Сутерен.мк

Тони Димитриевски: За препичот наш насушен!

Пред, па има веќе два месеца ми се јави Маман (тоа е оваа фина дама што го смисли “Сутерен“) во “инбокс“ и онака суптилно, како што само таа знае, ме замоли да и напишам нешто за порталот. А бидејќи дотичната е една од оние ретки луѓе што не сакам да ги одбивам – се согласив експресно, и малку се заебав, и себе и нејзе. Оти веднаш после таа куса конверзација открив дека јас всушност и не знам за што воопшто би пишувал. Се нема идеја! Се мачев смислувајќи кое какви “тези“ , се сами ќорфишеци, се додека пред некој ден не заклучив дека сум тапа за пишување, некреативна дртина, а пази: живеам во земја во која глупостите (темите) се случуваат побрзо и од брзината на светлината! Ми олесна од самокритичноста – што има да се “препичувам“ кога нејќе, не оди, си реков…
И глеј чудо баш тоа “препичувам“ во истиот миг ме заинтригира, ете тема – “препич“ или “препичување“, баш згодно за мало разгледување.


Елем, прво што ми падна на памет е дека овој термин всушност е толку многу широк и во себе обединува цел спектар на поими, така што “препичот“ се и да се сака не може да се набљудува како парцијален акт или поведение, туку како севкупна човекова состојба. Не, не е тоа обично правење важен, ами нешто што во себе го содржи пувањето, како дел од општата слика.
Појдовна ми е мислата дека “препичувањето“ е претстава на личноста дека е нешто или дека треба дабиде нешто во својата средина, во општеството, на работа или во сопствениот живот. Односно дека е тоа некаква си тежнеечка константна составена од сите наши желби, замисли, надежи, дострели, уверувања…, и над емоциите со кои што може честопати умешно да манипулира. И дека подеднакво се пројавува – интимно, професионално, социјално, не менувајќи го интензитетот, туку само начините на манифестација.
Сакам да кажам дека се препичуваме сите, на еден или друг начин, во помала или поголема мера, мало и големо, старо и младо, будало и несаглам, зависно од дадената ситуација. Еве, не сум сигурен дали и јас го заобиколувам препичот кога го пишувам ова, ама тоа сега не ни важно.


Она што ми изгледа важно е дека, согласно искуството и практиката на човековото битисување, претставите за себе самите по правило ни се криво-леви, т.е лажни, па така препичот не губи на шмек, туку напротив втемелен врз тенденцијата да не истакне секаде и пред секого (а во интерес на сопствената самоубеденост) тој добива на значение како императив – мајка на сите форми, ебаго.
Значи, тој (препичот, разбира се) ни доаѓа како нормална и неопходна состојба на личноста, како “леб наш насушен“, или ако бидам до даска театрален во метафориве – како “алфа и омега“ на нашето егзистирање. Ретко се фаќаме во сопствениот препич, мнозинството речиси и никогаш, оти кој денес, до Бога, сака да губи време занимавајќи се со себе си.
Но, добро, не е се така црно кај препичот. Мене, на пример, отсекогаш ми биле симпатични оние интимни машко-женски препичи, прошарани со кое какви итромански кокетарии и слични шарманции, или пак детските, во суштина наивни препичувања. Просто, ми изгледаат бенигни, се додека општеството темелно не ги фати под свое. Како што, да речеме, се оние апсолутистички, интелектуалистички, политикантски и слични егоцентрични будалаштини, чијашто единствена цел е да му ебат мајката некому или на некои, а во име на сопствениот бериќет, каков и да е.
Затоа, баш сега и ќе го завршам и овој кус оглед, колку да не се претвори во препич.

(Авторот е поранешен новинар, но се уште добар сојузник во бесконечната борба за право на информација на ова педа земја и во 21 – от век. Роден е во 1966 година, во Скопје.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *