Сутерен.мк

Игор Пачемски: These are a few of my favorite things

“… Girls in white dresses with blue satin sashes, Snowflakes that stay on my nose and eyelashes, Silver-white winters that melt into springs, These are a few of my favorite things…”

Пее ли пее Џули Ендрјус во “The sound of music” или како што секоја екс-ЈУ поштена кучка би го нарекла “Моје песме, моји снови”, по истата логика по која “La Violetera” или “Продавачката на темјанушки” стана “Продавачица љубичица” за вјек и вјеков, амин.

Филмот е лоциран во Салзбург, јас летав преку Виена, па по дома ми се матка една празна кутија „моцарт кугли“ и ем, асоцијација ем, се таман…

Се вратив во мајковината по едногодишно отсуство и целиот натоварен со куфери како еден подослабен (-45 кг, уредничката ќе потврди) Дедо Мраз.

Ноќта пред летање, капирам дека ми го нема пасошот. Следи нешто тотално неочекувано!

Вртам во МК амбасада и на телефон се јавува амбасадорката Бети Јачева и ми вика, дојди со слика, ќе ти извадиме патен лист, што афектиран од Малвина Гризо се уште го викам “Laissez-passer”.

За разлика од македонскиот претенциозен транзициски разлигавен хорор на Cavendish Square во Лондон, па дури и Strutton Ground, оваа скромна просторија што личи на школска амбуланта, ми се виде мила, пријатна, дури и носталгична.

Такси, Амстердам – Хаг – Амстердам и Мечка со нервен слом (дома ги полудев), и бев на пат кон МК четири часа подоцна, спиен точно еден час.

Chapeau your excellency. Пошто не може да е едно (во Англија викаат “Thes come in threes”), на чек-ин на Austrian си го оставив портмоменто. И тоа го сфаќам после поминато security.

Кажано ми е дека некој ќе го донесе на boarding. Дваесет минути пред летот ми кажуваат дека нема кој и дека ќе го пропуштам летот доколку не излезам од терминалот, влезам пак преку чек-ин и поминам пак преку секјурити.

Како ги истрчав тие километри не знам, но знам дека двете чуми што не сакаа да ми го донесат портмонето со сите можни документии изгледаа вчудоневидено, импресионирано и малку разочарано, бидејќи катиљството не познава граници.

Стигнав во СК и право кај Весна и Оле, од тимот на Секирарски, за да се направи дел од колекцијата. Златни жени, златни раце, кафе муабет во Топанско и со гепек мостри кои треба да ги слика Стоја (порно Stoya, не цајка Stoya), се упатив дома да ги гушнам Пуфа, Гоце и Картонче (Луцифер и Ема сега се Холанѓани) и да се натопорам за концертот на Ема Попивода и Асами Сате.

Се облеков доста модерно и прв дигам рака, малку посоодветно за модна недела отколку за ваков концерт. Нејсе, на коктелот кој следеше бев топ, lol. Но, што сакам да кажам…

Настанот, да имаше грам фер културно новинарство, ќе беше одбележан како вистински highlight на културно-социјалниот календар на годината, бидејќи буквално, беше присутен цел дипломатски кор. Бев горд до пукнување.

На Македонија и требаат вакви настани, не драчевки со вратови и Ботега ивенти.

На покана од јапонскиот амбасадор, кој навистина застана зад настанот на кој со нашата Ема настапи и шармантната Јапонка, Асами Сате.

Покрај ноктурното на Бужаровски “Дали паметиш Милице” и шансата уредничката да ми рече – „ченгијо“ на коктелот (како човек да не ја сака?!), за настанот да биде светски допринесе и салата – совршениот модернизам и минимализам, неверојатната акустика, двата Steinway концертни гранд пијана и според Асами, фантастичните клавир штимери. Навистина, некои аспекти од нашето општество почнуваат да созреваат и ова мене енормно ми значи.

Секако, ни една од чумите од локалната музичка фела не припари и реално подобро, бидејќи ќе го огрдеа настанот.

Не спиев дома. Со Невена имавме weekend-rendez vous во хотел „Солун“. Го изнајмивме апартманот и беше полн погодок. Апел до гастарбајтерите (на кои и јас сега гордо им припаѓам) – однесете си ги мајките во хотел. Место да се потат во кујна врз сармите, овозможете си еден викенд каде што бединерки ви ги менуваат чаршафите. Беше катарзичен викенд кога повторно открив колку таа генерација ек-ЈУ калемени Македонки се суво злато. Одете во хотел „Солун“ на доручек, фантастичен е.

Крајно изненадување ми приреди и номинацијата за „Маж на годината“ на социјалните мрежи. Воопошто не бев шокиран од коментарите дека маж на годината треба да е некој што работи на скеле или оноа – „уаа педер“, туку тоа што како единствен ЛГБТ номиниран кандидат добив се, само не и подршка од мојата заедница.

Еден професионален педер од Тетово, дури почна и да ми ја исмева професијата (дизајнер на гаќи). Во ред. Не лечам рак. Ама и ти дечко, со твоите скриптирани постери со виножито и криви штикли не лечиш. Затоа, пули си корот, госпожа.

Неделата не успеаја да ми ја уништат ни грозоморните креации во чест на една трагична од бившата ни заедничка држава, Јованка Броз.

Мала анегдота…Додека таа умираше, јас бев во Белград – од Софија на пат кон Шведска. Го замолив мојот покоен братучед, кој тогаш беше директор на гробиштата во Белград да и испрати букет. Кога букетот стигнал, пишувало “Београдско гробље”.

Кутрата Јованка беше оставена сама да умре како куче. Доби државна пензија во последната година од животот… Македонскиот придонес на оваа банална ревија беа две хорор креации што само некој со сериозна заблуда за своите способности како дизајнер и секако, его кое не дозволило да види како стојат работите во последните 10-тина година.

Последен пат вакво нешто видов на опера, кога една ондулирана прилепчанка беше облечена во костим, во кој изгледаше како тетка во саркофаг, тетка му на Тутанкамон, Тетканкамон,

Е сега, Тетканкамон влегла во собата на сестра и на принцезата Арабела, Ксенија (лошата) и се облекла во костим и во жезло. На ова, Македонија апоплептично аплаудира.

А настанот на Ема и Асами е прифатен со едно резигнирано фалење со пола уста. Сепак, додека ги имаме Калијка, Киселичка, Ема Попивода, Марија Каева, Ева Јованова… ќе има и место за прогрес.

И на крајот, оваа недела останав без умник, значи официјално веќе не сум умен.

Наравоучение? Некои работи одат напред, некои не мрдаат. Гастарбајтери, мама во хотел на два дена за да се видите ко луѓе и културна штампо/критико, сакупи се.

(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *