Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Летни бладања

Можете да се буните против вкалапените норми, но масата грисинки што чекорат по улиците прилепени за мажјаците како чивавите под мишките на белосветските персони без професија, веднаш ќе ве демотивираат во намерите. Што ќе рече, или направете си свој сутерен или, отселете се од планетава! Барем, на еден месец…

Сите нешто се жалеа на дождливото деноноќие што траеше два месеца чинам, во првите денови на јуни, ама мене ми разбуди една нереална надеж дека може да врне цело лето, па да не морам да минувам низ истите годишноодморски голготи по којзнае кој пат. Арно ама, телефонските линии со Севишниот не ми се баш во форма, па пукна сонце И не престана…

Со вонсериска брзина се закова главата на семејството во фотелјата пред телевизорот на сред дневна т.е. комбинована, го заши далечинскиот за палецот и почна да дрнда за деталната ДНК на сите постоечки ФК клубови на планетава.
Добро бе, по цел ден испрани алишта стојат во машината за перење и никогаш не му текнува да ги извади, не може да се сети ни кога сме венчани, ама затоа го знае секој пенал на натпреварот од омилениот му клуб, што се одиграл уште и пред да се роди!?

На ова дрско селективно паметење му се одмаздив со коментарот дека „Кристијано Роналдо е баш, супер фраер!“, по што следеше лавина од високотонски тврдења како наназад до шесто колено од моето семејно стебло, сме немале поим од животот – оној, кој се вика фудбал!

Тотално навредена од фактот дека по којзнае кој пат ми се потврдува дека сум се омажила за секојдневна шуплива ластегарка, толку масовно присутна на балканите, си се симнав во само „моите простории“. (На времето, кога троа рационално размислување се уште имаше останато во мозоков ми – пред да почне лудилото со „панини“ сликичките – истерав еден несекојдневен, но страшно практичен инает: во сутеренот од куќата ги сместив сите стари работи, но притоа и стариот мијалник, фрижидерче, компјутер, телевизор, фотељи, кревет… Сега сум како Жозефина на Наполеон: никој не ги лакоми овие простории, а јас се чувствувам како царица!)

Така, насилно избркана од квалификациите во фудбал за Лига на шампиони, почнав да верглам по тоа интернетот и покрај другите „свашта чуда“ читам дека конечно, модната утопија станува реалност и не само што отвора простор и за „обичните смртнички“ , туку уште и вели дека и ние – пополнетите жени можеме да изгледаме секси и елегантно! Секако, со по некој совет од „двополовите“ стилисти од типот „носете еднобојна облека, високи потпетици, кроеви со висока половина, ремени, полудолги јакни…“ Накусо, обезбедете си месечна плата од две илјади евра и најдете си добар кројач!

По посетата на само неколку „врвни“ бутици во градов – знаете, тоа се оние продавници каде што продавач(к)ите се во униформа (за да не им се гледа малата плата што ја добиваат), кои без исклучок, се идентификуваат со брендот што го продаваат, па така арогантно се однесуваат, како самите тие да го измислиле производот што само овде, во нашево село, го нудат по бесмислено висока цена – сфатив дека светов безскрупулозно и упорно продолжува да лаже.
Тргнав по костим за капење (еднобоен, со висок „струк“, каиш, солиден конфекциски број…), а единственото нешто што најдов, а што одговараше на мојата величина беше – стегач за коса! За волја на вистината, најдов и два примероци на костими за капење, во кои некако се „собрав“, но покрај тоа што имаа ужасни принтови (рози и приказни од џунглата) и реси, цените им беа такви што секој нормален би очекувал дека оваа летна декорација, дома ќе им ја испорача лично, Хју Џекмен!

Очајни времиња бараат очајни решенија, па тркнувам до банката да си го проверам салдото дали можам да си дозволам во третиот одмор летово да изигрувам Дита фон Тис, како кога ќе се прејаде еклери.

Кога таму – уште едни „свашта чуда“! Зад пултот, ме пречекува една „мадам“ со црвени локни што и висат до рамењата, проѕирна блуза под која се наѕира некаков си тантелест црн градник, огромни тркалезни обетки и два броја помало кусо, најкусо здолниште. На госпожава од 50 години и фалеше уште безопасна во носот! Боже, боже, кој се се грижи за моите црни фондови!? Веднаш ми излегуваат слики од моите бивши колешки, кои особено во лето беа страшно креативни.

Жени пред пензија (ова е непристојно и кога имаш и 25 години) на работа доаѓаа со маички на прерамки, од кои јасно се гледаше каков градник носат и во која гравитациона состојба им се дојките, во апостолки, шортсеви, со два прста шминка на себе, потпетици од 12 цм., хеланки, со тешки, вештачки нокти во цветен дезен, сандалчиња, очила за сонце со пластични рамки во боја, бижутерија што вришти и пишти…
Тотално резигнирана фатив да акам низ градот бесцелно. А во него голи стомаци, деколтеа да се засрамиш од сопствениот род, жени прилепени до своите мажјаци – да се засрамиш од сопствениот пород, мажи кои не те поздравуваат кога се со сопругите (со швалерките обврзно ти се јавуваат) – да се засрамиш од се живо и диво…

Си ја подвиткав опашката и „налево круг“ кај жизнерадосниот ми господин кој, каков таков барем, не ми се пика под мишка кога излегуваме во јавност. Положбата во која го оставив беше непроменета. Само лименките пиво се беа зголемиле и празните ќесички од кикирики. Не ни забележа дека се вратив (и тоа без ќеси!?) така што, речиси раатисана си се симнав во моето „атомско склониште“.

На еден од „пред – транзиционите“ плакари имам огромно огледало и, како што велат, како секоја храбра жена, си се соочив со „моментот на вистината“. Ништо епохално не дознав освен, баналното сознание дека и оваа година по трет пат, ќе бидам најдебелата на плажата. Како може си велам, една самосвесна, сосема доволно интелегентна, рационална жена, како на пример, јас, да и подлегне на суетата и обичното сончање да го претвори во кошмар!? Да и е страв да се (с)облече во гаќи за капење!?

Така се гледам јас во огледалото од времето на Анте Марковиќ и ги забележувам на себе сите оние сарми, зелници, свински ребра, преспански крапови, ѓомлезиња, мајалници, млечници, чадени – та дури црни, домашни колбаси, туринки, баклави, карамелизирани бадеми, зашеќерени суви сливи со лешници и суво грозје… Зимата, како и секогаш, дошла по својата наплата… И, како сега, за две недели да симнам 152 килограми, жива мера!?

Спасот доаѓа од приземјето: „Заврши утакмицата! Што ќе јадеме? И, дојди да те гушнам – ми фали мојата срцка, мекичка! Нашите победија!“


Нашите!? Кои се нашите!? А и кому му е гајле! Веднаш ми текна дека во замрзнувачот имам речиси готов гулаш, само подгревање му треба, а и кадаиф (смрзнат е уште поубав).
По јадењето и еден испиен вранец, верниов ми придружник решил да ме почести: ми дава завидна количина купони од супермаркетите (не прашувам како се набавени) за да си купам што си сакам, со десет отсто попуст – дали тенџере, дали фротирка, дали лажица црпалка… Мое е само да одлучам…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *