Авторот на „Спиро Црне“, „Летни Силјане“, „Арсениј“, Лепа Ангелина“, „Венко“…, сценарист и колумнист зборув за политичките состојби во земјава, за творештвото, етиката, уметниците…
- Се чувствувате ли разочаран во овие времиња, како што се чувствуваат многумина во земјава?
– Амбиентот, околностите, штимунгот или состојбите во земјава на што вие алудирате, не ќе да се доволен поттик за какво годе силно чувство, какво што е разочарувањето. Се што е од екстремна природа е малузначно и со занемарливо влијание врз мојот супстанцијален емотивен статус. Особено темелно, во ниедна насока не ме поместува политичката ситуација, ниту најпредходната, ни претходната, ни сегашната. Иако имам, или пробам да изградам став во однос на најкрупните собитија, тие во мене предизвикуваат само блага и, по правило, генерозна ирониска дистанца.
Можеби е можно такво влијание врз мене да изврши најблиската околина, семејството или пријателите, оние кои на срцето му се блиски по директна и непосредувана линија, но и тоа не помнам дали се случило и кога се случило, а и ако се случило сум изумил.
Напати, од некои мои текстови, наоколу печатени, може да се стекне поинаков впечаток, дека ете, нешто особено се потресувам, од ѓонија излегувам, ама не, тоа е за потребите на текстот, заради неговата експресија и драматуршката структура, заради експликација на тревогата. Значи, она што го чувствувам од мене произлегува и во мене се густи и е генерирано од многу поопшти и понеодговорливи прашања кои искрснуваат пред онега кој животот го мисли. Ако сакате со збор да го именувам, а никако и да му го исцрпам значењето, тоа би била онаа, од јадрото што искрснува, прастара, мека тага на егзистенцијата.
- Колку што ви го ценат јазикот во вашите дела, толку и ви забележуваат за истиот во новинските колумни. Не сметате ли дека новинското четиво бара попопулистичко изразување?
– Во јазикот е вашиот свет, вашиот космогониум или, попрецизно, јазикот е нашиот свет: се што умееме и знаеме, се што можеме, сето помнење и сите проекции, нашата повест, ужасите на историјата, блесокот на уметноста во јазикот се сочувани, од него устроени. Склон сум да се согласам со Мерло Понти дека ниедно наше чувство, ниту една афектација, радост или тага, пизмата и љубовта, вон јазикот и не постојат, поправо се неможни. Во него е се и од него е се – што е човекот.
Ако е така, а недвојбено е така, тогаш писателот, тој смерен жрец и чувар на јазичното азно, кон него треба да се однесува со краен дикат и соодветна побожност. Првата претпоставка за некој да се устоличи во професијата писател е до крај да го знае јазикот на кој пишува. Тој својата уметност ја прави од зборови, но истовремено и зборовите се неговата уметност. Мајсторот мора нужно да го усовршува својот алат, да го пресоздава, ама и да создава нов за обликот кој беше да го замислил до совршенство да го исцрпи. Ете, таков е некако мојот однос кон јазикот: пробам да биде најдобриот македонски…
Туку што не можам да си споменам дека некој ми забележал за јазикот во моите колумни ( може да е да ме штедат добронамерните), освен извесни лектори, тие малузнајни џандари кои голванско езо ги потресува и ужас соодветен ги ежи кога ќе се соочат со некој од моите текстови. Но, после својско опинање, а понапати и кавга неразлучима фаќање, во која спорот ќе го изгубат заради нивната немоќ предистинирана од Речникот и другите „свети“ книги, кои по правило се застарени во однос на јазичната стварност, ќе си се вратат назад во херничната норма…
Туку, да се разбереме, колумната не е новинарски жанр, скраја било, ами многу повеќе книжевен, поточно се друго освен новинарство, оти е докрај субјективно. А за мојот јазик во моите колумни све нешто во размин: читањето не е за неписмени, ним тоа и не им е можно, што е ординарен факт, како што пишувањето не ќе да е за аналфабети – што е наша стварност.
- А како го коментирате мислењето дека драмите што ги пишувате се врвни поетски творби, но за инсценација прилично „неподобни“?
– Моите драмски текстови се или комедии, или трагедии. Поимот комедија доаѓа од старогрчкиот и значи „весела песна“, а трагедија, што исто така доаѓа од старогрчкиот, значи „песна на прчот“ која се пеела кога на некој од боговите, веројатно на Дионис, му жртвувале прч. И обете изворни значења, што е очебијно, во себе ја содржат одредницата песна, пеење, поезија, та бидејќи сум, но малку старзамански устроен, во својата „уметност на зборовите“ се држам за етимологијата.
Туку што се што врвно е напишано во драмската литература е во стих, или барем прозодично, од Есхил до Шекспир, на пример. Та, така, ако моите драми се „врвни поетски творби“, како што вие велите, тоа сака да сугерира дека ним многу повеќе им се допаѓа тоа тоа елитно друштво. А мислењето дека не се „подобни“ за инсценација ја отчитува општата атмосфера во која живееме: атмосфера на глобална симплификација, во целосна поедноставеност, па анималистичка интенција да се задоволат само елементарните потреби – гладот и либидото.
Тоа беше да го зафатило и театарот – голема чест на исклучоците – кој, попатно, е уметност на поставувањето, нешто како бајпас помеѓу литературата и мрзливиот читател, затоа тој не говори само за себе, ами и за ситуацијата во литературата кај нас, поодредено во драмската литература. Но, претстави на мои текстови три пати учествувале на театарските игри „Војдан Чернодрински“ и трите пати моите текстови ја понеле наградата што, на извесен начин, ја спасува надежта и го напаѓа мојот погорен став. За посложени чувства на посложен начин вообличени во литература, сепак место има.
- Што се случува со ТВ серијата „Црна, но прекрасна“ и каква беше соработката со екипата?
– Се работи под голем интензитет на таа „дидактичка поема“, оти проектот „Нигра сет формоса“ е токму тоа: серија поучителни филмски сочиненија кои, говорејќи за елементите, за геоморфолошките чуда, за ботаничките реткости, за инсектите и птиците, за реката – таа отворена вена на подлактицата на некој сур и моќен бог, поправо говорат за нас луѓето.
Да ја прифатиме дистанцата, восхитувачката рамнодушност, опстанокот, ета драма на радоста од постоењето. Еден од тие филмови е готов, многу наскоро ќе го видите. А за екипата, доволно е само да се спомене дека продуцент е Панта Мижимаков со кого, скоро без зборови, можат да се решат сите тековни гајлина, а директор на фотографија е исклучителниот Владимир Самоиловски – таа личност со светечка посветеност на камерата, кој се што гледа низ зухерот, за кого е се видливо, та и она невидливото, е тука за да стане филмска слика.
- Го решивте ли спорот со Друштвото на писателите на Македонија околу „Алманахот“?
– Баталете ја веќе еднаш, риџбом ве риџам, таа здодевна тема што се вика ДПМ, тоа е темен забел во кој се засолнети бездарните (секако дека исклучоците се подразбрани) кои чекаат државата да им ги реши писателските дереџиња: да ги поткупи, суетите откупи и гневот придуши со некоја дребна пара за поткусур што не стигнува. Та видете како коси си кубат, очи си вадат и на тртникот работат за некакви таму награди, кои не се достатни ни за на опашката на магарето.
ДПМ некогаш беше чекалница од која се регрутираше дел од дворската придружба за славење на велможите и тетошење на спурениот претседател на ЦК на СКМ, сега е тоа само урнато предворје кое води до покорноста која веќе никој сериозно не ја бара. Ама навика, златна сестро, пустана навика што остана небаре шуга што нежно е да се дрпа…
Што се однесува до „Алманахот“, пак, до тој попис на македонските писатели што го издаде ДПМ, тоа ти е вака: одлучиле да се типосаат, на едно место присоберат се што знано и незнано, се што вредно и некадарно, па тоа ти е, сега гледај и чудом упорним опчудувај се. Позлорада глупост меѓу нас, поправо меѓу нив, писателите не беше да била.
- Творештвото е елемент на слободна имагинација. Со пристапот во политичките партии тој дел од слободата е изгубен, зашто квантум на партиска дисциплина мора да се даде. Се повеќе творци се партиски членови. Што мислите за таквата шизофрена ситуација на уметниците?
– Никогаш не сум бил член на ниту една партија, дури ни на комунистичката за што кркав тормози соодветни, затоа не ќе можам од свој опит за зборувам, туку од спекулација.
Да се биде член на партија за писателот мора да значи со двете нозе да си скокне во мекиот стомак на својата професија. Членувањето е лишување од слободното мислење, или од слободата на мислењето, што е друга дефиниција за писател.
Таму, во партиите, веројаттно нема да ти го омекнат р’бетот, ами ќе те примат само ако веќе ти е мек ’рбетот, ама и она другото, за именување понепристојното. Не можам ниту да претпоставам ситуација во која за една рака пилјав и фишек суво грозје, макар тоа да е и директор на Националната библиотека, да му ги солижувам петиците, ама и се друго што ќе ми понуди, на некој таму кој по своите капацитети не ми е ниту до глуждови.
Јака им душа, моја бир пријателке, жал лута ме стега секогаш кога ќе се сетам на тие оџвргалени и од ум излезени „писатели“. На нивната споменост и на тагата нивна.
- Се согласувате ли дека: „само будалите мислат дека е важно што е реалност, а што имагинација. Кај уметниците тоа е сеедно.“
– Нека ми биде допуштена дробна исправка на вашиот цитат: само будалите мислат дека реалноста, во наа тврда смисла ја има, умните знаат дека сето тоа е само куса дремка сред млако пладне во бавчата на изворите, во камарите на недостапното. Или можеби, само грст бистра вода, заграб прозрачна виделина, од шепурката на Ладната вода, под Врнско, крај Црна, тој предол толку реален што изгледа како искренат од бездните на најдлабоката имагинација.
Треба да се слави непостоечкото, надстварното, да се биде поданик на неможното и оностраното, оти само така може да се спаси троа време, миг макар во кој ќе ја почувствува реалноста од благонаклоната насмевка на пријателот, на побратимот, на братот и со ништо неспоредливата нежност на прегратката од жената што ја нема, од онаа која ти е од очите поблиска.
Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2001 година