Сутерен.мк

Брозовите копилиња: Филмот не е скап, туку скапоцен!

Со Александар Поповски и Дарко Митревски пред скопската премиера на нивниот игран филм „Збогум на дваесеттиот век“ за тоа колку чини филмот, за резервираните директорски места за нив во „Вардар филм“ и МНТ, за златните рипки, недовербата кон новинарите…

Александар Поповски е роден во 1969 година, две години пред Дарко Митревски. Детството им помина во фантазии – едниот сакаше да игра фудбал во националната репрезентација, а другиот да слика голи жени и пејсажи. Се до таа трагична ноемвриска ноќ, во 1987 година, кога тие двајца се запознаа! Од тогаш започнува взаемното малтретирање – заеднички театарски претстави, заеднички ТВ серии, заеднички музички спотови, ТВ реклами и кампањи, награди, стрип – серијали, карикатури, новински написи, изложби, студентски филмови… и една мала компанија за реализација на нивните сништа: „Мирко и Славко – Прва партизанска продукција“!

Сега се веќе доволно големи за да го напишат, продуцираат и реализираат својот прв игран филм – „Збогум на дваесеттиот век“!

Александар е среќно оженет – има сопруга со променлива боја на косата и мала ќеркичка во облик на грашоче, наречена Миа… Дарко живее сам, очајнички трагајќи по својот мачор Шиме, кој мистериозно исчезна минатотот лето. Доколку сакате да ги контактирате, Ве молиме да не го правите тоа рано насабајле!

Вака пишува во проспектот за нивниот игран филм „Збогум на дваесеттиот век“, кој премиерата ја имаше на овогодинешниот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола, а наскоро се очекува и на репертоарот на Градски кина во Скопје.

И нема причина да не му се верува на напишаното. Како што и по ова интервју, повторно нема место за сомнеж дека Мирко и Славко ќе отстапат од стилот на своите јавни настапи – супериорно и дрско. И не дека немаме потпрашања на нивните одговори, но технологијата на комуникација со „Брозовите копилиња“ (како што еднаш самите себе се нарекоа) едноставно, не го дозволи тоа.

  • Што добивте, а што загубивте со овој филм?

Александар: Добивме желба сето ова да ни се повтори и да снимиме уште еден филм!

Дарко: Го загубивме Ненад.

  • Дали е точно дека филмот чини 1 200 000 германски марки? Ако е така, значи ли тоа дека „партизанските“, „герилските“, андерграунд… продукции, стануваат прескапи?

Дарко: Точно е дека чини 800 000 марки, како што објавија весниците. Точно е дека чини 1 000 000 марки, како што тврди Дарко Марковиќ, точно е дека чини 1 200 000 марки, како што тврдиш ти… Точно е дека никого не го интересира каков е филмот, туку колку пари се потрошени.

Александар: Точно е дека филмот чини онолку колку што ви е потребно да чуете. Во таа смисла, точно е дека филмот чини 15 000 000 марки и за вас е доволно скап. За нас тој не е скап, туку скапоцен.

  • Ако Мирко и Славко се покажаа како миленици на директорите на моќните фирми кои го спонзорираа филмот, како го доживеаа заклучокот на нивниот најголем спонзор – министерот Унковски – дека социјалистичката култура умре?

Дарко: Види Бранка, социјалистичката култура… ех… ми избега мислата…

Александар: Кога Мирко и Славко би се бавеле со вакво прашање, не би се бавеле со филм!

  • Дали Мирко и Славко се партизански продуценти или продукциски партизани?

Александар: Е, ова е мошне интересно прашање…

Дарко: … само што ние двајца не го разбираме!

  • Се лутите кога потенцираат дека зад вас стојат четири – пет државни институции, бидејќи сметате дека така и треба, наместо „руска мафија“ или „грчко лоби“, но не сметате ли дека, кога ќе конкурирате за третиот филм зад вас треба да стојат вашите два претходни филма?

Дарко: Мислам дека овојпат си сосема во право! Зад нашиот трет филм треба да стојат нашите претходни два филма!

Александар: И не само нашите два филма „Светло сиво“ и „Збогум на дваесеттиот век!“, туку и останатите наши дела: театарските претстави на театарското студио „Црв“, стриповите во „Млад борец“, страниците на „Газета Казабланка“, театарските претстави „Џинот и седумте џуџиња“, „Перлимплин и Белиса“, „Еуросеја 2001“, „Туку така под облака“, „Тетовирани души се враќаат дома“, „Маме му ебам кој прв почна!“, наградите на фестивалот БРАМС, гран при во Лион, наградата „Арена“ во Ерланген, седумте награди на „Војдан Чернодрински“, гран при на БИТЕФ, турнеите во Германија, Италија, Југославија, Бугарија, Данска, Австралија, Франција, Шведска, режијата и дизајнот на фестивалот „Браќа Манаки ’95“, серијата „Сабвеј“ на А1 ТВ, серијата „Уа, шнајдери“ на МТВ, гран при за ТВ продукција во Пловдив, награда на публиката на МТВ, видео спотовите на Влатко Стефановски, видео спотот на „Архангел“, рекламните спотови за „Грини“ супи, за „Алкалоид“ чаеви, за „Голди“ козметика, за кредитната картичка „Мастер кард“, за стрип списанието „Алан Форд“, за „Инфотел“, за магазинот „Форум“, за авио – компанијата „Авиоинпекс“, за Пливачкиот митинг во Скопје ’96, за Охридскиот пливачки маратон ’97, за отворањето на Македонска берза, за апаратот „Космодиск“, за конфекцијата „Дуга“, документарни филмови за пропаѓањето на културните споменици во Македонија и за презентација на македонската економија пред ММФ во Брисел, како и годинешната кампања за Социјалдемократскиот сојуз.

 

  • Авторите на францускиот „нов бран“ (Годар и останатите), потекнаа од списанието за филмска критика „Филмски тетратки“ на Андре Базен. Вие на филмот дојдовте од „Газета Казабланка“. Сметате ли дека разликата во квалитетот на нивните и ваши филмови потекнува токму од тоа?

Александар: Никогаш не сме ги сакале режисерите на „новиот бран“, ништо не ни значат нивните филмови, ни малку не ни е блиска нивната естетика…

Дарко: … и затоа сметаме дека разликите во квалитетот на нивните филмови и нашиот филм потекнуваат токму од тоа!

  • Точно ли е дека во новата прераспределба на моќта во културните институции за Дарко е резервирано местото директор на „Вардар филм“, а за Александар директорското место на Драмата на МНТ?

Александар: Точно е.

Дарко: Точно е.

  • Името на вашата продуцентска куќа стана и ваш прекар. Зошто токму Мирко и Славко?

Дарко: Така не нарече еден новинар во својот текст, нам посветен: „браќа Шнајдери или Мирко и Славко на македонската култура“!

  • Да имате можност, која од овие три желби би сакале да ви се исполни:

а) да го снимите „Битката на Неретва“, втор дел со Вељко Булаиќ

б) да ловите риба на Бриони

в) да бидете славни како Гаврош од „Уа, шнајдери“?

Александар: Кога би уловил златна рипка и таа би ми понудила исполнување на вакви три бесмислени желби доколку ја вратам назад во водата, веднаш би ја турил златната рипка на скара.

  • До кога ќе настапувате како „двајца во еден“?

–  Александар и Дарко: Тоа е интимно прашање кое немаме намера да го одговориме!

  • Секогаш интервјуата ги правиме со готови прашања, факсови… никогаш директен разговор! Имате недоверба кон новинарите или пак, можеби лична несигурност?

Дарко: Заради недоверба кон одредени новинари, лично сме несигурни во тоа што и како од нашите изговорени зборови ќе биде отпечатено.

Александар: Вака е подобро – од напишаното не се бега!

 

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1998 година

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *