Иако четириношците не разликуваат дали е месото од елен или од кокошка, луѓето не жалат да потрошат пари за разни деликатеси.За кучињата и мачињата од „високата класа“ постојат специјализирани ресторани во кои им се служи омилената храна, за нив се дизајнира постелнина, гардероба, а во ѓерданите и водниците им се вградуваат дијаманти. Наметнувањето на желбата на човекот врз животното само ќе донесе уште една „западна“ професија кај нас – психијатар за домашни миленичиња!
Оставајќи ги подзинати своите биолошки наследници од нивните последни желби, западните богаташи често пати им оставаат милионски суми на домашните миленичиња или на разни фондации за заштита на животните. Она, пак, што станува белосветски тренд е тоа дека уште за животот, милионерите (особено во Соединетите Американски Држави) се обидуваат на кучињата и мачките што им се дома да им обезбедат кралска удобност.
Статистиката вели дека луѓето кои имаат вишок пари, најмногу ги трошат на лична хигиена и на нега на своите миленици. Меѓутоа, таа нега не подразбира обична храна, вакцинирање, капење и стрижење, туку биолошка исхрана, масажа, психотерапија, маникир, естетска хирургија, биоенергетски третмани, акупунктура, забави… За кучињата и мачињата од „високата класа“ постојат специјализирани ресторани во кои им се служи омиленото јадење, за нив се изработуваат кревети, се дизајнира постелнина, гардероба, во ѓерданите и водниците им се вградуваат дијаманти, а одредени богати сопственици им ангажираат на своите четириножни пријатели и готвачи, шофери, бебиситерки, приватни авиони…
Нашава средина е далеку од ваквите ексцентрични покажувања на статусот и богатството, но полека се насетува формирањето на една нова група граѓани кои не жалат пари кога е во прашање „удобноста“ на своите мачиња и кучиња. Веќе не е ексклузивна глетка да видите изнакитено кученце на улица, со палтенце, шалче, па и чевличиња, како потскокнува покрај гордиот сопственик.
- Мал е процентот на оние што имаат миленичиња заради привлекување внимание. Повеќето, сепак, ги имаат од алтруизам“, вели, кардиологот Владо Борозанов, кој не се двои од шнауцерот Блек дајмонд – алијас Жиле – пиле, кого го носи и по продавници и во кафеана.
- Жиле е најсаканото куче во Скопје и најпријатното друштво за мене. Месечниот трошок за неговата нега е околу 2. 000 денари, во што е вклучена храната, витамините, стрижењето. Кога е многу студено му облекувам палтенце, но тоа не е скапа облека, туку му го сошија едни пријатели од остатоци од материјал. Не го носам на изложби и не го китам. Битно ми е само тој да е среќен, здрав и сакан – вели доктор Борозанов.
Скапи додатоци
Меѓутоа, сите не мислат како познатиот доктор. Во скопската продавница за миленичиња „Бруно“ велат дека, иако пазарот е мал, имаат доволно муштерии кои купуваат ѓердани за мачки со сваровски кристали од 50 евра, парфеми за кучиња од 1.500 денари или облека од ателјето на нашиот моден дизајнер Ненад Секирарски. Потребните работи како регенератори (за крзно, не за коса и тоа посебно за беловлакнестите, посебно за црните), пасти за заби, чоколади за кучиња, гаќички за женките, пелени, крпи од микрофибер, разни деликатеси и десерти (од разновидно месо, зеленчук, житарки, а сто грама од нив чинат 300 денари)… се веќе производи за „широка потрошувачка“. Марија Петреска од „Бруно“ вели дека оној што купува скапи работи за себе, истото го бара и за своето милениче. „Нема ништо лошо во тоа што сакате да го разгалите својот миленик“, вели таа.
Во таквото „разгалување“, како што спомнавме, вклучени се и креации од дизајнерски имиња. Кај нас, на светскиот тренд му се приклучи Секирарски, а во светот „Гучи“, на пример, во својата понуда има и кожени носилки за кучиња што чинат 2.655 долари, а американскиот синџир на ноќни клубови „Скајбарк“ организира забави за домашните миленици, на кои се служи потполно природна храна, на чинии поставени со синтетичка трева, што чинат 11 долари од порција.
- Грижата за миленичињата е голем бизнис во САД- вели ветеринарот Марин Величковски. – На 300 милиони народ има исто толку кучиња и мачки. Последниве десетина години кај нас се популаризира чувањето домашни миленици и мислам дека допрва ќе се развиваат фирмите што нудат услуги за нивната нега. Добро е за семејството да чува животно дома, особено ако има деца, зашто детето чувајќи го (најдобро тоа да е куче) се учи на одговорност и обврски. Сепак, мал е бројот на оние што ги имаат миленичињата заради престиж, повеќето искрено ги сакаат и негуваат, но не може да се избегне она дека, на кое скалило во општеството е сопственикот, таму и кучето.
Во најчестите услуги што ги бараат од неговата ветеринарна ординација, нашиот соговорник ги наведува, покрај вакцинирањето и здравствените прегледи, фризирањето и бањањето, стерилизацијата, коригирање вродени аномалии, чистење забен камен, но вели дека се случило да побараат и отстранување на нокти или гласни жици, што потенцира дека не смее да му се прави на животното. - Бараат и да им го причуваме миленичето на неколку часа, но не и да им подготвуваме роденденски забави. Се уште сме на почеток на создавање ваква клиентела, не можеме да формираме ни една „паралелка“, но ќе дојде и тоа – се смее д-р Величковски и раскажува дека некои негови клиенти носат ремени од 150 евра и живеат во куќички од 200 евра. Од него дознавме и дека моментално во „мода“ се самоедите, малтешките пудли, англиските булдози и маламутите од кучињата, а од мачките персиските и сијамските, но вели д-р Величковски, се уште многу омилени се и домашните мачки.
Егзотични видови
Покрај „класичниот“ избор на миленичиња, во Македонија во последниве години се појавуваат и егзотични животинки кои почнуваат да живеат во градските домови. На Војо Иванов од пет- шопот „Зоовивариум“ се почесто муштерии му се млади луѓе кои му бараат летечки шеќерни мечиња (всушност, летечки верверички), камелеони, геко- гуштери, африкански штрумф ежиња…
- Има луѓе кои доаѓаат да купат од овие примероци само заради снобизам и секогаш се трудам да ги разубедам да не го земаат животното или им кажувам дека можат да го вратат во продавницата, ако се премислат. Жално е кога ќе видите дека животното станало луто, агресивно, несреќно заради негрижа. Не е за секого милениче. Впрочем, оние што најмногу ги сакаат животните обично немаат услови да ги згрижат – вели, Иванов.
По се изгледа дека и кај нас помина времето кога на „најдобриот човеков пријател“ му следуваа само остатоците од вечерата, а постела му беа износените алишта на стопанот. Даниела Ѓурчиновска од книговодственото биро МФД, покрај тоа што дневно одвојува по 120 денари за американскиот басет Бен, за храна, витамини и кекси, троши пари и на водник, градник, јакна, но и на чевли!?
- Оваа раса некогаш гонеле свињи по шумите, но тие сега се салонски кучиња и кога е многу студено им е потребна облека. Не купувам брендирани додатоци, ама му купив чевличиња, зашто мислам дека му се потребни, но,за жал, не сака да ги носи – вели нашата соговорничка.
Како што расте потрошувачката на разните аксесоари за домашните миленичиња, така расте и бројот на оние што се спротивставуваат на претерувањето во нивното угодување. Прашање на време е кога кај нас ќе се појават „здруженија за етичко однесување со животните“ и кога социолозите гласно ќе се побунат дека сопствениците не баш секогаш знаат што е најдобро за нивните миленици. Дека од „шеширот“ може да ги заболи главата, а облеката треба да им биде таква да можат да излезат од неа кога ќе посакаат. Засега само кулоарски коментираат дека се забележува снобовскиот обид кучето да се трансформира во луда, ретардирана личност, заборавајќи дека тоа е само куче и дека четириношците баш и не разликуваат дали е месото од елен или од кокошка, зашто тие се раководат од гладот и нивното сетило за вкус не е развиено како кај луѓето. Наметнувањето на желбата на човекот врз животното само ќе донесе уште една „западна“ професија кај нас – психијатар за домашни миленичиња.
Верица Пандиловска, пејачка
Ѓердани со штрас
- Моите две мачки Цица и Мица, се домашни мачки, но се многу негувани, а тоа ги прави здрави и весели. Ги хранам со производи купени во специјализираните продавници и понекогаш ги честам со понекој мачешки десерт, но јадат и она што јадеме ние дома. Имаат куќа од крзно на два ката, кадифени топчиња, глувчиња – играчки, а им купив и розеви ѓердани со штрас. Меѓутоа, кога прв пат и го ставив на Цица толку и беше „неудобен“ ѓерданот, што за малку ќе се самоубиеше. Така, веќе не помислувам да ги „нервирам“ со вакви додатоци – вели Пандиловска.
Ненад Секирарски, моден дизајнер
Брзо ги фаќаме трендовите
- Облеката за миленичињата, како и за луѓето, не е само заштита туку со неа се испраќа и порака во јавноста. Без разлика од каде е купена нашата гардероба. Луѓето што имаат потреба од дизајнерски парчиња за себе, имаат и за своите миленичиња. Сж е прашање на вкус и стил. Првпат креирав облека за четириножните миленичиња пред три години, при акцијата на USAID, „Aid to artesans“, што беше за помош на занаетчиите, а тоа беа рачно плетени џемпери, што ги изведоа во Здружението на жени. Потоа дизајнирав четири колекции за англиската компанија „Ричи пучи“, која произведува облека за домашни миленичиња. При правењето на моделот не правам разлика дали е тоа за куче или за човек – исто се посветувам. Кај нас пазарот е ограничен, но побарувачка има се повеќе. Многу брзо ги фаќаме светските трендови и допрва ќе се развива оваа дејност – вели Секирарски, кој спомнува дека чува папагал и рипки.
Јагнула Куновска, пратеник
Голем е себапот!
- Имам четири јоркширски териери, всушност, едно цело семејство и бетер од деца се. Малку јадат месо, повеќе супа и зеленчук. Трошокот не е голем, голем е себапот. Внимавам да бидат средени и чисти затоа што живеат со мене, но ништо не сакаат да носат! Девојката на син ми им донесе облека од Америка, но не ја поднесуваат и не им ја наметнувам. Кучињата ги имам заради тоа што ги сакам и затоа што никој не ми се радува толку многу како нив кога ќе ме видат! Имав црна пудла на времето, кога ретко кој чуваше куче и кога ќе излезев да ја прошетам, коментираа потсмевливо:„Еве ја, онаа со кучката!“ За да чуваш животно треба мерак! – вели Куновска.
Славица Петровска – Галиќ, оперска певица
Кучињата не знаат за Армани!
- Порано доаѓаше жена дома кај нас за да им ги среди „фризурите“ на двата малтезери што ги имаме – Миа и Маза, но сега сама ги средувам и опремена сум комплетно – со специјални ножици, четки, чешли… Им купувам готова храна (кога патувам ја носам од странство) и внимавам да е квалитетна, а дома им приготвувам само бело месо, а добиваат и разни кекси, деликатеси, грицки… Имаат специјални четки за заби, пасти, шампони, крпи… Знам и да ги ’дотерам’ со џемперчиња, палтенца, кога е студено, но не купувам брендирана облека за нив. Не дека немам пари, туку мислам дека тоа е претерување. Кучињата не знаат што е Сваровски или Армани!? Познајниците знаат да ми речат дека сум „забегана“, но јас не мислам така, затоа што јас ги негувам зашто ги сакам, а не за да ги покажувам. Да го китите отповеќе животното е исто како од детето да правите манекен! Месечно трошоците за двете се околу 100 евра, но ги чувам како родените деца и ништо не ми е тешко, ниту скапо, само тие да се здрави и среќни. Меѓутоа, не заборавам ниту на уличните мачки и кучиња и секоја вечер им носам храна. Одамна сум на ниет да направам хуманитарен концерт за животните на улица, но никако да најдам организатор. Треба да се направи повеќе за нив. Многу ми е жал кога ги гледам незгрижени- вели Петровска-Галиќ.
Бранка Д. Најдовска
Фото: Гоце Солев
„Глобус“, 2007 година