Фејсбук с(р)еќавања…
Соседството е простор со специфични закони на физиката, каде што звукот е побрз од светлината.
****
Регулатор на децибелите во семејните расправии.
****
Географски условен збир на поединци кој е секогаш способен на овој или оној начин, да ви го загорчи животот. Без разлика на видот на населбата присутни се постојани и повремени ликови како во античка драма: сериозно пензионирано воено лице, локален „главуч“, спортист, прцул – металец, иритирачка баба, гастарбајтер, внуката на бабата од погоре, билдерот со Јамаха…
Соседите информациите ги добиваат од професионално обучените шпиони кои се во состојба во едно утро да ги разменат сите нови случувања одејќи од дом во дом, со изговор „на кафе“. Имаат константна визуелна покриеност на целата територија за која се задолжени. Низ улицата е невозможно да поминеш неидентификуван. Се запишува терминот на поминување, опис на сите ваши активности, а имаат и рентгенски вид – секогаш знаат дури и што носите во торбата од пазар.
****
Соседството е место, каде што ќе ги чуеш сите приказни што не сакаш да ги слушнеш.
****
Поделбата може да биде и на: наакани (се жалат на се што им е во близина и главни се во куќниот совет), дружељубиви (со сите се согласуваат и секого го прашуваат за здравје и како им оди животот воопшто. Значи, досадни!), старци (секогаш со критика кон се што оди поисправено од нив), млади (обично велат добар ден. Да, тоа е и се што ќе добиете од нив и, доволно е!).