Дарлинг,морам да ти ја прераскажам мојава приказна. Веќе поминаа неколку месеци откако раскинав со мојот последен дечко и се уште се осеќам ужасно поради тоа. На почетокот,првиот месец воопшто не чувствував ништо за него,но подоцна се се смени. Јас почнав да го засакувам, но и тој мене.
Делевме се, бев многу блиска и со неговото семејство. Но, наеднаш, како гром од ведро небо, дојде веста дека тој не може повеќе да издржи и дека сака да раскинеме, поради негови лични проблеми. Јас се уште патам поради тоа и искрено,никого не сум сакала вака како што го сакам него. Сега тој има друга, но јас сум се уште присутна во неговиот живот.
Се гледаме на неколку денови и тоа секогаш кога седам јас со друштво тој доаѓа и седи со нас. Имав период и кога воопшто не ме рецкаше,не знам дали имам некое место во неговиот живот. Воедно се испокарав со друштвото,со мојата најдобра другарка и не планирам ништо да направам во врска со ова. Но,сепак тешко ми е и не знам што да правам. Од една страна ми е страв да не се промени се на лошо, а од друга страна пак и не можам да не бидам покрај него. Кажи ми како да се справам со сето ова,бидејќи јас и самата не знам што да правам со самата себе…
Адријана,Штип
Адријана дарлинг, не сте прецизни во прашањето па така не разбирам: тој ве напушти поради лични проблеми за кои не можеше да разговара со вас и си најде друга или си најде друга па нормално, после не можеше да рзговара со вас за интимни прашања?
Се извинувам, ама тука нешто не е јасно. Како тоа, не можел со вас да дискутира за некои демек, ептен приватни прашања и поради нив ве остава за потоа да е со женска која… што…? Има трето око? Не мора со неа да муабети туку таа му чита мисли?
Драга моја, кога некој ве нејќе, ве нејќе, а кога вие го сакате најчесто е заради тоа што тој ве нејќе. (И средете го својот социјален живот. Не може да им „раскинувате“ туку така на пријателите. Разговарајте. Извинете се, ако треба. Пријателството е многу побитно и инвестициски пооправдана релација отколку хормоналната самобендисаност.)
Има мажи (и жени, секако) кои многу сакаат да си играат „мачка – глушец“. Моето искуство е дека со ваквите сакам – нејќам ќерефекии само се губи драгоцено време и нерви. Едноставно, не вреди.
Баталете ја суетата, баталете го него. Што ќе ви е и да ви се врати? Зарем така лесно ќе преминете преку сета таа лакрдија? Можеби, ако тој има банкарска сметка со барем, милион евра. А нема.
Отидете некаде на гости, во друг град, село, планета, ако можете. Секогаш велам – човек копнее само по она што го гледа.
Некои ќе речат дека клин со клин се избива. Може и тоа, но ефектот е многу кусотраен.
Ви ја разбирам повреденоста, но морате да се натерате да одите понатаму. Правете се што ќе ви ги отргне мислите и уличките кон него и повторувајте: Ако можев вчера без него, ќе можам и денес, ако можев вчера, ќе можам и утре…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)