Кристофер Нолан ја продолжува низата од големи успеси. Неговиот нов филм „Одисеја“, модерна екранизација на епот на Хомер, веќе бележи одлични резултати во кината.
Филмот оствари најдобро глобално отворање во кариерата на Нолан, надминувајќи ги дури и неговите големи хитови „Темниот витез“ и „Темниот витез: Подемот“.
По успехот на „Опенхајмер“, Нолан доби буџет од 250 милиони долари, кој го искористи за продукција од огромни размери. Филмот е сниман на локации низ целиот свет, на отворено море, со специјална технологија и практични ефекти кои пред актерската и филмската екипа поставија многу предизвици.
„Одисеја“ е првиот филм во историјата што е целосно снимен со ИМАКС-камери. Сепак, нивната употреба донела и сериозни технички проблеми.
Камерите се толку бучни што снимањето тивки и драматични сцени претходно било речиси невозможно. Поради тоа, Нолан и продуцентката Ема Томас побарале посебно решение од компанијата ИМАКС.
– Отидовме во ИМАКС и им поставивме предизвик: или да направат потивки камери или да осмислат звучна изолација што ќе ја придуши бучавата – изјави Томас.
Резултатот биле нови камери и посебни куќишта за изолација на звукот. Проблемот бил во тоа што куќиштата тежеле околу 135 килограми, па биле потребни неколку луѓе за да ги постават во соодветната положба.
Снимањето дополнително го отежнувало и тоа што камерата ИМАКС може да забележи едвај околу 3 минути материјал пред да се потроши филмската лента. Поради тоа, снимањата често морале да бидат прекинувани дури и за време на драматични сцени.
Том Холанд, кој го толкува Телемах, на почетокот мислел дека Нолан не е задоволен од неговата глума бидејќи режисерот често го прекинувал снимањето. Дури подоцна сфатил дека причина за тоа биле техничките ограничувања на камерата.
Голем дел од приказната го следи повеќегодишното патување на Одисеј по море, па Нолан сакал тој дел од филмот да биде што е можно поавтентичен. Затоа продукцијата го ангажирала вистинскиот викиншки брод „Дракен харалд хорфагре“, кој заедно со актерите и екипата пловел по отворено море.
Бродот е изграден како експериментален археолошки проект, а претходно го преминал и патот преку Северниот Атлантик до Северна Америка. Актерите што веслале во филмот морале да поминат посебна обука.

– Постојат елементи што е тешко да се лажираат: тежината на дабовината, звукот на јажињата, поместувањето на едрото и екипажот кој заедно работи на ветерот и морето – изјави Емануел Персон, водачот на експедицијата.
Една сцена во филмот го прикажува Одисеј како од палубата го набљудува океанот, додека покрај бродот од водата скокнува делфин.
Иако би можело да се претпостави дека станува збор за компјутерски ефект, сцената е вистинска. Мет Дејмон и екипата ги здогледале делфините за време на снимањето, а камерата успеала да ги сними.
Еден од најпознатите ликови од приказната на Хомер, киклопот Полифем, во филмот е оживеан со помош на специјални ефекти.
Нолан барал да се направи аниматроничка верзија на киклопот висока дури 18 метри. Таа била користена како референција за тимот задолжен за визуелни ефекти, но и за актерите, за да можат да стекнат реално чувство за големината на чудовиштето.
Гласот и движењата на Полифем ги позајми Бил Ирвин, познат и по улогата на роботот ТАРС во филмот „Интерстелар“ на Нолан.
Уште еден опасен разговор во филмот е оној со Лестригонците, раса на џиновски војници.
За да изгледаат многу поголеми од Одисеј и неговите луѓе, Нолан и неговиот тим ја користеле техниката на принудна перспектива. Станува збор за истата техника што била користена во „Господарот на прстените“ за хобитите и џуџињата да изгледаат многу пониски од другите ликови.

Актерката Саманта Мортон ја толкува Кирка, волшебничката која луѓето на Одисеј ги претвора во свињи.
За разлика од многу современи продукции кои би се потпреле врз компјутерски генерирани слики, сцената е реализирана со комбинација на кукли и протетика. Сепак, најголемо внимание привлече самата глума на Саманта Мортон.
Нејзината изведба била толку силна, што екипата по снимањето спонтано почнала да ѝ аплаудира. Нолан подоцна изјави дека нешто слично на неговите сетови се нема случено уште од изведбата на Хит Леџер како Џокер во „Темниот витез“.
Една од големите сцени во филмот го прикажува падот на Троја и моментот кога градските порти се отвораат, по што војската на Агамемнон тргнува во напад.
Мет Дејмон откри дека актерите не знаеле што точно ги чека зад портата. Мислеле дека ќе се снима сцена само од отворањето на вратите. Кога портите се отвориле, од другата страна се појавила војска од околу 750 луѓе.
Како и самиот пат на Одисеј, така и продукцијата на филмот била од епски размери.
„Одисеја“ е снимана во Грција, Мароко, Италија, Исланд, Шкотска и САД, а дел од продукцијата е реализиран и во Западна Сахара.
Снимањето на автентични локации дополнително ја зголемило логистичката сложеност на продукцијата, особено поради транспортот на огромната опрема ИМАКС на оддалечени и тешко достапни локации.
Токму таа посветеност кон вистинските локации, практичните ефекти и автентичните услови претставува еден од заштитните знаци на пристапот на Нолан кон филмот.