувањето или сексуалното насилство кое не подразбира физичка сила, се гледа со сомничавост, неверување и дури и отворено потсмевање. Тоа е исто така дел од нашата традиционална култура, колку само филмови знаеме во кои хероините се обљубени, а потоа како демек тоа ќе им се допадне, или во кои, како божем на комичен начин се покажува злоупотребата на довербата, авторитетот, очајот на жената со цел за сексуално насилство врз неа, па потоа тие злоставувачи остануваат во колективната свест забележани како „шмекери“, „фраери“, „заводници“, неодоливи мангупи на кои е невозможно да им се каже не.
Размислете само за најпопуларните филмови: во „Вариола Вера“ Раде Шербеџија, тој култен лик на доктор, буквално ја силува колешката, медицинската сестра, Владица Милосављевиќ, додека таа десетина пати вели Не, тој ја шамара, и ја кине облеката, физички ја присилува на однос во ординацијата, на нејзиното работно место, каде што тој е нејзин претпоставен, а попатно е и омилен доктор, со кого „секоја би сакала“. Таа сестра инаку е и жртва на сексуално искористување и од страна на одвратниот директор на болницата, Раде Марковиќ, кој ја понижува и навредува, бидејќи е „курва“ (затоа што се „согласила“ друг да ја силува), за на крајот и тој, и докторот – силувач да преживеат, само мачената сестра не. За неа никој не зажалува, таа нема права на поетска правда, за неа нема искупување.
Или Отец Макарие од „Чудо невидено“, уште покарикатурална личност, тука просто на Бата Живоиновиќ не можеш, а да не му се смееш, да не ги повторуваш со години, децении потоа неговите репрлики и фазони, бидејќи тој е баш еден онака, многу смешен тип, ама е шмекер, мангуп, додека всушност, сексуално напаѓа и силува десетина жени, очајнички затоа што се „јалови“, а ние уште и баш се забавуваме додека ги гледаме тие сцени.
На крајот и „Маратонците го трчаат почесниот круг“, еден од нашите најголеми филмови на сите времиња, измиен, наивен, духовит, карикатурален, сепак има и сцена во која старец – стогодишник, номинално глава на семејството, ја зграпчува слугинката, ја пика во кадата во која лежи гол, и ја кине блузата и и ги зграпчува градите, додека таа се спротиставува, ама нема врска, старец е во прашање, не може баш навистина да ја силува, само може да ја „пипка“, многу ни е смешно.
Вакви примери има стотици, не само на филм секако, нашата книжевност е полна со силувања кои се нормализирани, нашата поп – култура, нашата естрада, сето тоа јавно исмевање на сексуалниот труд (и тоа секогаш работничките, никогаш клиентите), се разбира дека не е причина за злосторот на Алексиќ, но некако и не е дека не е. Тој став дека сексуалниот напад е нешто што се случува еднаш, па после се тепаш, вриштиш, шутираш и бегаш, а се друго сама си предизвикала, таа поетика во која женското тело е сечие, само не на жената, ја создаде на некој начин оваа клима во која е можно да се имаат сите тие коментари кои ја обвинуваат жртвата, се сомневаат во неа, не и веруваат, бидејќи е актерка, бидејќи молчела, бидејќи на злосторникот му се „враќала“.
Малку да се подзамислиме каде ќе ни оди душата.
(Авторката е родена во 1970 година и е српска драмска писателка и редовна професорка на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот на уметности во Белград.)