Јавната обвинителка ова го изјави коментирајќи го застарувањето на делата за обвинетите во случајот „Таргет-Тврдина“ за кои вели дека се директна последица од измените на Кривичниот законик
За жал, нема да имаме кривично-правна разрешница и во овој случај и повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата, коментира јавната обвинителка Ленче Ристоска откако Судот констатира застарување на делата за обвинетите во случајот „Таргер-Тврдрина“.
Целосната застареност на случајот, вели Ристоска, е директна последица на измените во Кривичниот законик.
Откако Судот денеска донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за „Таргет-Тврдина” во делот на незаконското прислушување поради застарување на делата, Ристоска појаснува дека во моментов сè уште не е застарен делот од предметот којшто се однесува на уништување на опремата за прислушување.
„Обвинети за овој дел од оние кои се во судница се Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, а во бегство се Никола Бишковски и Горан Груевски и имаме за фалсификување на исправа уште една обвинета, тоа е Валентина Симоновска. Овде се уште не е застапена застареноста, но секако измените од КЗ ќе имаат импликации бидејќи рокот е скратен и консеквентно и за тоа има можност од застарување и на овој дел“, изјави Ристоска.
Прашана за тоа кој ќе ги плаќа штетите за прислушувањето со ваква правна завршница на предметот, обвинителката Ристоска вели дека трошоците за кривичната постапка паѓаат на товар на Буџетот. На товар на државата, додава таа, паѓаат и трошоците за обесштетување на лицата кои биле оштетени од прислушувањето.
„Впрочем, нивните права биле повредени со незаконското прислушување и сега државата по принципот на објективна одговорност е таа која што треба да ги обесштети овие лица, односно товарот да падне на буџетот на државата и нема да има како државата потоа да биде обесштетена од лицата коишто навистина се одговорни директно за прекршување на правата на граѓаните“, изјави Ристоска.
Финансиските импликации што овој предмет ќе ги предизвика врз државната каса, според обвинителката Ристоска, не се воопшто за занемарување.
Обвинителката заклучува оти како општество допрва ќе ги чувствуваме измените од Кривичниот законик.