Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Македонија е на МАРС!

„Спејсекс“, приватната компанија на милијардерот Илон Маск, лансираше од Флорида двајца американски астронаути во орбитата, што е прво полетување на Американци од американско тло во последните девет години. Ова е и првпат човечки екипаж во вселената да ги однесе комерцијално вселенско летало, во сопственост на приватна компанија. Сопственикот на „Спејсекс“ Илон Маск коментирајќи го овој историскиот настан посочи дека е преплавен од емоции и дека му е тешко да зборува. Минав 18 години работејќи за ова, тешко е да се поверува дека навистина се случи. Се надевам дека ова е првиот чекор на патот кон цивилизација на Марс, кон мултипланетарен живот, база на Месечината и проширување надвор од границите на Земјата ќе рече Маск.

Се согласувам потполно со Илон Маск. Тешко е да се чита оваа вест. И јас сум преплавена од емоции. Но, не онакви какви што има милјардерот. Неговите емоции се врзани за сонот на кој работел 18 години, и сега гледа како почнува истиот да се реализира. Моите емоции се врзани за чуството дека јас и Маск живееме во различен век.

Логично е нештата да се движат. Можеби не со полна пареа, но сепак да се движат. Секоја генерација да има своја приказна, а секој ден да биде поразличен од предходниот. Секоја година да носи нови предизвици за желбите и плановите што сме ги зацртале во предходната. Да го дизајните својот професионален живот уште од основно училиште. Да ги предвидите чекорите што треба да ги направите, за да го добиете домот од вашите соништа. Да го посетите Марс…

Се е тоа логично кога имате силна желба, но најважно имате ресурси за да работите и да го исполните својот сон. Илон Маск е само пример дека соништата се исполнуваат кога напорно работиш. Но, има едно но… Точно е дека Илон е милјардер и точно е дека станува збор за негова компанија, односно негов капитал. Но, факт е дека Илон живее во држава која ти овозможува да го исполниш својот сон. Таа ти дава ресурси за да ги реализираш соништата, останатото е на твојата амбиција, желба и истрајност.

Се си мислам дека во нашават држава има многу “Илонци“, но за нив дознаваме откако ќе ја напуштат Македонија. Откако земјата во која престојуваат ќе им овозможи да започнат да го реализираат својот сон, бидејќи додека се тука се занимаваат со изборни циклуси и кој ќе победи на нив. Во меѓу време ќе се обидуваат да преживеат, бидејќи за соништата немаат сопствени средства, ниту пак, државата се обидува да им ги обезбеди. И така во круг. Од година в година. А на некое друго место во некој друг дел од Европа и светот „нашинец“работи во тимот на НАСА, во Мајкрософт, во некој познат научен институт…бидејќи некој му овозможил да работи на својот сон. Да биде во 21 век.

Ете затоа ми се плаче кога го гледам подвигот на Илон Маск. Нему од радост, мене од мака. Затоа што и двајцата живееме во 21 век, ама се чини дека јас сум заглавена во 19. Затоа што младите во мојата земја не можат овде да ги реализираат соништата, туку мораат да одат таму некаде по белиот свет, каде постојат услови за тоа. Во меѓу време ние овде и натаму ќе се вртиме во круг. Човечкиот екипаж од „Спејсекс“, ќе се врати на земјата, ќе раскажува како е таму на Марс. Можеби некој и ќе се насели таму. Не знам ќе видиме на телевизија, ама знам дека Марс е далеку од нас. Како впрочем и се друго. Ние сме си Марс сам за себе.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *