Ирена Чакареска: Најважната вредност што треба да ја пренесеме на младите е љубовта

Со струшката професорка по латински, старогрчки, етика, но и специјалист за работа со талентирани деца, а и самата мајка на свои пет, учесничка на панел дискусијата „мајките за Македонија“ на конференцијата „Јас сум жена“, зборуваме за денешното македонско образование, развојот на младите, проблемите на младите мајки, негувањето на здраво и перспективно општество

Четвртата глобална женска лидерска конференција во Македонија „Јас сум жена“ ќе се одржи на 28 септември, во Македонска филхармонија во Скопје, во организација на Здружението за вмрежување на жени, едуцирање и истражување „Јас сум жена“.

Конференцијата ќе биде отворена со изложба на рачни изработки на занаетчики и ликовна изложба со портрети на панелистките. Темите кои ќе бидат опфатени на овој настан се поделени во четири области и тоа: Македонки во рурални средини, Македонки во нетипични професии, Македонки во енергетика, Македонки во светот, Мајките за Македонија и Мајките за Америка – на која ќе учестува и Кимберли Флечер, претседателката на Мајките за Америка (Moms for America).

А на дискусијата „Мајките за Македонија“, една од панелистките е и Ирена Чакареска Мијомановиќ, дипломиран класичен филолог на катедрата за класични студии при Филозофскиот Факултет во Скопје и магистар за образование на надарени и талентирани деца.

Вработена е во СОУ “Д-р Ибрахим Темо” во Струга, а во образованието е дваесет и шест години и ги предава преметите латински и старогрчки јазик и етика. Постојано професионално се усовршува следејќи стручни предавања од областа на психологијата, филологијата, педагогијата и мајка е на пет деца.

Што Ве мотивираше да станете дел од „Мајките за Македонија“?

Драгата Ана Дуковска (претседателката на Здружението „Јас сум жена“, нов.заб.), ме исконтактира и ми ја објасни идејата која ја прифатив како потреба за афирмирање на семејните вредности во нашата Македонија

Како ги балансирате обврските како мајка на пет деца со јавниот активизам?

Сега сум просечна мајка,бидејќи три од децата веќе си имаат свои семејства, но обврските никогаш не престануваат, балансот е во вештината да ги забрзаш работите, да сработиш повеќе за пократко време.

Кои се најголемите предизвици што денес ги имаат мајките во Македонија?

За мајките кои зрело ја прифаќаат улогата нема предизвици, или не такви кои не можат да се надминат, проблемот се создава кога се однесуваме како да не знаеме што не снашло, па се ни е мачно и тешко.

Како професорка по класични јазици, сметате ли дека младите доволно ја ценат античката култура и нејзиното влијание врз современиот свет?

Бројот на ученици за жал секоја година е се помал, оние кои бираат да ги слушаат моите предавања се прекрасни и многу заинтересирани. Им кажувам дека нема разлика во човековата природа, таа е независна од временскиот период. Човек може да е добар, лош, образован, простак, Богољубив, демонизиран, херој или предавник. Такви сме ние луѓето од век за навек! Антиката е посебен извор од кој се црпат научни, философски, историски, литературни големини, чија вредност е непроменета и со самото тоа влијателна!

Колку т.е. како Ве обликуваше студирањето на латински и старогрчки јазик во начинот на кој го гледате светот?

Во тоа време луѓето многу размислувале за големите животни прашања, неуморно барале одговори. Од таму оставиле ризница на ставови, мисли, гледишта, теореми кои својата актуелност ја имаат и ќе ја имаат, а секој кој имал можност нешто да прочита знае колку придонесува за согледување на нештата со вистински очи.

Дали постои антички автор или мислител што Ве инспирира во секојдневниот живот и во активизмот?

Јас сум православна христијанка и во тие рамки ги барам инспирациите, но пак ќе речам, постојат голем број на мудри луѓе од овој период кои несомнено живеат и денес поради веродостојноста, а тоа не е мала работа, тоа е поента.

Како може Македонија подобро да ги поддржи надарените и талентираните ученици?

Потребен е модел за национална програма за поддршка на надарени ученици во Македонија кој би опфаќал рано препознавање – тестирање и следење на таленти од најрана возраст. Флексибилна настава – напредни програми, можност за скокање на класови, секако бара и наставници-ментори, со специјална обука за работа со талентирани ученици со чија помош би стигнале на олимпијади. На овие деца им е потребна и психосоцијална поддршка – советувалишта и развој на емоционална интелигенција. И сето ова не може без Национален центар – институција што ќе координира и развива стратегии, ќе се грижи се поддршка од секој вид, и материјална и финансиска, се со цел развој и раст на нивниот потенцијал кој е добробит за детето, државата и/или светот воопшто.

Дали постоечкиот образовен систем создава услови за развој на креативноста и критичкото мислење кај младите?

За креативност не, а за критичко размислување делумно, бидејќи е составен дел од неколку општествени предмети и тоа е тоа. Пренатрупаноста на лекциите од една страна и долгите часови од друга страна, придонесуваат од првиот до седмиот час, се да се испомеша.

Како ја дефинирате улогата на мајката во денешното македонско општество?

Како улога која треба да ја „играат„ толку добро, за да бидат на ниво за Оскар! Пред сто, двесте години, било сигурно потешко да се биде мајка од секој аспект, да не набројувам. Денес некои работи се олеснети – пелени, хигиена, медицинска помош … но некои далеку се покомплицирани – влијанието на технологијата, врсничкото насилство… Па се навраќам на тоа дека доброто „играње„ значи воспоставување на квалитетна врска со сопственото дете која подразбира разговори на сите теми, не мора долготрајни, но мора секојдневни и квалитетни!

Кои вредности според Вас се најважни што треба да се пренесат на новите генерации?

Љубовта кон Бога, ближните, кон татковината, вредности кои се украс на човечкиот образ – чесност, храброст, достоинство!

Дали има паралели меѓу „Мајките за Македонија“ и „Мајките за Америка“ и која е таа?

Мајките за Македонија не е посебна организација (барем за сега), а “Момс фор Америца” е многубројна и надалеку позната и влијателна организација која постои од 2004 година и бројот на членки постојано расте. Не спојува негувањето и промовирањето на семејните вредности

Кој е најважниот животен совет што би го дале на младите мајки денес?

Да ги љубат бескрајно своите деца. Кога им е тешко да знаат дека одгледуваат човек, па затоа е макотрпно и да сфатат дека од едно до друго трепкање на очите, детето е поголемо и уште утре ќе си оди по свој пат, па беспоговорно да уживаат и го ценат секој миг со своето дете!

Како поминува еден Ваш обичен ден?

Со низа од професионални и домашни обврски. Освен мојата професија – живееме во куќа околу која има земјоделски насади во пет пластеници, па и тоа е секојдневна обврска – па стандардни должности како подготвување на храна, чистење, перење… до посебната улога на баба и понекогаш чување на внуците – убавицата Миа, прекрасниот Стефан, а за жал многу ретко и скапоцената Кира, бидејќи таа со тато и мама живее во Скопје.

Бранка Д. Најдовска

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *