Игор Пачемски-Џонс: Сината куќа на Јасмина Чакар

Или: мача-лате феминизам, наследена привилегија и една модерна Пепелашка во Rick Owens

Лежам во Берлин, во стан чија архитектонска и морална историја мајка ми своевремено ја сумираше со зборовите „Ова сигурно било бордел“, што, имајќи предвид дека над мене се протега црн таван со ѕвезди кои се палат на далечинско, и не претставува сосема неразумна претпоставка, особено кога германските станарски права, кои моментално се обидувам да ги остварам, функционираат со значително помала прецизност од кинеското далечинско управување.

Во меѓувреме, работам за глобална компанија со милијардски обрт, поправам грешки на луѓе кои за конкретната работа се подобро платени од мене, обработувам XML-датотеки од речиси два гигабајта и, меѓу два Excel-а, успевам да направам тајландско кари, њоки, пилешка супа, да испечам месо, да подготвам стекови за неделата и да го исчистам станот, сето тоа во гардероба која содржи Rick Owens, Balenciaga, Y-3, Issey Miyake и Maison Margiela, што ме прави некаква модерна Пепелашка со исклучително развиена естетска свест, но без принц, без кочија и со прилично сериозни корпоративни обврски.

Заработувам X илјади евра месечно, така што нема потреба никој да ме сожалува, ниту пак имам намера да ја романтизирам сопствената егзистенција, но разликата меѓу финансиската независност што секојдневно морам да ја одржувам и наследената општествена сигурност е нешто што, за жал, премногу добро го разбирам.

И тогаш ме удира носталгијата, онаа вистинската, без бели облачиња и сентиментални глупости, која ме враќа во Англија, во времето кога бев најсреќен, кога Two Fat Ladies ја славеа храната без извинување и воопшто не чувствуваа потреба сопствениот ручек да го претворат во идеолошка платформа, а јас, за чудо, и по толку години сè уште можам ad verbatim да објаснам како се спасува мајонез кога емулзијата одбива да се формира, што веројатно кажува многу повеќе за мојата меморија и за тоа што сум сметал за вистинско образование отколку која било професионална биографија; по што алгоритмот ми ги сервира „Грунтовчани“ и јас сфаќам дека, речиси педесетгодишен, сум станал модерен Дудек, само со подобар капут и многу поскапа козметика.

И токму во тој момент ми се појавува „Радио Милева“

Ах, нашите Милеви! Румена Бужаровска, Ирена Цветковиќ и Јана Јакимовска, жени чиј јавен глас го сметам за неопходен во едно општество кое со генерации ја третирало жената како домашен инвентар со репродуктивна функција, но од кои, токму затоа што се образовани, артикулирани и влијателни, очекувам значително повеќе од уште еден прекрасно формулиран разговор за проблемите на културната средна класа.

Затоа што, драги мои, кога точно феминизмот стана толку удобен, толку културно пристоен, толку добро сместен меѓу книжевните фестивали, академските позиции, пријателските кругови и прашањата за пристап до аеродроми, додека во истата таа Македонија постојат жени за кои пристапот до гинеколог, достоинствена работа или елементарна економска независност претставува секојдневна борба? Шуто Оризари со години беше симбол на проблемите со достапноста на гинеколошката заштита, па дозволете ми, простете на мојата непристојност, да помислам дека ова е малку посериозна феминистичка тема од тоа колку лесно некој може да стигне до следната европска книжевна резиденција.

Не велам дека книжарниците, културата и инфраструктурата се небитни, напротив, но постои една суштинска разлика меѓу тоа да се борите за права и тоа сопствените општествени неудобности да ги претставувате како централна слика на националната неправда, особено кога жената за која наводно говорите нема ниту ваш културен капитал, ниту ваши контакти, ниту ваши институционални можности.

И тука доаѓаме до сината куќа на Јасмина Чакар

Ах, таа прекрасна сина фасада, белите архитектонски украси, кованото железо, цвеќињата, целиот тој граѓански мит за Македонија во која се свирело пијано, се читале книги и се познавале композитори, професори и писатели! Не ме интересира куќата како катастарска единица, туку како метафора за нешто што во Македонија го нарекуваме педигре, а кое, покрај образование и културен вкус, многу често подразбира и наследени контакти, општествена препознатливост и прекрасната сигурност дека вашето презиме ќе биде разбрано уште пред да ја отворите устата.

Во оваа наша мала држава, во која сите се нечии роднини, студенти, кумови или семејни пријатели, постои нешто што би го нарекол наследна прогресивност, односно можноста човек да биде радикален во своите јавни ставови, а чудесно внимателен кога таа радикалност треба да ја доведе во прашање удобноста на сопствениот круг, при што неизбежно ми се појавува господинот Колинс од Џејн Остин, кој учтиво намигнува, трепка и се поклонува пред својата Лејди Кетрин де Бург, убеден дека сервилноста е највисок облик на цивилизирано однесување.

Во меѓувреме, Ена Бендевска на Инстаграм прекрасно стилизирано подготвува стекови, sourdough и сосови, во еден од оние естетски универзуми во кои здравјето, слабеењето, добриот вкус и општествената аспирација се спакувани во совршена дигитална презентација, на што мојата единствена реакција, како човек кој со години работел во модата и луксузот и прекрасно знае како се произведува желбата, е едно сосема искрено bitch, please, бидејќи немам ништо против убавиот живот, но имам сериозен проблем кога тој се претставува како општествено ослободување.

А сега, за да не помисли некој дека ова е огорченост на човек кој не успеал да влезе во некаква затворена граѓанска средина, дозволете ми да објаснам нешто за сопственото педигре, кое било силно, образовано, политички и општествено значајно, во одредени аспекти можеби и посилно од педигреата што денес се доживуваат како природни носители на македонската културна легитимност, но кое имало една суштинска карактеристика што во нашите балкански услови ретко се покажува како добра инвестиција.

Моето педигре не било сервилно

Не било послушно, не било склоно да се поклонува пред секоја нова власт, ниту имало способност да ја претвори општествената приспособливост во семејна стратегија за преживување, туку било бунтовно, конфликтно, понекогаш непотребно принципиелно, со онаа речиси наследна нетрпеливост кон авторитетот која, низ генерации, може да ви го потроши целиот акумулиран општествен капитал.

И тука лежи суштинската разлика меѓу нашите педигреа, не во тоа кој имал подобра библиотека, поважен дедо или повисоко образование, туку во тоа што едни семејства знаеле како да ги зачуваат своите позиции независно од политичките промени, додека други, поради својата склоност кон конфликт, ги губеле позициите и почнувале одново, па едните ги наследувале клучевите, институциите и контактите, а другите принципите, непослушноста и, во мојот случај, прилично голем број куфери.

Моето педигре не исчезнало затоа што било слабо, туку затоа што не било воспитано да преживува по секоја цена, и можеби токму затоа денес живеам меѓу две држави, заработувам сопствени пари и прекрасно знам дека, доколку утре се вратам во Македонија како речиси педесетгодишен маж со мојата сексуалност, професионална историја и прилично непрактичен карактер, ниту моите квалификации ниту семејното минато не би ми гарантирале достоинствена работа.

Затоа мојата забелешка кон „Радио Милева“, и кон пошироката културна средина на која му припаѓа, не е дека жените немаат право да бидат успешни, привилегирани или горди на сопствените достигнувања, туку дека феминизмот кој не е подготвен да ја преиспита и класната хиерархија ризикува да стане само уште еден механизам преку кој истите општествени кругови ќе продолжат да одлучуваат кој има право да зборува, кој заслужува да биде слушнат и кој, по можност, треба да остане благодарен што воопшто бил поканет.

А јас повторно лежам во Берлин, под мојот црн таван со ѕвезди, размислувам дали да ги гледам Two Fat Ladies или „Грунтовчани“, дали сум го ставил месото во фрижидер и дали утре повторно ќе морам да објаснувам нешто што би требало да биде саморазбирливо, додека некаде во Македонија прекрасната сина куќа стои како совршена метафора за нашата способност да ја славиме културата без секогаш да се запрашаме кого таа култура оставила надвор од оградата.

И ако веќе сакаме да го урнеме патријархатот, драги мои, ајде барем да провериме кој ќе ги наследи клучевите, бидејќи замена на мажите од привилегираната класа со жени од истата таа класа можеби е напредок во застапеноста, но сама по себе не претставува укинување на хиерархијата.

Тоа не е револуција. Тоа е смена на персоналот

А јас, со целото свое непослушно педигре, со своите XML-датотеки, своите њоки, својот Rick Owens и своите речиси педесет години, сè уште верувам дека пристојноста не се состои во тоа кому ќе му се поклоните, туку во тоа пред кого ќе одбиете да ја наведнете главата.

Дури и кога тој некој има прекрасно педигре, докторска титула, културен подкаст и совршено сина куќа.

(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *