Сутерен.мк

Ноне Ноциќ: Образование по Итар Пејо!

Тргнува Пејо со мариовци на пазар во Прилеп, кога од највисокиот рид гледаат дека целиот град е во магла. Итроманов им вика на соселаните дека е волна од истрижаните овци и сите, еден по еден скокаат, за да си заграбат повеќе за себе.

Во една друга „поучна“ приказна, двајца браќа одат по дрва во коријата. Помалиот брат го каснува змија. Го викаат, кој друг ако не Пејо, да го реши овој тежок медицински проблем. Пејо одма почнува со инвазивна терапија. Го советува братот, со секирата да му ја пресече главата на каснатиот, за да му излезе отровот. Пошто советите на Пејо се и закон и устав, така и биднало. Братов со секирата преживеал, другиов се спасил од маките. Чича мича-готова прича.

Итар Пејо после ова, заслужено добива почесно место меѓу лектирите за четврто одделение, ама и споменик во центарот на Прилеп. Ако си помисливте дека на крајот од приказниве некој ќе мора да оди у затвор, (како на пример тој што ги одобрува лектирите и учебниците за деца) ќе ви кажам „мало морген“. Никој нигде нема да оди, оти одлуките на судовите се конечни и извршни. И не се коментираат. Како што си е редот уште од векот, нашиот национален херој е*ал мамицата и на турско и на каурско. Пардон, требаше да кажам – пое*ал и шуто и рогато! „Кејс клоусд“. Затоа, сус!

Од ова може да се заклучи дека, таман и да ја прочитате целата Александриска библиотека, да посетувате онлајн, офлајн настава, да бидете физички присутен до утре сабајле, ќе ви биде џабе ако не сте ја сфатиле генијалноста на народниот творец, која се пренесува по генетски пат, од колено на колено.

Кај нас ова образование по Итар Пејо, е апсолвирано и надградувано низ годините со таква инвентивност што Илон Маск може да се слика само за Фејсбук. Итрината денес на нашиве простори извира како лава од Попокатапетл, тече од сите непресечени умни глави, без оглед на националната, политичката, верската, половата, или сексуалната припадност. Факт.

Еве на пример, само на некој образован по протоколите на Итар Пејо, може да му текне дека објект со габарит на Партенон пред главната сообраќајница во Скопје, може да стане невидлив. Сад га видиш- сад га не видиш! Худини мајсторе, после ова, можеш да се џитнеш у Вардар. Исто така, многу илустративен за нашата ука и наука е и примерот со фризерницата за магариња. Се правиш дека му правиш фризура на магарето, а посветено и макотрпно го дресираш, за со трчаница да се упатува кон гласачките места при самото спомнување на зборот „избори“.

Истовремено со години го учиш магарето да не јаде ништо, а да си биде живо и здраво. И веселко. Ако ова не е генијалност, не знам што е!? Патем, овој метод на дресура е патентиран во Меѓународниот завод за патенти под името „Види ја ти Лидија!“

Многу голем процент на итарпејовство, имате и во сообраќајната култура. Еве, баш пред некое време, неколку моторџии се фатени како се возат без кацига на главата. На сите на дело уловени неранимајковци, им е изречена глоба од по 50 евра – сума која е повеќе од добредојдена за нашиот напатен буџет. Да споменеме дека по овој настан, на сообраќајните прекршители, политичкиот рејтинг им се качува со експоненцијален раст и истиве стануваат популарни меѓу масите, како чиллидерки на матурска вечер. Симпатична, итарпејовска, економско, пропагандна, програма.

Импозантен е резервоарот на народната мудрост. За да не ви досаѓам „оувердоуз“, ќе набројам само неколку маестрални идеи во врска со оганот. Огнот се појавува од нигде никаде, кога сакаш нешто да градиш, а не ти даваат. Пламените јазици сами од себе се распламтуваат и кога сосема случајно ќе изгорат некои сектори во клучни министерства. Огнови има и во дуќанчињата на градоначалниците каде се одложува ѓубре, а местото не е изесапено за официјална депонија. Голем пламен гореше, и тоа во неколку наврати, и во Пошта – оваа што сега ќе се продава. И да врне и да вее, и бура да коси, пошта пари има да ни носи!

Туку, друго ми беше муабетот. Остајте им тоа „културен натпревар меѓу народите“ на соседите Бугари. Ќутете, трајте, пријатели мили, да не им текне да го бараат Итар Пејо. Дури тогаш, испоцркавме живи неписмени!

(Авторката е новинар во ezp.com.mk. Фото: Андреј Гиновски)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *