Кога социјалните мрежи, конкретно платформата Фејсбук наместо за информирање и споделување идеи и ставови, ќе биде искористена за следење на нечиј приватен живот, како од најефтините сапунски серии, тоа значи или, дека нашиот џет сет ги постигнал холивудските “стандарди“ или тотално сме застраниле.
Не бев изненадена од потребата на брачните партнери да си праќаат пораки еден на друг преку „жешки“и статуси или пак, да се навредуваат поистоветувајќи го оној другиот/та со ликови од цртан филм. Тоа веќе е оддамна видено кај светските ѕвезди. Не е мал бројот на оние кои се разведуваа, раскинуваа и венчаваа преку социјалните мрежи. Какви само зборови прочитаме! Какви фотографии видовме! Од ѕвездена судбина создадена во моментот кога Меркур бил во конекција со Сатурн, а куќата во Месечина, па се до обвинувања за психички проблеми, кои единствено можат да се решат кај добар адвокат.
Значи не измислиле нашиве “селебрити” ништо ново, само ја следеле линијата на доброто реално шоу, кое носи висока гледаност и читаност, и кое од час во час ги окупира верните читатели. Не е новина дека поголемиот дел од нив сакаат да бидат “дел“ од животот на познатите.
Една статистика вели дека еден добар процент од нив ги читаат тие вести затоа што се љубопитни, но подобар дел од нив, затоа што сакаат да уверат во фактот дека и познатите личности имаат комплициран живот како нивниот, и дека во даден момент воопшто не се однесуваат како ликовите кои ги толкуваат во филмовите. Или, пак познати парови кои се постојана цел на папараците, а кои најчесто на фотографиите се вљубвени како првиот ден. Личности полни со разбирање и љубов, и кои со разбирање ги разрешуваат приватните конфликти.
Се е тоа познато и воопшто не ме иненадува што и во нашава земја се следат таквите холивудски приказни. Но, сум значајно изненадена од некои портали кои претендираат да бидат сериозно сфатени, што со нетрпение ги очекуваа фејсбук статусите на брачната двојка, за да ги објават како прва и ексклузивна вест.
Знам, ќе речете тие вести ја зголемуваат читаноста. И лајковите. Верувам. Но, што правиме со професионалноста. Онаа на која се колнете кога ги отворате порталите и кога барате доверба од сите што одлучиле да ве следат. Можеби меѓу нив има и такви кои не сакаат да го следат животот на познатите парови. Ризикувате да ги изгубите за сметка на оние новите кои се вклучиле по објавениот селебрити серијал? Вие си знаете но, приказната згаснува. Завршува. Таму каде што и е местото. На масата за разговор.Сега што правиме? Ќе чекате нова рунда Фејсбук преписки меѓу некои други познати парови? Нема толку ѕвезден материјал во нашава земја. Кардашијан шоуто не држи вода долго кај нас.
(Авторката е долгогодишна новинарка.)