…Од една страна сѐ беше исто, а од друга сѐ беше различно. Исто беше затоа што новинарството е со принципи и методи што владеат од кога постојат медиумите. Тоа значи дека за вистински професионалец најважно е неговиот текст, прилог или што да е, да биде професионално изработен и да му помогне на читателот да донесе заклучоци за одредена ситуација и да си го олесни животот во определен домен. И беше сосема различно, затоа што во Македонија имаше два пишани релевантни медиуми. Тоа беа „Нова Македонија“ и „Вечер“ и практично беше престиж да се работи во нив. Тоа значи дека новинарската професија беше многу почитувана отколку денес, а од друга страна новинарите што работеа во тие медиуми не можеа да си дозволат никакво опуштање, затоа што притисокот врз нивните работни места беше огромен. Со други зборови, во тоа време не постоеше терминот „лажни вести“, односно сѐ што ќе прочитавте беше меродавно и кредибилно. Вие, како читател, се разбира, ќе можевте да се сложите или да не се сложите со некое новинарско мислење, ама бевте сигурни дека тоа е фундирано на некакви факти…
…Натаму, тогаш медиумите беа во многу порелаксирана финансиска ситуација. Да не се разбереме погрешно, просечната новинарска плата никогаш не била висока, ама затоа медиумите не зависеа од продажба на рекламниот простор, што значи дека не требаше да се умилкуваме на било каков моќник за да опстанеме економски. Напротив. За разлика од денешното мислење за тоа време како за период на еднопартиска диктатура, слободата на изразување беше со повисок квалитет отколку денес. Новинарската селекција беше строга и работена исклучиво врз квалитет, а не според партиска припадност. Додуша, јас ја почнав професионалната кариера по смртта на Тито, кога стегите беа попуштени, но ви велам, разгледајте ги комплетите на „Нова Македонија“ во НУБ „Св. Климент Охридски’ од средината и крајот на 80-тите години па ќе видите што значи плурализам на мислења во вистинската смисла на зборот…
…Денес медиумите се борат за „кликови“ и на тој начин обезбедуваат реклами, односно финансиска одржливост. Во ваквиот систем на вреднување, медиумите повеќе не им продаваат информации на своите корисници, туку ги продаваат своите корисници на потенцијалните финансиери. Значи, во случајов читателите се третирани како компири на пазар и се небитна алка во информативниот систем, туку важни се центрите на моќ, кои треба да бидат задоволни од создадената медиумска слика. Овој, вака поставен, систем ги изместува новинарите од позиција на креатори на јавното мислење во позиција на обични извршители на одредена дејност. И тогаш, нормално, ќе имаме медиумски простор ваков каков што го имаме…
…Најлесно ми е да зборувам за мојот пример. Ние одевме на дводневно тестирање. Пишувавме вест, па вест во низа, па статија, па психолошки тест, па тест по општа култура… И на крајот од околу 470 кандидати со факултетско образование беа одбрани 40-тина кандидати со кои беше направено интервју и од нив беа вработени седум. Да се разбереме, во тогашното новинарство не функционираа институтите „врски“ и „ургенции“. Не дека немаше вработувања преку врски, туку новинарството беше професија на ачик, што би се рекло, и неквалитетот отпаѓаше сам по себе. Затоа и никој го немаше тој комодитет да прими некого преку врски…
…„Слободата на медиумите“ е излижана флоскула која служи за постигнување краткорочни ефекти во нечија политичка агенда. Медиумите секогаш биле и секогаш ќе бидат онолку слободни колку што е слободно општеството, односно неговите граѓани. Ако вие егзистирата во диктаторска или „заробена“ држава, тогаш не можете да очекувате дека медиумите ќе бидат поинакви. И тие егзистираат во истите околности, односно тие се само слика на општеството. Во Македонија кредибилните медиуми се сведени на „дебело“ малцинство, наспроти напливот на сензационалистичко „кликбајтерско“ новинарство. И тие, кредибилните, главно се финансираат од некои независни финансиски центри, односно не зависат од овдешните центри на моќ, што значи дека можат да си го дозволат луксузот да работат според професионалните стандарди, а не според нечии желби…
…Во „Нова Македонија“ на нејзините годишни конкурси секогаш се пријавуваа повеќе стотици млади образовани луѓе. И секоја година се примаа по шест-седум новинари. Првин го поминуваа едногодишниот приправнички стаж, по што многу лесно можеше да се случи да не им биде понуден договор за работа, се разбира ако не го покажат очекуваниот квалитет. Многу од нив и сами се откажуваа, сфаќајќи дека не можат да ги исполнат бараните критериуми. Меѓутоа, кога веќе ќе станевте „полноправен“ член на редакцијата, тогаш сигурноста на вашето работно место, како и вашето напредување во кариерата, зависеше само од вас. Морам да кажам дека и државата имаше многу поголем сенс за квалитетното информирање, па „Нова Македонија“, на пример, имаше прилично голема дописничка мрежа во Републиката, дописништва во речиси сите југословенски центри, постојани дописништва во Грција, Бугарија и СССР плус повремени дописништва во другите светски центри (Лондон, Вашингтон, Њујорк, Брисел…). Културната рубрика на „Нова Македонија“ на пример, имаше повеќе новинари отколку што денес вкупно имаат новинари 90 проценти од медиумите. Да не кажам дека речиси ниту еден медиум нема културна рубрика…
…Во интернетскиот медиумски простор владеат неколку заблуди. Првата е дека информацијата може бесплатно да се дистрибуира. Не може! Информацијата е стока, како и секоја друга и таа има своја цена на чинење. Производството на квалитетна информација чини повеќе и таа е поскапа. Весникот, на пример, има своја цена. Поквалитетниот весник, се разбира, е поскап. Значи, некој мора да ја плати таа цена на информацијата. Ако ја плаќаат, како што не ја плаќаат, читателите, тогаш тој медиум ќе биде уредуван по волјата и желбите на читателите. Ако ја плаќа политиката, тогаш таа ќе го уредува. Ако го плаќа маркетингот, тогаш тој ќе го уредува. Никој не фрла пари џабе. Втората заблуда е дека дигиталното новинарство е поеднаставно, поевтино и поисплатливо од печатеното. Всадено е мислењето дека секој што има малку посериозен мобилен телефон може да има свој медиум. И сето тоа во име на демократијата! Не е така! Медиумот е скап. За добар медиум е потребен добар професионален погон, услови за работа и можности за опстанок. Мене навистина не ми е јасно зошто бројните „човек-портали“ не најдат начин некако да се вкрупнат или како ли веќе се вика тоа и заено да направат еден или два сериозни интернетски медиуми, вистински портали. На овој начин, од шумата на медиуми не можеме да го видиме дрвото. Од шумот што го создаваат, не можеме да го слушнеме гласот. Како што стојат работите, денес медиумите не ја наметнуваат дневната агенда на јавноста, туку ја следат агендата на политичките партии и моќните компании. А тоа, секако, не е целта на јавното информирање…
Повеќе на rabotnik.com.mk…