Сутерен.мк

Кој го уби Стив Наумов?

Есента 1942 година, Стив Наумов заминал на партиска задача во Преспа каде, на 12 септември 1942 година, кај селото Болно, Ресенско, во борба против бугарската војска и полиција се самоубил, заедно со неговиот соборец, народниот херој Мите Богоевски. За неговата глава се барале 200 илјади лева, жив или мртов

На 27.10.1920 година во Битола е роден македонскиот народен херој Стефан Наумов – Стив. Потекнува од печалбарско семејство. Татко му Васил е од село Битуша, Леринско, Егејска Македонија.

Васил млад заминал во Романија каде работел на изградба на железнички пруги. Во 1903 се вратил во Битуша и се оженил со Јана Темелкова. Подоцна пак заминал на печалба, сега во САД. Во 1913 се вратил во Македонија и со семејство се преселил во Битола. Во Битола во 1920 ќе се роди Стефан Наумов.

Стефан бил трето дете, по двајцата синови Сотир и Ѓорѓи, имале и сестра Александра. Два сина на Васил Наумов – Ѓорѓи и Стефан ќе бидат убиени од бугарските фашисти во Втората светска војна.

По завршувањето на гимназијата во Битола, Стефан Наумов во 1938 година се запишал на Техничкиот факултет во Белград, и се приклучил на тамошното работничко движење, поради што повеќе пати бил затворан од тогашната власт.

Во 1939 година станал член на Комунистичката партија, а откако се вратил во Битола, во септември 1940 година бил избран за секретар на Месниот комитет на КПЈ за Битола.
Откако во 1941 во Македонија ќе влезат бугарските фашисти, Стефан ќе биде еден од првите борци против фашизмот во Битолско.

Работел на прибирање на оружје, муниција и на организирање на востанието против бугарскиот окупатор.

На 2 Август 1941 Стефан Наумов е еден од главните организатори на Илинденските демонстрации во Битола против бугарскиот фашизам, кои биле слични на Илинденските демонстрации кои една година порано, во 1940, во Прилеп, Скопје и Охрид беа организирани од Ченто, Кузман Јосифоски Питу, Орце Николов и Борка Талески против српската окупација во Македонија.

Во април 1942 година Наумов учествува во формирањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“.
Еден месец подоцна, на 6 мај 1942 година, Стефан Наумов на улица во Битола го убива бугарскиот областен полициски началник Ќурчиев.

Бугарските фашисти распишуваат награда од 200 илјади лева за главата на младиот Македонец.

Во јуни 1942 год. станал член на Оперативниот штаб на Народноослободителните партизански одреди на Македонија.

Учествува и во формирањето на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ на 6 јули 1942 г. над ресенското село Златари.

Стефан Наумов го раководи одредот „Даме Груев“ при нападот на бугарската полициската станица во село Кажани, Битолско, на 18-19 август 1942.

Есента истата година, заминал на задача во Преспа, каде со Димитар – Мите Богоевски требало да ја координираат борбата на партизанските одреди.

На 12 септември 1942, во селото Болно, Ресенско, Наумов и Богоевски ќе бидат опколени од бугарските фашисти во една куќа на крајот од селото.

Двајцата Македонци не се предале и се бореле до последниот куршум. Откако ја потрошиле целата муниција, ја активираат бомбата која им останала и загинуваат.
Стефан Наумов на неполни 22 а Димитар Богоевски на 23 години, ќе ја положат својата младост во борбата против бугарскиот фашизам, за слободата на Македонија.

Бугарските фашисти ги изложиле телата на убиените Македонци во селото Болно, а по нивното фотографирање биле закопани во близина на местото каде загинале.
Бидејќи семејствата на убиените, другарите и народот почнале постојано да се собираат на гробовите, бугарските фашисти ги откопале телата и ги однеле прво во селската црква, а потоа кај селото Ѓавато, каде фашистичките ѕверови ги запалиле со бензин.

Македонските херои и мртви предизвикувале страв кај бугарските фашисти, затоа што при посетите на нивните гробови растел гневот и револтот на македонскиот народ.
Една година по смртта на Стефан Наумов, на 11 ноември 1943 во леринското село Винени е формиран Битолскиот баталјон, кој во негова чест ќе го носи неговото име.

Во Битола има и спомен-куќа посветена на неговиот живот и дело, а и неколку училишта во Македонија го носат неговото име.

По Втората светска војна, на партизанските гробишта во Битола бил подигнат гроб на Стефан Наумов – Стив, кој останал празен.

Во алејата на партизаните во Битола е и гробот на неговиот брат Ѓорги Наумов (1914-1942), кој бил крвнички мачен од бугарските фашисти и обесен во скопскиот затвор.

Според директорот на ООУ„Стив Наумов”- Битола, Никола Пискачев, за одбележувањето на значајните датуми биле организирани повеќе активности кои се случуваа во текот на целата работна недела. Централната манифестација се одржа со свечената пригодна програма, во Центарот за култура.

Преку изработки на учениците и нивните наставници, беа промовирани документарниот филм за Стив Наумов- „ Херој на сите времиња”, дело на ученикот Давид Козаров и „ Успешни приказни на наши некогашни ученици”- кратки изјави на успешни личности кои поминале низ клупите на ова училиште.

На истата манифестација беа доделени и наградите од литературниот и ликовниот конкурс кој оваа година имаше државен карактер и на кого беа поканети и збратимените училишта ООУ„Стив Наумов”од Скопје и ООУ„Мите Богоевски” од Ресен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *