Сутерен.мк

Анте Поповски, одблиску

На трети јуни се навршуваат осумдесет години од раѓањето на Анте Поповски, поет, есеист, препејувач и публицист, кој почина пред осум години, во Скопје. Роденденот на големиот македонски книжевник ќе го одбележат Македонската академија на науките и уметностите, Друштвото на писателите на Македонија, Струшките вечери на поезијата…, но и неговото семејство кое всушност, целата 2011 година ќе ја посвети во организирање омажи во повеќе градови низ Македонија, почнувајќи од утрешниот (26 мај) во Битола, во библиотеката „Св. Климент Охридски“, каде промотор ќе биде академик Георги Старделов, а стихови од Поповски ќе зборува Софија Гоговска Врчаковска.

Ангажирани околу овие настани се неговите синови Жорж и Александар и мајка им, Софија Поповска, кои не само што го негуваат „официјално“ споменот на нивниот татко и сопруг туку, се уште, секојдневно го цитираат и прераскажуваат.

  • Премногу сум горда што ја имав таа чест да бидам брачен сопатник на Анте. Горда сум на нашите синови, како и на нивните семејства, кои заеднички се трудевме да ги воспитаме во духот на традиционалното, етичкото и моралното. Искрено жалам што одговорните функции кои ги извршуваше, како и неговиот приод кон обврските напати го оддалечуваа Анте од семејството и домот, но секогаш неговите мудри совети како за најобичните житејски проблеми, така и за покрупните пречки во нашето битисување беа длабоко вкоренети во нас и ни го трасираа патот. Така е и денес… – вели Поповска, која не може да избере кој од заедничките моменти и е најдраг во долгогодишниот брачен живот.
Со сопругата
  • Во почетокот на шеесеттите години на минатиот век, откако го добивме нашето најголемо заедничко богатство – синовите, животниот пат не одведе во Дебар, каде Анте беше назначен за началник на тамошниот Медицински центар, а јас работев како главна сестра. Како дипломиран лекар тој таму ја почна, но воедно и ја заврши својата кариера во „бел мантил „. Иако, таму бевме едвај, три години и ден денес во овој убав град имаме прекрасни пријатели и Македонци, но пред се, Албанци.
  • За овој град е врзана и да ја наречам една анегдота, на која синовите постојано се навраќаа во моментите на семејно расположение и го задеваа татко им. Имено, во една фотографска работилница лоцирана на главната улица во центарот на Дебар, јас се фотографираф за лични документи. Фотографот инспириран од мојата убавина (или од само нему познати причини сликата ја изработил и во голем формат и ја поставил на централно место во излогот. При една прошетка Анте ја здогледа мојата фотографија, се запрепасти, веднаш влезе во фотографскиот дуќан и побара да ја откупи. Но, фотографот не сакаше да разговара за тоа, со образложение дека мојата фотографија наводно била инспирација за луѓето , но пред се за големиот број војничиња на некогашната ЈНА, кои во Дебар го служеа воениот рок – раскажува таа, која признава дека не и било лесно да се помири со фактот дека всушност, била еден вид соперник на неговата прва и најголема љубов-поезијата, па некогаш се чувстувала и запоставена, а едиснтвено го одложувал перото во моментот кога на врата ќе се појавле внуците Анте и Ирина, во нивниот дом – бараката на Водно, преполна со книги и уметнички предмети.
  • Анте беше голем вљубеник во уметноста и во убавото воопшто. Посебно слабост му беа уметничките слики и ѕидните часовници. Наместо да крева спратови и да гради палати, како што тоа го чинеа многумина наши пријатели и негови колеги тој секој денар што преостануваше го даваше за духовните вредности, содавајќи респектабилна домашна библиотека и колекција од уметнички слики. Посебна приказна се часовниците кои ги неуморно и со страст ги „влечкаше„ од сите краеви на светот. Се грижеше за нив како за мали деца, редовно ги навиваше, па честопати во мигови на тишина и осама, имав чувство дека домот ни наликува на часовничарски салон – појаснува нашата соговорничка.

Она со што исто така е преполн домот се анегдотите. Помладиот син Александар раскажува како во втора година гимназија, на часот по литература неговата почитувана професорка Стефка Прокопиева му дала задача за наредниот час да предава за творештвото на татко му, кое било опфатено со наставната програма за гимназиско образование.

  • Следниот ден јас избегав од часот по литература, а професорката ми стави едница. Имав огромни маки да ја поправам оценката. Оваа случка од младоста врзана за името на мојот татко и ден денес се прераскажува меѓу моите пријатели, кои духовито ја надоградуваат приказната. Пресреќен сум што растев и бев воспитуван во едно високо интелектуално семјество, семејство кое секогаш го красеа духовното, убавото и скромноста – вели Александар, кој сепак, за разлика од постариот брат Жорж, имал помалку „проблеми“ ими барем, имал „понормално“ име.
  • Оние кои малку го познаваа татко ми, го сметаа за премногу сериозен човек, а тој беше чиста спротивност. Тој во шега знаеше да ми рече дека сум му создавал големи маки уште од пелени, уште незаоден, посочувајќи го токму моето име. Имено, кога ми го дале името Жорж, дедо ми Аврам бил многу лут на татко ми што првиот внук во семејството не е крстен по него, зашто во минатото тоа на некој начин било и традиција. За да ги измазни односите татко ми викнал неколкумина свои пријатели кои успеале (по претходен договор) некако да го убедат дедо ми дека Жорж во превод на француски значело Аврам – се смее Жорж, кого токму таа релаксираност на татка си, ќе го „спаси“ и од апсење.
  • Едно утро двајца тогашни милиционери почукаа на нашата врата со намера стражарно да ме приведат на 24 часовен престој во затвор, заради неплатена казна за сообраќаен прекршок. Откако татко ми дозна за што се работи ги покани милиционерите да влезат и да сочекаат додека се подготвам. Убаво се сеќавам, разврзаа сладок муабет, а татко ми, како добар домаќин ги почести со по некоја чашка алкохол. Кога јас бев „подготвен“ татко ми им рече да ме спроведат, но и дека во тој момент ќе мора да повика поголемо полициско возило за во него да се сместат и полициските работници, бидејќи беа во алкохолизирана состојба и не смееја да го управуваат службеното возило со кое дојдоа да ме приберат.
Александар и Жорж Поповски

Без оглед што некому можеби ќе му звучи нескромно и претенциозно, нашите домаќини тврдат дека нивниот сопруг и татко бил космополит, познавач на состојбите во многу општествени сфери, виозионер, интелектуалец од највисок ков и ерудит кој зборовите и натрупаните знаења од сите сфери на животот ги везел како ѓерѓев.

  • Имаше неброени пријатели и познаници од сите општетствени слоеви, не само во неговата Македонија, туку и низ целиот свет, што секако е одлика само на луѓе со високи интелектуални, морални и пред се, човечки вредности и доблести. Добитник е на сите највисоки признанија и награди во повеќето сфери во кои што се остваруваше – вели Жорж, кој потсетува дека како директор на некогашната НИП „Нова Македонија„, Анте Поповски со своите неделни колумни го кренал тиражот на над 130 илјади продадени примероци. Рекорд, што до денес не е срушен. Дека како дирекор на „Вардар филм„ повеќекратно ја зголемил играната продукција, а македонската кинематографија ги доживеа ѕвездените мигови во документарната и цртаната продукција, освојувајќи повеќе признанија и награди на европско ниво.
  • Сепак – вели тој – поезијата беше неговата прва и единствена љубов и преокупација, а квалитетот на неговото творештво резултираше со неговиот избор за член на Светската академија за поезија при УНЕСКО, основана во Верона. Почестен со својот избор, кој го доживеа и како успех за цела Македонија, Анте во пристапното предавање насловено како Одбрана на идентитетот“, истакна дека „Мора да се слушнат вистините за Македонија“.

За неговиот огромен творечки опус и како поет, но и како есеист, литературен критичар, колумнист, критиката го препознава Анте Поповски како „поет на својот народ, како еден вид Мојсеј кој зад себе го води својот народ, го прекорува, го храбри, го советува, го учи – како се сака татковина“. Секогаш и насекаде велел дека е припадник на географски мал, но културно и исторски џиновски библиски народ. Поезијата му беше насочена кон барањето на исконските македонски корени, а Македонија беше ставена на пиедестал. За него, повеќепати е кажано, татковината преставуваше библиска земја, маченица низ вековиот опстој, земја на непокорот и гордоста.

  • Да, за татко ми ова беше земја која дури и ѕвездите ги научи да шепотат македонски. По заминувањето на оној свет, како семејство, длабоко не трогна гестот на повеќекратниот учесник на СВП и познат африкански поет од Конго Кама Сивор Каманда, кој во интервју за нашиот весник „Дневник„ ќе рече дека цитирам: „Анте Поповски е поетот на кој веднаш постхумно треба да му се додели Нобелова награда за литература„.
  • Ваквиот предлог на Каманда одекна силно и во македонските литературни кругови, а одделни македонски поети излегоа со констатација дека Анте Поповски веќе дотогаш требало да ја добие и нагрдата „Златен венец„ на СВП. Татко ми во речиси, сите јавни настапи, а и во неврзаните разговори со многумина кои ги почитуваа неговите знаења и елоквенција, знаеше да истакне дека сме народ кој меѓу првите во Европа е христијанизиран, народ со една од најстарите независни архиепископии, па сепак за жал нашата црква не ја признаваат и оние кои и самите произлегле од неа.
  • Знаеше уште да каже дека имаме име едно од најдревните, најславните и највозвишените, но дека и тоа не го признаваат. Длабоко загрижен од сево ова, секогаш и секогаш, повторуваше дека ни недостасува македонска национална програма. Таа програма според него требаше да биде „проста и строга македонска книга, нашата книга над книгите, нашата втора Библија. Бевме одлични толкувачи на првата Библија низ вековите- уште подобри треба да бидеме само на својата, сопствената Библија. Сега е време за таа наша Библија, зашто утре ќе биде сосема доцна. Времињата се тешки, многу нешта непредвидливи„ велеше мојот татко – потенцира Жорж, кој додава дека токму затоа им е чест што живееле со и покрај него.

Иако, признава, сосема свесни дека живеат во негова длабока сенка, горди се што со него го делеле и злото и доброто.

Боемштина

Секогаш кога времето тоа му го дозволувало, а поетската инспирација не му била на потребното ниво, Анте Поповски бил редовен посетител на Клубот на писателите, односно народски кажано, на Гостилницата кај газда Јоле.

  • Анте беше боем во вистинска смисла на зборот. Понекогаш знаеше да заседне и до доцна во ноќата, а понекогаш му беше доволно да појде до омиленото свратилиште на поетите, да испие едно студено пиво, да изигра една партија табла и да си дојде дома целиот исполнет и релаксиран. Во шега газда Јоле кој беше наш близок семеен пријател, знаеше да му рече на Анте: „Кога си ти на маса сум мирен и сигурен дека цехот ќе ми биде платен и нема повторно да бидам во зијан„ алудирајќи на одредени гагаџии од поетските кругови, но и на широчината на нашиот татко , кој знаеше да им плаќа пијалоци и на блиските пријатели , но и на луѓе кои случајно се нашле на неговата маса или во негова близина- раскажува неговото семејство, кое вели дека сигурно има уште една голема збирка поезија од сите тие стихови напишани на кафеанските салфети и кибрити, што Поповски им ги подарувал на пријателите при седенките.

Шахот од Таљ

  • Како и сите млади и ние двајцата покажувавме нагласен интерес за спортот и шахот кои во тоа време одеа рака под рака. Во есента 1972-та Македонија беше домаќин на светската шаховска елита, која учествуваше на Олимпијадата што се одржа во Скопје. Едно октомвриско попладне во нашиот дом таткоми го донесе на гости поранешниот светски шаховски шампион Михаил Таљ во друштво со познат руски спортски новинар. Не можевме да поверуваме дека ние обични тинејџери се ракувавме со една шаховска величина како Таљ, кого посебно и пред тоа го ценевме поради неговите непредвидливи и луцидни потези. Бевме буквално шокирани кога светскиот шампион, најпрво ни подари, а потоа и ни потпиша посвета на прекрасен шах со рачно изработени фигури, најверојатно „облечени“ во Руска народна носија – велат Жорж и Александар, кои се присеќаваат дека во нивниот дом секогаш било полно луѓе, а гости знаеле да им бидат и Блаже Конески, Гане Тодоровски, Георги Старделов, Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Дарко Дамевски, Драги Костовски, Петар Мазев, Глигор Чемерски, Димитар Кондовски, Коле Манев, Кирил Ценевски, Столе Попов, Петре Прлично, Илија Џувалековски, Трифун Костовски…, но и Никита Станеску, Оскар Давичо, Рафаело Алберти, Ференц Јухац, Драган Николиќ, Неда Арнериќ, Оливера Катарина, Франко Неро…

Меѓутоа, тврдат, нивниот татко никогаш не ги „селектирал“ гостите, познаниците, пријателите по „општествена важност“, статус или материјална состојба. Напротив.

Бранка Д. Најдовска
„Теа модерна“, 2011 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *