„Сакавме да го спречиме шундот што навираше од бившите југословенски простори, а си создадовме свој, идентичен на него. Умира традицијата. Корените ни се губат, јазикот го расипавме“
„…Бидете смели, о деца на Река!
Нечесниот не ќе не плаши,
Споменете си кој ви навредувал земја и нека
срцата ви охрабрат ваши!“
Цитираното е извадок од поемата „Сердарот“ на нашиот поетски гениј од 19 век, Григор Прличев. И не случајно. Во нашиот разговор со Диме Поповски, како да беше присутна и дел од мечтата, навредата, незадоволството на овој голем интелектуалец и визионер на Македонија.
Диме Поповски е филмски работник, фотограф, режисер…, но и неповторлив интерпретатор на забавна и народна музика.
Незаборавени ќе останат неговите изведби на „Лени“, првата македонска шансона „Запеј ми Славче“, настапите на фестивалите во Опатија, Загреб…
Се до седумдесеттите години, кога наеднаш го снемува…
- Каде бевте сиве овие години?
– Тука! Во културата и тоа колку што можам повеќе. Но во вистинската култура. Од ’75 година работам редовно во МТВ. Порано правев музички емисии, сега повеќе не. Имам аверзија кон начинот на кој се прават тие емисии и воопшто, кон политиката која се води околу музичкиот репертоар.
Мојата друга голема љубов освен музиката е фимот. Па така, се свртев кон него. Почнав да работам како асистент по режија со Кирил Ценевски, со Столе Попов, со Владимир Блажевски… Филмските работници се најголемите ентузијасти што останаа кај нас и навистина сакам да работам со нив. Понекогаш влетувам и со некоја мала улога, но не поради желбата да бидам артист, туку само од голема љубов кон филмот.
Пред четири години настапив во Линц на еден европски натпревар на ТВ спотови со песната „Запеј ми Славче“, а спотот јас го режирав. А пред две години учествував во „Мартолозот“ на Бранко Ставрев, каде го играв гусларот, тој што ја раскажува приказната за Сердарот.
Се занимавам и со фотографија. Последниве години режирам документарни емисии, патеписи за природните убавини на Македонија. Така што, тука сум.
- Повеќе не пеете…
– Да, не пеам. Се случува одвреме – навреме да запеам за потребите на театарот или на филмот, но професионално одамна престанав да се бавам со музика. А престанав затоа што сакав да останам чесен. Не сакам да навредувам ниту да ме навредуваат.
Ја оставив песната со една тага. Сепак, кога некој би ми понудил да снимам песна, но добра песна, секако дека би снимил. Меѓутоа, фестивали, настапи како овие денес!? Се сметам себеси за сериозен човек и мислам таков и да останам.
Не сакам да звучи нескромно, но мислам дека денес кај нас нема музика во која би сакал да учествувам. Сакавме да го спречиме шундот што навираше од бившите југословенски простори, а си создадовме свој, идентичен на него. Песните ни се на лош македонски јазик, музиката на се личи само не на македонска.
Се регрутираат луѓе кои се музички неписмени. Истото се однесува и на забавната и на сериозната… Има некоја поп, рок или памк варијанта, но тоа не е тоа. Жално е што луѓето ја напуштаат културата, традицијата. Кога Драган Ѓаконовски Шпато и јас снимавме песни, тоа беа чудесија. Со колку љубов, со почит кон музиката сме го правеле тоа.
Кога настапувавме со „Безимени“, со „АБЦД“, бевме сиромашни, млади, но среќни што го работиме тоа. Некогаш се сакаше македонската песна, денес таа е понижена.
- Како тогаш да се објасни толкавата популарност на новокомпонираната песна?
– Медиумите се тие што го воспитуваат народот. Ако моето дете слуша секој ден некаква новокомпонирана музика која нема врска со народната, како утре може да знае што е добра народна песна. Истото се однесува и на забавната. Постојано од радијата и телевизиите сме бомбардирани со музика на некои „нови клинци“ кои, освен што свират лоша музика, имаат и такви текстови што најблаго речено се непристојни.
Можеби сакаат да искажат некој револт. Но јас лично не гледам револт, ниту некаква порака. Народот едноставно нема избор: на публиката и се сервира еден тип на музика, лоша музика и таа е веќе вкоренета. Со сета нејзина агресивност, врева и вулгарност. А човек се навикнува…
- Звучите многу разочарано…
– Разочаран сум многу во овој наш народ. Отсекогаш сум имал верба дека е ова вреден и питом народ и дека може да направи многу. Се воспостави пак, дека е дезорганизиран. Веројатно е тоа од многу ќотек јадење.
Разочаран сум што на оние кои сакаат да се занимаваат со вистинска култура и уметност, не им се дава простор за тоа. Умира традицијата. Корените ни се губат, јазикот го расипавме. Треба да го сакаме своето. Сега веќе се затвора кругот по осамостојувањето, па многу работи ќе мора да се разјаснат. И во културата.
- Посветен сте на ТВ патеписите. Ве исполнува ли тоа?
– Тоа е спој на мојата љубов кон природата и професијата. Снимив седум емисии за комплексот на цркви и манастири околу езерото Матка. Направив и две емисии за Поречието. Еве, сега треба да ја довршам емисијата за островот Голем град на Преспанското езеро. Македонија е прекрасна земја. Јас сакам да комуницирам со нејзината природа.
И бидејќи сепак, во мојот живот секогаш ќе има место за песната, подготвуваме со Љупчо Константинов еден проект на петнаесетина македонски изворни песни, аранжирани и оркестрирани на еден современ начин. Меѓу нив ќе биде и мојата многу драга песна од Прличев, „1762 лето“. Се надевам дека се ќе испадне добро.
- Критичен сте кон денешната музика, но сепак, би издвоиле ли некој македонски пејач кој особено ви се допаѓа?
– Да. Нет Кинг Кол.
Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1994 година