Три децении сведочиме на навредливо, арогантно, безобразно и примитивно лажење на македонските граѓани од страна на т.н. елити. Триесет години бесрамност.
Само безобзирно дрдорење на носителите на јавни функции и нивните сателити – паразитските клечовци напикани по разни НВО-а, претпријатија, совети, комисии, медиуми, одбори…, без трунка одговорност за социјалната, економската, културната, политичката беда на својот народ. Народ, што секој ден го ограбуваа(т). Материјално и духовно.
Што го понижуваат толку често, толку долго, што тоа е веќе патолошка состојба.
Затоа што отсуствува срамот. А бесрамноста произлегува од немањето страв, почит, емпатија, одговорност, верба. Бесрамен човек нема да се воздржи од било какво дело. Сме го виделе тоа и го гледаме.
Немаме ние никакво ексклузивно право да не водат и искористуваат со години некомпетентни, со ѓон-образ мамлази, кои единствена забава им е загорчување на нашиот живот. Лакоми садисти секаде во светот успеваат да се доберат до власт. Но, ретко се случува како овде, кога ќе дојдат до неа, да ја грабнат сета власт, во секој сегмент, насекаде, секогаш. И тоа да се повторува и трае, и трае…
Нема таков сапун што ќе ги измие нивните усти. Таа бесрамност. И нашата тага од неа.