И ова лето не отидов на одмор со друштво бидејќи имам еден голем проблем. Ми е срам да се соблечам во бикини бидејќи имам мали гради. Дури и кога имам момче (а во моментов го немам), ми е срам да ги покажам пред него зашто навистина се малечки. Голем комплекс ми е тоа и не знам како да се справам со него?
К.Л., 26, Велес
К.Л. дарлинг, наводните стандарди за величината на женските гради е уште една беља што ни ја сервираа медиумските стереотипи. (Токму јавните гласила овој „комплекс“ што порано беше резервиран само за жените денес им го префрлија како преокупација и на мажите.)
Што значи, што и да велат средствата за масовна комуникација – стручњаците, а и мажите, го тврдат токму спротивното – малите гради и тоа како се секси.
Да не зборуваме за другите предности како гордото носење деколтирана облека, фустани без прерамки, неносењето градник во одредени ситуации (но, никогаш во јавност – жена без градник под облеката на улица е повулгарна отколку да се појави само со него)…
Освен тоа, големите гради многу полесно и побрзо им подлегнуваат на законите на гравитација.
„Проблемот“ може да го решите и со разни „специјализирани“ костими за капење кои визуелно ги зголемуваат градите или со градници со разни „облоги“, додатоци, помагала… Само не претерувајте – да не испадне кога ќе го вадите градникот да ги извадите и цицките.
Иако, од истите причини како и вашите, некои мажи не ги соблекуваат гаќите при сексот, малку е глупаво дечкото да ви ги види останатите делови од телото, а градите не.
Квантитетот им е важен на оние кои не почувствувале квалитет…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)